Војната ќе помине, но остануваат последиците, и никој нема да се бави со овие луѓе и нивните проблеми, без разлика дали станува збор за предизвиците со кои се соочуваат лицата со статус на бегалци, баратели на азил или лицата без државјанство – претставата се бави со сите оние на кои не им е решен статусот и немаат документи.
Ова го вели Ивана Ангеловска, режисерка на претставата „Види, летам!“ чија премиера во Скопје се случи минатата недела. Со неа разговараме за процесот на изработка на претстава што се занимава со вистински сведоштва на луѓе од нашето општество и нивните проблеми за немање документи, или статус на бегалец.
Претставата е во продукција на „Вондерленд театар“, а во неа играат Драгана Костадиновска, Никола Настоски, Исмет Шабановиќ, Ана Димитрова и Леонардо Лазов. Уметнички директор е Нела Витошевиќ.
Режисерката Ангеловска за Радио МОФ раскажува дека во претставата се опфатени приказни на луѓе чии проблеми постојат со години, а кои е важно постојано да се отвораат и да се слушнат.
„Навистина беше голем предизвик. Од една страна креативниот процес дозволува едно длабоко истражување на човечките приказни за кои слушаме секојдневно преку социјалните медиуми, и можност да се истражат личните предизвици, болки и проблеми со кои тие луѓе се соочуваат, од друга страна самото тоа што претставата е базирана на вистински приказни и свесноста за постоечките конфликти кои се случуваат во моментот додава уште повеќе тежина, затоа што е потсетник дека приказните што ги гледаме на сцена не се апстрактни концепти, туку сурови вистини со кои се соочуваат луѓето во светот. За жал војната им е позната на сите генерации, а сепак ни изгледа како нешто далечно, како нешто што не може да ни се случи нас. Историјата се повторува и многу малку учиме од неа“, посочува режисерката.
Претставата започнале да ја подготвуваат од август оваа година. Имале повеќе средби со лица кои немаат документи, кои се бегалци и луѓе кои со години не можат да си го решат статусот на државјанство. Текстот чиј автор е Ана Трпеноска е реконструкција на интервјуирачкиот процес.
„Сакавме да ја вклучиме и публиката, да ѝ овозможиме да го почувствува тоа катарзично искуство и да биде сведок на овој процес на интервјуирање, зашто ова се луѓе кои на крајот на денот никој не ги прашал како им е, и важно им е некој бар да ги слушне нивните приказни. Никој нема да застане и да се обиде да се стави во нивна кожа. Тоа се луѓе кои бараат многу мали, основни работи кои ние ги земаме здраво за готово. Како што кажува и еден од ликовите во претставата: Мислам дека луѓето го земаат животот здраво за готово. Забораваат дека утре може да се разбудат и се’ ова да го нема. Целиот нивен живот да исчезне“, поентира режисерката.
Премиерата ја гледаа и некои од луѓето чии приказни се дел од претставата. Сепак, вели Ангеловска, дел од настаните и информациите се изменети поради заштита на приватноста и анонимност меѓутоа приказните се вистински.
„Театарот има моќ да хуманизира комплексни гео-политички прашања овозможувајќи ѝ на публиката да се поврзе со карактерите на длабоко емоционално ниво и да поттикне емпатија и разбирање. Ние тоа се обидовме да го направиме во претставата“, вели Ангеловска.
Додава дека иако театарот треба да се бави со општествено важни теми, не знае колку претстави се доволни и потребни за да се подигне свеста во однос на некои прашања.
„Независно дали станува збор за војна, бегалци, распаѓање на вредности, на системи, или емотивни и психолошки проблеми со кои се соочува човекот денес. Мислам дека е важно да зборуваме за работите за кои ги поттиснуваме или се табу, да размислуваме и да си дозволиме да почувствуваме и да се соочиме со работи кои можеби не ни се пријатни“, подвлекува таа.
Според неа јасно е дека сите живеат во динамично време, и дека по претставата се враќаат на сопствениот живот и проблеми, сепак може да се одвои бар еден час на сцена за сочувство со другите.
„Да го гледаш сопствениот живот одигран на сцена….Тоа што нив ги допре претставата и олеснувањето кое го почувствуваа кога видоа дека некој ги слуша нивните болки, кога видоа дека за прв пат на некој му е важно како се чувствуваат тие, дека публиката ја разбира или чувствува нивната мака, дека некој ги слушнал – за мене е повеќе од доволно“, смета режисерката.
Освен во Скопје, во понеделникот претставата играше и во Тетово, а изведби се најавени и за во Штип, Куманово и Гевгелија.
Од „Вондерленд театар“ се надеваат дека следната година ќе имаат можност да ја прикажат и во другите градови низ Македонија.
Ангела Бошкоска
Фотографии: Славјан Стојанов / Оро Радио