Ако прошетатe низ својот град, сигурно ќе сретнете некој од продавачите на „Лице в лице“. Тие се таму – секојдневно по улиците и плоштадите. Веќе се претпознатливи меѓу граѓаните, млади или возрасни, кои често подзастануваат да се поздрават, помуабетат и си купат од списанието. Во него се спакувани теми за животна средина и јавни простори, социјална вклученост, одржливи практики, активизам, културен развој, различни аспекти за заедницата… Темите се во директен сооднос со мисијата на „Лице в лице“ да поттикнува општествена одговорност, но и да го промовира моделот на социјално претприемништво, преку засилено учество и видливост токму на продавачите од ранливите категории. „Лице в лице“ годинава полни една деценија, па Радио МОФ направи интервју со Климентина Илијевски, извршната директорка на „Паблик“ под чија закрила се развиваше иницијативата што прерасна во движење.
Со акцијата „Лето со Лице в лице“, одбележувате 10-годишнина на Платформата за одржлив развој „Лице в лице“, во чии рамки излегува и уличното списание кое го продаваат ранливи сограѓани. Во овие 10 години, што ви доаѓа прво на памет кога зборувате за „Лице в лице“?
Кога ќе кажам „Лице в лице“ прво нешто што ми доаѓа на памет е љубов, а потоа и истрајност, грижа, посветеност, тимски дух. Во љубов сме со „Лице в лице“ затоа и опстана и стигна до овој за нас значаен јубилеј. Зад него стои силен тим кој што е столбот на она што се градеше и што се гради, а дел од движењето „Лице в лице“ се бројни професионалци кои што пркосат, кои што имаат визија и кои што сакаат и се вложуваат себеси во создавањето подобро општество. „Лице в лице“ се и нашите партнерски организации преку кои што се вклучуваат продавачите во продажбата на списанието – „Порака наша“ од Струга, Дневен центар за деца од улица од Шуто Оризари, „Порака Неготино“, МКЦ од Битола, „Порака наша“ од Куманово, Црвен крст на Град Скопје, „Бравура“ од Делчево… Највидливиот дел од оваа структура се продавачите, тие се лицето на „Лице в лице“, тие се промената што се движи по скопските улици. Нивните успеси и развој покажуваат колку всушност ни е потребно „Лице в лице“. Од друга страна, „Лице в лице“ е и неговата публика која што расте со содржините на списанието. Нема поубаво нешто од тоа кога читател ќе ти каже какво влијание оставил некој текст врз него, како го поттикнал да промени нешто, како му овозможил да види нешто од друга перспектива. Читатели ни споделуваат дека создаваат и мини клубови – го читаат списанието, а потоа се сретнуваат и разговараат за темите во конкретниот број. Сознанието дека влијаеме позитивно во животите на луѓето не’ движи, заедно со видливите промени во животите на нашите продавачи.
Инаку, акцијата „Лето со Лице в лице“ е продолжување на одбележувањето што старуваше со „добри картички“ кои што ги промовиравме во рамки на Меѓународната недела на уличен печат, во првата недела на февруари кога целиот свет ја слави работата на продавачите уличен печат. „Лице в лице“ има се повеќе женски продавачи и во рамки на ова одбележување сакавме да ставиме посебен акцент на нив, на нашите силни жени кои што често се и двојно и тројно дискриминирани. „Добрите картички“ чиј автор е дизајнерката Ружица Мандичевска носат важни пораки кои што се потсетници за (не)видливата дискриминација, но и ја поттикнуваат грижата за себеси која често дозволуваме да биде проголтана од бурното секојдневие. Одбележувањето ќе го заокружиме во септември со еден инклузивен спортски натпревар кога ќе обединиме еден тим по кој што светот ја препознаваше Македонија кој што ќе игра заедно со продавачите на „Лице в лице“.
Низ годините, продавачите на „Лице в лице“ продаваа списание од 100 денари, од кои педесет отсто одеше за нив. Уште ли важат ваквите заложби, односно вредности со кои „Лице в лице“ доби претпознатлив статус?
Се’ уште цената на списанието е 100 денари. Минатата недела со започнувањето на акцијата „Лето со Лице в лице“ два броја од пропуштено четиво на списанието ќе се продава по цена од 100 денари. За жал, за време на пандемијата имавме списанија кои што продавачите на успеаја да ги продадат на терен, па сега е вистинското време да ги понудиме по половина цена. И така е, половина од продажната цена на списанието, како што пишува и на самата корица, оди директно за продавачот, дваесет проценти од останатата половина оди за партнерската организација која што го координира продавачот, а остатокот се вложува во продукција и печатење на нов број.
Енормното зголемување на цената на хартијата, за жал, ќе донесе промени и во цената на „Лице в лице“ и доколку не се направат тие корекции, иницијативата нема да може да опстане.
Како се држевте со проблемите од пандемијата, но и целиот пазар, каде цените и услугите постојано растат? Како се соочувате со ваквите предизвици и трендови?
Да, имавме сериозни предизвици и ние и сите улични списанија ширум светот. Затоа се пристапи кон електронски изданија кои некаде беа целосно неуспешни. Кај нас успех во ваквата продажба имаа само мал број продавачи. Сите тие имаат своја продавничка на интернет, дел од нив поминаа и низ обуки за интернет продажба, но суштината на уличниот печат е друга. Лице в лице комуникацијата е инклузивниот клуч кој им ја отвора вратата кон значајни промени во нивните животи. Ова, комуникацијата и продажбата на интернет никако не може да го замени. Затоа враќањето на улиците на продавачите на списанието значеше и враќање во начин на функционирање во кој што се чувствуваат прифатени, се чувствуваат дел од ова општество, работат и заработуваат, имаат достоинство. Кога се случи пандемијата, наеднаш од нив баравме нешто сосема спротивно од она што претходно ги учевме – „Седете дома“, наместо „Бидете што повеќе надвор, продавајте, дружете се!“. За жал, некои од нив во тој период се вратија на стари начини на далување. А ние моравме да започнеме акции кои што никако не беа во духот на јакнење на нивниот претприемачки дух, но кога некој се соочува со неможност да ги подмири основните дневни трошоци, морате да дадете брз одговор. Делевме пакети зашто ситуацијата не’ примора. Сега се враќаат во колосек, сега самите заработуваат, им се враќа насмевката на лицето и достоинството.
Рековте, списанието е дел од поширок концепт, движење на уличен печат. Што овозможува уличниот печат, можеби повеќе непосредност и блиска комуникација меѓу продавачите и купувачите?
Така е. Уличниот печат ги носи лицата од маргините меѓу нас за да имаме можност да се почувствуваме, да се запознаеме подобро, да учиме едни од други, да видиме дека сме исти, само на некои од нас во животот им биле понудени помалку можности. За време на пандемијата, продавачите од „Порака Неготино – Волково“ беа речиси целосно изолирани како превенција за нивното кревко здравје. Ги немавме видено скоро две години. Да бидам искрена, многу ми недостасуваа. Од нив научив како повеќе да му се радувам на животот, на малите нешта и секогаш кога ќе ги слушнев дека доаѓаат, ме подигаше нешто од столчето, оставав што и да имам од работните активности за да поминам време со нив. Ги доживувам како извор за напојување со позитивна енегија. Замислете, да имате по некој таков вработен во вашата работна средина, се разбира вработен согласно неговите вештини и афинитети, никако проформа за да се покаже инклузивност… Верувам дека новиот Закон за вработување лица со попречености ќе отвори простор за ваква вистинска инклузија. Знам дека продавачите на „Лице в лице“ оваа енергија ја пренесуваат и на купувачите. Точно е дека имаат и денови кога не им се сите коцки на број, ама верувајте, им се местат кога ќе им кажете убав збор, ќе ги пофалите, ќе им дадете мала причина за радост.
Една од целите на „Лице в лице“ е да се обезбеди работна интеграција на продавачите на списанието. Ова се однесува на професионализација, или повеќе во однос на стекнување навики и структуиран начин на живот?
Ова второво – стекнување навики и структуриран начин на живот. „Лице в лице“ обединува различни групи продавачи кои што се потешко вработливи и лица кои што имаат ниски примања и им е потребен дополнителен приход. Кај вториве веќе постојат тие навики и тие го продаваат списанието за да го дополнат семејниот буџет. На првите поради дологото отсуство од пазарот на труд им треба внесување структура во нивниот живот и стекнување навики како подготовка за отворениот пазар на труд. Кога станува збор за лицата со попречености пак, на поголемиот дел од нив сме им всадиле во глава што се’ не можат, не знаат, а не ни можат да научат. Нивниот ангажман во „Лице в лице“ го докажа спротивното и тоа беше заеднички влог со нашите партнерски организации. На почетокот, повеќето од нив се движеа низ град со придужба, не ги препознаваа парите, не знаеја да вратат кусур. Сега овие корисници од „Порака Неготино“ со силна поддршка од тимот на организацијата што ги згрижува, сами го менаџираат буџетот од продажба во заедницата, си ги планираат набавките и одморите. Значи, не дека не знаат, туку не им се дало можност да научат. „Порака наша“ од Струга пак, поради големиот успех во продажба, го вработи продавачот во нивната организација како продавач на „Лице в лице“ и ова е еден пример кога е согледано дека лицето има изразени продажни вештини и дека ова е профасијата во која што најмногу може да се реализира себеси.
„Лице в лице“ изминативе години некако оди рака под рака со целата борба за пробивање на социјалните претпријатија. До каде стигна овој процес, кој паралелно чинам значи и борба за намалување на невработеноста, нееднаквоста, борба за основни услуги и човекови права…?
Се дури државата не разбере колку се важни социјалните претпријатија во создавањето поодржлива иднина и дури не почне да ги гледа овие ентитети како актери кои можат да придонесуваат во вкупната економија, нема да можеме да зборуваме за развој на социјалната економија. Сега ова што го имаме се обиди, влечење по нестабилен лизгав терен. За жал, не создаваме услови за развој на социјални претпријатија, туку само фрламе по некоја семка на необработена почва. Затоа немаме род и нема да имаме дури ова не стане еден од приоритетите на државата. Не да создаваме привиден екосистем зашто ЕУ тоа од нас го очекува, туку зашто веруваме во бенефитот што социјалната економија може да го донесе во развојот на земјава. Очигледно не веруваме и затоа расфрлањето со по некоја иницијатива се губи во просторот и не не’ носи кон долгорочни резултати. А точна е твојата констатација дека развојот на социјалните претпријатија ќе значи можност за пофер работни места, намалување на нееднаквостите, а профитот нема да биде бенефит само за сопствениците и акционерите туку и за работниците и за пошироката заедница.
За крајот, неизбежното прашање – што се следните чекори на „Лице в лице“?
Нема да зборувам за предизвиците, а ги има многу. Кога ќе го прифатиш фактот каде функционираш и дека поддржувачката средина за социјални претпријатија нема да се создаде, тогаш се потпираш на твојата сила и се обидуваш самиот да си ја изградиш таа поддржувачка средина. Веќе имаме некаква зрелост, искуство и знаење и личи дека влегуваме во фаза каде што треба да понудиме нешто ново. Тоа новото е поврзано со партнерства – еден од клучните сегменти во одржливиот развој. Верувам дека за брзо ќе бидеме подготвени да ги споделиме новините.
Печатот насекаде во светот умира. Точно е дека уличниот печат опстанува поради мисијата, но би сакале подготвено да одговориме на она што го носат трендовите… Кога се чувствува нелагодност, кога нешто те боде, тогаш е вистинското време да се роди нешто ново. Пред неколку години, „Лице в лице“ беше инспирација да се роди социјалната иновација – социјално менторство (менторство при работна интеграција) која ја тестиравме во пет земји го регионов. Резултатите се одлични. Верувам дека и во иднина „Лице в лице“ ќе инспирира, и нас како тим во создавањето на нови иницијативи и на сите кои што на некој се допираат со него.
Бојан Шашевски