Подобрување на наставните планови и програми за основно и гимназиско образование, фокусирање да се забрза напредокот во средното стручно образование. Промени во високото образование со модернизирање на студиските програми, запирање на практиката на купување дипломи. Исто така, декларација, односно стратегија во консензус со повеќе политички чинители, власт и опозиција за да се постават принципи на образованието во иднина, односно да се стави печат на патот по кој ќе се движи образованието.
„Нескромно, како стабилен систем“. На овој начин, новата министерка за образование и наука Весна Јаневска во интервју за Радио МОФ го сумира она што очекува да се постигне во образованието во периодот од 4 години, односно до крајот на мандатот на Владата.
Забрзана дигитализација, промена на квоти и помош за студирање дефицитарни професии
Јаневска е доктор на медицина, специјалист по патологија и доктор на науки, а од 2011 година е редовен професор на Институтот за патологија при Медицинскиот факултет во Скопје, каде и го стекнува своето академско образование. Таа го презеде министерското столче во Министерството за образование и наука (МОН) од Јетон Шаќири.
На функцијата доаѓа во време кога Македонија општо забавува зад останатите земји во однос на севкупната дигитализација. Истиот проблем е присутен и во високото образование.
Оттука, најавува дека целосното заменување на бирократските процедури со онлајн запишувањето, заверувањето семестри и слично, ќе се прави во договор со „реконструираното“ министерство за дигитализација, а се надева дека тоа ќе може релативно брзо да се случи.
„Ние сепак сме само три недели влада и решаваме нешто што требало во изминатиот период веќе да биде решено“, вели Јаневска, седната во салата за состаноци во МОН каде го правевме разговорот.
Одговарајќи на наше прашање, таа го посочи сегашниот начин кој го практикуваат некои факултети што имаат онлајн системи, но ваквите системи ќе треба да се прошират насекаде.
„Ние никогаш не сме биле против дигитализацијата, ние сме дискутирале за тоа колку и како се трошат средства за дигитализација. Заедно со новото министерство ќе преземеме чекори, што е можно побрзо, овој процес на факултети и универзитетите да се одвива, а потоа ќе продолжиме да го внесуваме и во другите образовни нивоа. Знаете, пример, сега за упис во средно исто така можат да аплицираат преку интернет, па потоа да ги донесат документите. Ќе гледаме што е можно да ги упростиме тие процедури, да бидат поедноставни и за учениците, и за студентите“, најавува Јаневска.
Во меѓувреме, министерката е децидна дека од следната година ќе има и промени на квотите на факултетите на сите универзитети. Сега оваа година, вели, мора да поминат така, како што ги предложиле факултетите, но за идната побарала да се направи анализа на пазарот на трудот, во кој ќе биде вклучена и Агенцијата за вработување и други институции со релевантни податоци.
„Еве на пример, ние имаме недостаток на психолози, дефектолози, социолози во училиштата, а имаме преголем број на административни службеници, доктори кои се иселуваат годишно во огромни бројки, што е крајно нерационално. Иако е динамичен процес, верувам дека анализата ќе биде готова до следната година“, рече Јаневска.
Во однос на субвенционираниот студентски оброк што своевремено потегна и протести, таа не очекува да има намалувања, а за евентуални зголемувања зависи од состојбата во буџетот.
„Во ред е да имаат субвенциониран студентски оброк, за се’ друго ќе разговараме со ребалансот и со новиот буџет за 2025 година“, истакна Јаневска.
Таа се осврна и на искористувањето на тие средствата. Вели дека средствата им следат за оброк, а според неа лично, нивно право е на што ќе ги користат.
„Откако ќе ги завршиме долготрајните промени, реконструкции на студентските домови, ќе се позанимаваме и со студентскиот оброк посериозно, да видиме, ќе направиме анкета. Сѐ сега правиме преку анкети, и сакаме да го чуеме јавното мислење. Ќе ги прашаме студентите што мислат дека е за нив посоодветно. Како ќе одлучат, така ќе биде“, вели Јаневска.
Студенти веќе долго време чекаат на реновирани студентски домови, со пристојни тоалети, парно греење и без дупки во ѕидовите. Реконструкцијата годинава конечно некако тргна во „Кузман“ и „Стив Наумов“, додека Јаневска вели дека, без дилема, еден по еден, ќе бидат реновирани и средени сите студентски домови каде има потреба од акција.
„Студентскиот стандард е исклучително многу важен. Младите се наша иднина, на оваа земја иднина и тие мора да имаат барем нормални услови за да можат да учат, да се надградуваат во своето знаење и конечно да станат корисни граѓани и за себе, но и за општеството на оваа држава“, вели таа.
Новото раководство во МОН најавува и програма за воведување стипендирана квота за студентите кои ќе се запишуваат да студираат за дефицитарни професии. Финансирањето, како што е објаснето и во предизборната програма на владејачката партија, ќе треба да ги покрива трошоците за студирање и сместување, како и месечниот надоместок за трошоците за живот во текот на целото студирање.
„Некои нешта немаат цена и државата тука мора да интервенира“, смета Јаневска во однос на најавената стипендирана квота.
„Станува збор за дефицитарни професии – математика, физика, хемија, географија, па до одреден степен и македонисти, значи и таа анализа е во тек. Тие студенти кои ќе се пријават за да студираат на овие дефицитарни струки, ќе добијат поддршка од државата. За жал, во денешно време, наставници со несоодветно образование предаваат несоодветни предмети, најдрастичниот пример е наставник по ликовно да предава физика“, дополнува Јаневска.
Од први септември едносменска настава во некои училишта
Во еден момент во целата држава да има едносменска настава во основните и средните училишта. Ова е замислата на владејачката партија. Во овој момент, тоа не е можно, бидејќи има училишта, како што вели Јаневска, во кои се работи во две и три смени, покрај оние што можат да пристапат кон едносменска и целодневна настава до четврто одделение. Затоа прават анализа и ќе настојуваат на едносменската.
„Прво, затоа што е тоа природно, друго затоа што нели, учениците да учат наутро, после ноќта. Исто така, затоа што тоа овозможува подолг престој на учениците во училиштето, за многу дополнителни и наставни и воннаставни активности кои во светот се покажале корисни во образовниот процес“, објаснува таа.
Од септември, Јаневска најавува изработка на нова наставна програма за прва година. Со измените децата би имале повеќе можности во училиштето. Истовремено, во договор со Бирото за образование, на основните училишта ќе им бидат понудени повеќе новоизготвени изборни предмети.
„Наставниците имаат слобода секаде во светот, па и во Македонија, во процесот на поучување треба да користат разни методи, дидактички средства итн. Сега ќе ја добијат слободата да ги користат сите можности кои ги пружа образовниот систем – за додатни наставни и воннаставни активности. Впрочем, дел од нив и сега се предвидени, но не се остваруваат, па ние ќе се обидеме да ги стимулираме“, рече таа.
Ќе се менува пристапот на инклузивно образование
Министерката Јаневска во повеќе наврати најави дека ќе се менува концептот за инклузивно образование оти смета дека е неуспешен. Според неа, веќе постоечките т.н. МКФ служби и ресурсни центри треба да останат вклучени во инклузивното образование.
Јаневска вели дека родители до нив реагираат дека со сегашниот модел, не чувствуваат корист од инклузијата во редовното образование.
„Станува збор за инклудирани деца во редовните паралелки кои од тоа немаат бенефит и чии родители сериозно реагираат до нас дека не чувствуваат корист што нивното дете е вклучено во редовна паралелка. Дел од нив се жалат дека дискриминацијата во редовната паралелка е поголема, отколку тие да се наоѓаат во средина каде што ќе имаат деца слични на себе“, вели Јаневска.
Оттука, министерката најавува консултации, првенствено со стручната фела, во која ќе бидат вклучени психолози, педагози, дефектолози, за да се изнајде најдобро решение.
„Она што досега заклучивме е дека за децата со тешка интелектуална попреченост, а може да имаат и други попречености, да е тоа некаков мултихендикеп, треба да постојат т.н. специјални училишта во кои децата ќе имаат поприродна средина за себе, односно со кого да комуницираат, со кого да се дружат, да разменат сопствени проблеми, што дефакто во редовните училишта го немаат“, вели новата министерка.
Дополнително, Јаневска објаснува дека на родителите во согласност со проценката од МКФ ќе им дозволат да изберат во какво училиште сакаат децата да им учат, додавајќи дека можеби е за изненадување, но одреден број здруженија бараат децата да им учат во посебни училишта.
„Ова релативно брзо ќе го дефинираме, исто така ќе го дадеме на јавна расправа и веднаш ќе биде вклопено во новите Закони за основно, средно и средно стручно“, најавува Јаневска.
Концепцијата за основно образование ќе претрпи измени
Поради барањата на стручната фела, наставниците и родителите, како и повозрасните ученици кои се незадоволни од одредени делови, концепцијата за основно образование која изминатите години беше во фокусот на јавноста ќе се менува, надградува и доградува, најавува Јаневска.
Па така, уште на претходната седница, Владата ја одложи имплементацијата за седмо, осмо и деветто одделение.
„Во моментов отворивме јавна расправа за програмите за седмо, осмо и деветто, иако за деветто, новата програма сè уште не е достапна, но ќе биде сигурно до крајот на летото. Бирото за образование дополнително ќе отвори расправа, се’ со цел да ги видиме елементите што најмногу им пречат на наставниците, родителите и учениците. Секако ќе ја вклучиме и стручната јавност и ќе почнеме да ги имплементираме позитивните решенија понудени од сите чинители во образовниот систем“, вели Јаневска.
Потоа, би следувала повторна јавна расправа за Концепцијата за од прво до шесто одделение. Но, се’ мора да оди постапно, затоа што е потребно време, додава таа.
„Иако беше јавно кажано и од министерот Шаќири, а и од други извори дека учебниците за седмо одделение се спремни, ние донесовме одлука имплементацијата да се одложи и да се оди оваа година по старата програма 2024-2025, како што одеа децата 2023-2024. Не само за да имаат учебници, туку затоа што таа програма е поприфатлива и за наставниците, и за стручната фела и за учениците“, објаснува Јаневска.
Чекор по чекор, министерката се надева да стигнат до наставни планови и програми одобрени од мноштвото.
„Нема да мора секој следен министер да презема нови чекори“, децидна е таа.
На повеќе начини ќе се бара чаре за долгите листи на чекање во градинките
Со години, еден од најгорливиот проблем во образованието е недостатокот на градинки, но и долгите листи на чекање. Македонија на големо назадува и во опфатот на деца во градинки. Ако во земјата тој е околу 40%, во ЕУ тој процент е над 90%.
Но, Јаневска е децидна дека Владата ќе направи се’ во нејзина можност за да се намалат редовите на чекање. Општо познато дека во градинките или е преголем бројот на деца кои се сместени или воопшто нема градинки, па вели дека локалната самоуправа веќе почнува да го решава тој проблем, истакнувајќи и дека самата во поставување во камен-темелник на градинка.
„Баш заради ваквите проблеми, во план е на новата влада, градинките, односно предшколското образование во некое догледно време, да дојдат под ингеренции на МОН, но јас молам за разбирање и постојано ова го повторувам, нас ни е ова трета недела. Во три недели навистина решаваме горливи проблеми и гасиме пожари, но секако ќе дојде на ред и опфатот на најмалите во предучилишното образование“, вели Јаневска.
Првенствено, за Радио МОФ, таа вели дека ќе обезбедат услови, а потоа и дека ќе ги прилагодуваат и програмите и ќе го зголемуваат опфатот.
Во предизборната програма на владејачката партија веќе беше најавено дека ќе се овозможи финансиска помош за отворање приватни детски градинки, па оттука, логично се наметна прашањето колку тие ќе можат да бидат достапни за обичните граѓани, во време кога државните се во мал број и веќе пополни.
„Бидејќи навистина имаме огромен недостаток на градинки, ние на некој начин и сме принудени да бараме решение и едно од решенијата е и ова. Се разбира дека приватните градинки ќе треба да исполнат услови за да можат да работат како такви и да ги почитуваат сите правила и закони кои државата ќе ги донесе за нивно работење“, вели Јаневска.
Таа не верува дека приватните градинки ќе бидат достапни за сите граѓани, но очекуваат притисокот во државните малку да се намали, па оттука, како што вели, на оние граѓани кои немаат можност за приватни, им даваат можност и пристап до државните градинки.
Запрашана за тоа дали можеби се размислува на некаква државна помош за децата да можат да бидат опфатени и во приватните градинки, Јаневска вели дека јавноста мора да знае дека наследиле огромни долгови во сите ресорни министерства и дека сега се справуваат со тоа.
„Гледате, премиерот објави нова голема инвестиција и првенствено со што оваа држава мора да се справи е економската состојба на граѓаните, да ја подобриме. Jас би била среќна кога ние ќе имаме исклучително низок број на граѓани на кои ќе им треба државна помош. Во зависност од ребалансот сега и носењето на буџетот идната година, ние ќе решаваме како ќе можеме да помогнеме и на тие граѓани“, посочува Јаневска.
Мартин Колоски