Кристина Јовановска, дипломирана електро-инженерка, од областа на Електроенергетика и управување, е единствената Македонка која студира магистерски студии по нуклеарно инженерство, а деновиве влезе и во историјата како првата жена од Македонија која управувала со нуклеарен реактор, и тоа ТРИГА Марк 2, во Словенија.
Таа своите додипломски ги завршила на Факултетот за електротехника и информациски технологии — ФЕИТ во Скопје. Вели дека отсекогаш сакала да навлегува во светот за производство на електрична енергија, што ја довело и до многу успеси. Јовановска била стипендистка на ЕЛЕМ, а нејзиниот просек бил меѓу најдобрите во генерацијата.
Сепак, за првпат почнала да учи за нуклеарната енергија како извор на електрична енергија дури во последната година од своето студирање, кога преку програмата за размена на студенти, ЕРАЗМУС+, таа заминала во Загреб, на Факултетот за електротехника и компјутерски инженеринг. Тогаш ја имала и првата можност да ја посети Нуклеарната електрана Кршко во Словенија.
„Тоа беше љубов на прв поглед – знаев дека некогаш и некаде ќе учам нуклеарна физика“, вели Јовановска.
„Магистерските студии по нуклеарно инженерство на Факултетот за математика и физика (Fakulteta za matematiko in fiziko) во Љубљана ги почнав една година по дипломирањето. Бидејќи не го знаев јазикот (студиите се на словенечки), а одговорот дека сум примена го добив само 2 дена пред почеток на студиите, првиот семестар ми помина во читање англиска литература и снаоѓање како знам и умеам на предавањата, вежбите и лабораториските вежби, и воопшто во Словенија. И веќе погодувате, ја паднав првата година, со положени предмети од втор семестар кога веќе го поднаучив јазикот. Работев еден семестар на Одделот за Реакторско инженерство – Р4 при Институтот Јожеф Стефан“, раскажува Јовановска.
Управувањето со истражувачкиот реактор ТРИГА Марк 2 е една од лабораториските вежби кои Јовановска ги посетува во склоп на изборниот предмет Експериментална реакторска физика, кој го предава главниот истражувач на Одделот за Реакторска Физика – Ф8 на Институтот, кој е исто така главен и одговорен за реакторот ТРИГА, нејзиниот професор доц. др. Лука Сној.
„Овој процес значи запознавање со постапките за стартување и управување на нуклеарен реактор, како теоретски така и практично. Тестот пред стартувањето на истражувачкиот реактор TRIGA Mark II го направивме заедно сите студенти кои го имаме избрано овој предмет, значи ги вклучивме и ја проверивме работата на радиолошката, нуклеарната заштита, ја проверивме инструментацијата, вентилациониот систем, аргонскиот систем, комуникацискиот систем, ја проверивме температурата на водата за ладење на реакторот, активноста на примарната и секундарната вода…итн, и со тоа го исполнивме контролниот лист „Тест пред стартување на реакторот”. Потоа, секој од нас направи стартување, стабилизирање на одредена моќ на реакторот, намалување на моќта и запирање на реакторот“, образложи Јовановска.
Процесот, нагласи таа, е важен од аспект на културата за нуклеарна безбедност, според која има точно одредени процеси и правила кои треба да се почитуваат при стартување и управување со нуклеарни реактори. Важен е, исто така од аспект на проверка на способноста на студентот (односно кандидатот за нуклеарен оператор) да биде фокусиран и присебен при управување со реакторот, и целото свое теоретско знаење од реакторска физика да го спроведе во пракса.
По завршувањето на магистерските студии, Јовановска ќе биде нуклеарен физичар, а магистерската тема и понатамошното потесно знаење ќе и биде од областа нуклеарна термохидраулика.
„Иако постојат проекти преку Меѓународната атомска агенција за поголема застапеност и вклучување на жени во оваа област, сепак според мене се уште е мал процентот на жени во индустријата и истражувањата од областа на нуклеарната енергија. Се надевам дека мојава сторија ќе биде инспирација за што повеќе жени да учат и потоа да се вклучат во работа на некои нуклеарни објекти“, смета Јовановска.
Во целиот овој процес на студирање, нејзината најголема поддршка ја добила од своите родители.
„Верувам дека како што беше случајот кај мене, така и кај секој човек барем еднаш во животот доаѓа таква силна желба да учи нешто што многу го интересира. Нуклеарната енергија е еколошки извор на електрична енергија, голема моќ на сметка на мал испуст на штетни гасови, стабилен извор на електрична енергија, овозможува раст на економијата и придонесува кон енергетската независност на една држава, користена е во индустријата, во медицината… За ова би можела да зборувам со денови“, се пошегува Јовановска.
Но, во Македонија не постои ваква програма на специјализација, односно магистерски студии по нуклеарно инженерство. Нема ниту истражувачки реактор, па дури ниту Национална агенција за нуклеатни технологии, забележува Јовановска.
„Не секогаш каде што има волја има и начин“, кратко оценува оваа студентка.
Јовановска сега е посветена на своите студии, на своето теоретско и практично знаење. Таа се уште не знае кон што ја води иднината, но на прашањето дали би се вратила во Македонија да го работи тоа што го научила, таа нагласи дека овде не може да го применува во пракса она што го научила.
Емилија Петреска