Искусниот дебатер од штипскиот дебатен клуб „Актив“ Кристијан Панев го освои првото место на Државниот натпревар по ораторство. Панев е студент на Правен факултет при Универзитетот „Гоце делчев“ во Штип, a oвојпат се натпреваруваше во конкуренција на 18 учесници од шест универзитети. Во своето интервју за Радио МОФ, тој зборува за ораторската награда, за студентскиот живот, желбите и идни планови.
Радио МОФ: Од каде испирацијата за говорот„Доста сонуваме, време е да ги оствариме нашите соништа“?
Говорот којшто го одржав беше на дадена тема од организаторите на целиот настан, којашто гласеше „Доста сонуваме, време е да ги оствариме нашите соништа“, така што во контекст на темата, инспирацијата доаѓа од секојдневните случувања и средината во којашто живееме, па до некаде може да се каже и од соништата на нас младите во државата.
Радио МОФ: Какво е Вашето претходно искуство во ораторството?
Кога зборуваме за искутво во ораторството, тоа потекнува од моите средношколски денови, кога прв пат станав дел од дебатниот клуб во Штип, од каде што имам учествувано во многу дебати и дебатни натпревари… додека конкретно за вакви натпреварувања, првото искуство го имав минатата година, кога и победив на натпреварот во ораторство при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.
Радио МОФ: Ја очекувавте ли наградата и каква беше конкуренцијата?
Искрено не ја очекував, но секако дека се надевав и позитивно ме изненади тоа што токму јас победив. А конкуренција беше голема, со оглед на тоа дека настапуваа 18 учесници, студенти од сите универзитети во државата, така што мислам дека сите беа добри во своите излагања.
Радио МОФ: Кој е подобар оратор – студентите или политичарите?
Мислам дека студентите се многу добри политичари, а политичарите пак, како да заборавија како е да се биде студент. Мислам дека има и добри и лоши оратори и кај едните и кај другите, иако ако треба јас да одлучам кој е подобар, тоа би биле студентите.
Радио МОФ: Каков е животот на еден млад студент во Штип?
Веројатно секој различно го доживува, согласно со неговите животни навики. Мојот е прилично динамичен, се обидувам да ги завршам сите обврски што факултетот ги бара од мене, но и да имам време за да го искусам тој „студентски“ живот што сите го зборуваат, онолку колку што е можно тоа во Штип…
Радио МОФ: Каде се гледате себеси во иднина?
Кога минатата година, по победата на УГД ми го поставија ова прашање, одговорив „Работејќи на мојот докторат, надвор од Македонија“. Мислам дека од тогаш не се смени многу мојот одговор, иако имам и други желби и амбиции.
Изработено од членовите на Медиа-арт клубот „Актив“ од Штип