Многумина често ги најавуваат како бендот „Ние сме КЕМ“ поради нивниот потпис на социјалните мрежи. Сепак, ние сме дечки, а тие се „КЕМ“ во состав на Емир Јашаров, продуцент и гитарист, Марко Марковски, вокал, Катерина Начева, исто вокал и басистка и Марко Захариев, тапанар.
„КЕМ“ е фузија од инди, хип хоп, ар ен би, семплови од авторска гитара и синтисајзер, пикник мелодија и поезија со истовремена критика до општеството, што од неодамна ја раздвижува алтернативната музичка сцена кај нас.
Тие пред некој ден ни беа на гости долу во студиото на Радио МОФ, на подкастот „Celebratelife“ АМ шоу кај Индог. Со нив поразговаравме за нивното музицирање, темите за инспирацијата, сцената и следните планови. Неизбежно беше да ги прашаме за симболиката на краткото име на бендот.
„КЕМ“ освен што ги носи иницијалите од нивните имиња е инспирирано и од „КИМ“, југословенски џез-рок бенд од 80-тите години.
Оттаму тргна дискусијата за музика; кој што и кога слуша, кои музички правци ги движат, како тоа влијае врз креирањето авторска музика. Ни кажаа дека сите имаат различни музички влијанија кои ги инспирираат за музика, така било и додека го спремале албумот „Columba Noachi“ во пандемиските 2020 и 2021 година што излезе на почетокот од септември лани.
„Воглавно сите пишуваме, за сè се фаќаме сите, мора сите да имаме некој удел и во музиката и во аранжманот и во концептот и во текстот. Секој си има инспирација и сите ќе се фатиме за една реченица ако таа не звучи добро, многу сме ‘picky’ – секоја реченица треба да ни звучи како што треба. Колку удел има Марко, толку удел има и Кате кога ќе нè испокара за нешто пошто ние сме рапери“, се смее додека раскажува Емир.
https://www.tiktok.com/@radiomof/video/7246493573443620101
*Марко прави freestyle на подкаст кај Индог.
Музичката атмосфера во нивниот прв проект ја споредуваат со пикнишко расположение, на ќебенце во природа. Сепак, албумот комбинира стилови за разновиден спектар на слушатели. Во песните има лирика која варира од личното искуство до колективното и општественото што на крајот им дава глас на чувствата, проблемите и состојбите во кои се младите тука и денес.
„Тоа што гледавме, тоа што ни се случуваше, што беше секојдневие, а и претпоставувам дека има сличности кај секој тука – тоа беше точката што сакавме најмногу да ја опфатиме дека секој иде низ истото и затоа може да се најдеме на таа тема, или прошол или ќе го стигне, некој таков муабет е. Социјални проблеми, или приватни или домашни или општествени, генерално тоа опфаќа. Финтата беше што сето тоа се случуваше во тинејџерската возраст, кога си најкритичен и баш тогаш се случи локдаун“, раскажува Марко кој е вокал, односно „MC“ во бендот.
Со текстовите, додаде тој, не заземаат став туку даваат мислење за она што ги опкружува.
„Не викаме дека е лошо тоа што ‘матиме вода пред разни луѓе’, или дека ‘гушиме искреност’, дека ‘купувам ова’, ‘правам вака’… не викам дека е лошо, само такви сме“, вели тој.
„Понекогаш луѓето сакаат да се поистоветуваат со дадаистички напишани текстови за да може да си ја интерпретираат својата сопствена приказна, а понекогаш сакаат да се поврзат со текст што е многу директен како на ‘Антиделувиан’ затоа што такви текстови удираат што викаме ние младите ‘close to home и close to heart’ во буквална смисла“, се надоврзува тапанарот Марко.
Тој додаде дека секој артист има посебен звук по кој се одделува, оттаму и тие се стремат кон тоа да не се определат жанровски туку да прават музика што ним им звучи добро.
„Конкретно за EP-во беше тоа што многу бевме гледани како ‘lo-fi’, пикник албум и воопшто не ни беше идејата да сме ограничени или ставени во некој шаблон дека сме за ‘животот и за проблемите’, не, така се погоди сега. Затоа ‘Завист’ го извадивме како сингл за да покажеме дека има и нешто друго од нас“, вели Марко.
Тоа се случува и на нивните настапи во живо. Тие велат дека е динамично да си во „КЕМ“, а публиката има впечаток дека е динамично да си со „КЕМ“ за сцена. И самите кажуваат дека секој пат звучат различно, затоа што сакаат да си поиграат со она што го снимиле и она што на слушателите им е достапно за слушање дома, а на свирка да им понудат и нешто ново.
„Интересно е да смениш малку, не само за слушателите дека веќе ги имаат слушнато песните, па ќе им биде досадно, туку и за нас. Кога го снимавме албумот немавме бубањ и бевме принудени на поинаков начин ги спремаме песните. И сега кога имаме бубањ за во живо и кога можеме да се менуваме со инструменти имаме многу слобода да ја измениме песната во живо“, посочува Кате.
Обично ја свират и песната „Едно пиво“ која не е објавена на платформите за музика, ама присутните го знаат текстот и ја пеат, а тука се и нивните „Ние сме ‘КЕМ’, а вие сте дечки“, „Мала кола“, „ЕПП“ преку кои разговараат со публиката.
„Кога публиката ќе дојде на настап не сака настапувачот да биде најстегнат на свет и да ја изведе песната баш како што е снимана и ништо повеќе, туку сакаат да ја осетат слободата. Кога ќе види дека настапувачот е опуштен и дека ‘he is just having the time of his life’ тогаш се осеќа дека е во комфорт зона и се опушта. И нема ништо подобро од опуштена публика“, поентира Захариев.
За да се создаде таква конекција со публиката, хемијата мора прво да постои меѓу членовите на бендот. Во дружбата со нив се насетуваше другарство со ретка искреност.
„Марко прво се запозна со Емир и му кажал ‘имам другарка што свири исто како тебе, да ве запознаам’… и Марче е лепакот. Се запознавме и почнавме да си свириме и Емир ме навлече на многу музика што не ја знаев пред тоа“, се сеќава Кате.
Покрај досегашната поддршка од сцената, другите бендови, постари музичари и секако растечкиот колектив „Гола планина“ од којшто се дел, велат дека не сите млади бендови на почеток ги имаат нивните услови.
„Други луѓе ќе смислат текст, музика и треба сеа да идат да бараат студио, да бараат човек за миксање, па бараат буџет. Шала на страна, кога сето тоа го имаш во едно пакување и се вика Емир и го имаш во твојот бенд ти дава предност“, смета вокалистот Марко.
Другиот Марко посочи дека отсуствува поддршката од медиумите за младите бендови.
„Еве класичен пример. Дома си пуштаме радио и секогаш ги слушаме истите песни. Се прашувам до кога ќе бидеме заглавени на Владо Јаневски? Почит за човекот, ама сега имаме нешто што е свежо, само што е извадено од фурна и не го користиме тоа, туку презентираме бајати ствари од пред 20 години. Респект за тие што биле пред нас и што ни го предале факелот за ние да го преземеме и да креираме нова музика, ама исто така треба и некој да ја пушта таа музика, да ја покаже кон јавноста. Никој не сака бајат бурек. На пример ‘Луфтанза’ на своја рака си направија балканска турнеја и никој не зборуваше за тоа освен нели, ние. Сега сфаќам дека за нашиот успех како музичари, не само како бенд туку како музичари, целото движење, новиот бран го зборат само тие што ги интересира и никој нема да отиде на радио. Ја има сцената, ама кој да ти каже и кога не си побарал “, вели тој.
Емир надежта ја гледа во сцената, а сите се согласуваат дека постојано расте и бројот на фанови на македонска музика што заедно со бендовите ја гради таа сцена на новиот музички бран. Всушност кај „КЕМ“ концептот на надеж е присутен во целиот албум, почнувајќи од името „Columba Noachi“ – што во превод е гулабот на Ное што ја носи надежта за живот по потопот, па се до стихот „Само надежта ни го држи духот силен“.
„Лека полека ќе дојде и поддршката. Има многу конкурси за бендови за да свират надвор. Не дека нема можности за еволуција“, посочува Емир.
Следното EP што може да го очекуваме летово го најавија како ништо слично на албумот, туку нешто ново и за рипање, хаотично и нивно. Ќе го именуваат „Камен. Пламен. Татко“.
„Покрај EP-то ќе се фокусираме и на соло проектите. Јас имам свој соло албум, Марко си има свој соло албум. После EP-то јас би сакал да поработиме на овие соло проекти што може да ги очекувате“, вали за крај Емир.
Соло проектите нема да го „успорат“ креативниот порив на „КЕМ“. Размислуваат и за видео спотови на песните, а во план е уште еден албум за кој имаат идеи, бидејќи велат, најфокусирани се кога работат на подолго издание со повеќе песни отколку само на синглови, но најважно ќе продолжат со звукот на „КЕМ“, бенд кој има што да му каже на општеството.
Ангела Бошкоска
Фотографии: Атанасија Гулевска