„Man in a Suit“ се млад петчлен музички состав. Изминативе години свиреа во Штип, МКЦ, во паркот во скопско Ченто… За себе велат дека прават меланхолична музика со многу емоции, а вистинска магија и фидбек со публиката очекуваат откако ќе (про)течат свирки по олабавување на пандемијата. Свирките ги доживуваат „како секс“. Четири години по формирањето на бендот, нивниот деби албум „Reveries“ е конечно објавен, спакуван во 10 теми, спремен да понуди „џемови, опасни солажи и по некоја песна“.
Самите така го презентираа на социјалните мрежи. Токму преку Фејсбук слушнав некоја од песните, ми влегоа под кожа, па инстантно му пишав на гитаристот и вокал Дарко Медарски да направиме интервју, да ги запознаам од „прва рака“. Веднаш прифати.
Ја собра бандата и се најдовме во „Макотекс“ во Карпош 4. Ова е простор каде „Man in a Suit“ одржува проби. Голем комплекс, полн со музичка и културна историја. Не мора секогаш да биде „а ние само по гаражи“. Ова е место за вежбање музика без досадни комшии. Свртувалиште за бендови и нивни пријатели.
Дечките го карактеризираат како „специјалното место во Македонија“.
„Ова е старата телевизија. Пред МРТ зградата, тука уствари била телевизијата. Тука се ‘Pluto’s doubts’, ‘Rib’, ‘Zulu 3.4’, ‘Planktons’… Тука е студиото на Ивица Јанкуловски – Штраф, исто така Урбан ФМ е горе… Овој долен дел, наменски, е целиот за свирење. Има дружби, убава атмосфера, услови за свирење, има и чувар. Пред да се случи карантинот, тука кисневме постојано до доцна. Со рандом луѓе. Ова ни е нашиот ‘плочник’“, вели Дарко.
„Ова е една од работите што најмногу ми недостасува откако почна пандемијава. Не можев да дојдам и да си поџемам со некој, да си поседам“, се надоврзува Кирил Тројачанец, саксофонист, горд сопственик на инструмент што датира од 1940-ите.
Четворица психолози и лингвист во приказната наречена „Man in a Suit“
Дарко и Кирил во „Man in a Suit“ се придружувани од Филип Методиев на гитара, Дарио Циевски на тапани и Теодор Јефремовски на бас. Последниов не беше присутен на разговорот. Теравме во студиото без него.
„Теодор по струка е филолог, лингвист, а ние четворица сме психолози. Таква е нашата спојка“, велат низ смеа дечките.
Зборуваме за музика, медиуми, пандемија, психологија… и се’ што ни дојде низ муабет. Се чувствува дека повеќето имаат рокенрол бекграунд, иако варираат стилски. Сите се некаде по 25-26-27 години. Млади, ама со фина музичка километража. Во нив има ентузијазам и оптимизам. Има и разочараност, став и витална зовриеност. Се’ што треба за рокенрол пристап.
Дарко раскажува дека претходно со Филип свиреле во составот „Скоро слатко“. Првичната идеја за „Man in a Suit“ била да бидат трио, стандард рокенрол бенд со гитара-бас-тапан. Сепак, дружината се проширила… Почнале да кројат планови, песни, концепти, а потоа отишле на свирка во „Винил“ кај Соборна црква.
„Дарио свиреше со ‘Морфеј’. Многу јако тропаше на бубањ, бев воодушевен! Заврши свирката и го прашав дали сака да ни чука во бендот. И, така почнавме 2017-та, буквално направивме 4-5 проби и отидовме на снимање. Меѓувремено наидовме и на проблеми со продуцирање… Ама, тоа е минато. Потоа го викнав и Кирил да свири сакс за песната ‘I failed’. Отсвире супер соло!“, раскажува Дарко.
На стартот им свирел друг басист, Давор од Берово, кој имал голем удел во приказната. Но, поради сплет на околности – Давор се откажал.
„Рече ‘дечки, не сакам да ве кочам ради превоз, Берово, едно-друго…’. И така го најдовме Теодор, кој уствари му е братучед. Го најдовме ‘преку врски’, по пат на непотизам. Сите бевме од иста ‘партија’. Партија рокенрол!“, низ смеа кажува Дарко.
Албумот се „крчкал“ четири години
Нивното деби „Reveries“ е сниманo во Enterprise Recording Studio, со микс и мастер на Горан Стојчевски, додека коверот е на Дарко Јаневски. Материјалот e делумно стар. Комбинација од песни напишани пред четири години, некои разработувани во меѓувреме, при проби и џемање во студио.
„Во Македонија за снимање е секогаш тешко. Ајде да собереш пари, па да најдеш место, па може да ти бараат многу пари, па дали ќе си задоволен од трудот.. Плус, имавме некои лични работи, чекавме долго, затоа албумот се одложи за 2021“, објаснува Дарко.
Гитаристот Филип вели дека обично компонираат групно. Тоа обично им успева.
„Ако донесам некоја разработена идеја, стално има некоја замерка, ‘не така, не овака’. И, на крај пропаѓа. А, ако правиме нешто групно, тогаш тоа останува“, вели тој.
На прашањето како би ја дефинирале нивната музика, за Дарко таа е „широка како океанот, меланхолична музика со емоции“, додека тапанарот Дарио жанровски ја сместува во „некој вид на рок, со удел на прогресив рок.. и што и да прават Radiohead“.
„Има еден другар, за албумот вика ‘како подзаборавен прогресив рок албум, некој од 70-ти’“, вели Дарио.
„Сржта на бендот е во свирките во живо“
Пандемијата главно ги оттргна музичарите од свирки. Не само „Man in a Suit“. Свирките се местото за „магијата“, главниот фидбек со публиката. Всушност, сите таму се публика, рецепиенти, се дружат преку музика, уживаат во културен провод. Таму се како дома.
Според момците, сжрта на бендот е токму во живо. Така владеат поинакви емоции.
„За бендот, ако го гледаме како некоја врска, свирката е секс. Ако го нема, се случуваат кавги, ама ако го има многу – станува површен“, опишува тапанарот.
Додека чекаат нови концерти, нивната музика се шири преку сите стриминг платформи. Бендот останува активен на социјалните медиуми, зашто моментално нема друг избор за активирање на слушателите.
Дискутирајќи за поширокиот културлошки контекст во Македонија, согласни се дека политичарите се културата во земјава, наместо самите културни работници. Политичарите се „фаците“, како некаков репер и дострел. Истовремено, даваат критика и до медиумите за (не)културната афирмација во државата.
„Човек како човек е адаптивно суштество. Што му понудиш, пласираш, доволно е да му повториш пет пати и му ‘влегува’. Но сега, на радија, ТВ емисии – недостасуваат снимки од свирки и фестивали. Зборувам за македонска музика. Другари од Куманово, некогаш немаат врска што се случува во Скопје, и обратно. На социјалните мрежи, пак, сите постираат она што слушаат, па главно сме изложени на странска музика. Не дека е тоа лошо, но недостасува некоја ентитет за домашна промоција. Останаа само неколку ОК медиуми“, вели Дарко.
Недостасува жар во културната сцена?
Смета дека во последните 4-5 години е замрена културата. Не само поради ковид. Се гледале порано со бендови на свирки, вели тој, имало повеќе интеракција.
„Се знаеш со едни, со некои си ОК, на други им викаш ‘дај да позајмам кабел жити се’’. Имало разни ситуации. Мислам дека и квалитетот на музиката ни е опаднат. Се фура некој скопски стил, мешавина од поп и електроника. Мене лично во сето тоа ми фали жар. Рокенрол!“, смета Дарко.
За Кирил недостасува фидбек од луѓето одговорни за целата културна сцена. Затоа, вели тој, секој си работи нешто вон музика. Ова го прават како втора струка.
„Сум свирел со многу дечки што се откажале, а имале и те како што да понудат и издадат. И, мило ми е што издржавме во целиот тој лавиринт, целиот oвој период. Верувам дека ќе одиме понатаму! Реалниот проблем на Балканот е баш тоа, публика, финансии и логистика. Голем ризик е ако ставиш ‘all in’, смета саксофонистот Кирил.
Како да се излезе од овој круг?
За некој да не „прегори“ во процесот, а од друга страна да се случуваат културни настани и свирки, мора да има поддршка од медиумите, но и да се анимираат оние што прават евенти, од некаков економски или организациски аспект. Кафулиња, клубови, разни културни и социјални простори, тоа е цел синџир што зависи еден од друг за нудење култура, и за доживување култура.
Според Кирил, „тоа е зачаран круг, бидејќи треба да има некоја инвестиција, ‘flow’, од некаде мора да почне да тече“.
„Некој треба да се загне. Тоа го има и во психологијата. Што поголема изложеност, така добиваш пристрасност за нешто. Пред пандемијата, за новогодишна забава, наместо македонски бендови – плаќаа странски естрадни личности. Нејсе. За нив е ОК, ама, не се инвестира во државата. А, имаме и те како квалитет, луѓе од сите жанрови. Ние имаме интеракција со бендови, па ги знаеме. Но, колку ги знае општата популација? Исто така, единствено во Скопје се случуваат работи. Многу е централизирано“, вели Кирил.
Во однос на културните и музички придобивки, тапанарот Дарио смета дека во општеството генерално не се слуша музика. Во смисла на активно слушање музика, пратење одредени артисти, истражување, наместо „она што е сервирано на тацна“.
Порано музиката била дел од пубертетот, вели тој, дел од идентитетот. Тоа што си слушал те разликувало од твоите родители, врсниците, децата во школо, маалото…
„Бидејќи, нели, пубертетот е процес каде индивидуата се пронаоѓа себе си. Мора со нешто да се поврзеш. Порано повеќе преку музика, а сега е определба во кариера, брендови, поистоветување со славни личности, со јутјубери… Тоа не е музика. Не е култура, или култура што нашата генерација не ја разбира како таква. За 10 години, сигурно и новите генерации ќе го кажат тоа за тие после нив“, вели тапанарот.
Според Кирил, влијае и социјалната интеракција, онаа физичката. Работи како психолог, па ја увидува онаа разлика меѓу дечиња, пубертерлии и адолесценти, со социјалните вештини што располагаат.
„Музиката, еволутивно гледано, е социјална работа. Таа е дел од нас, начин за себепретставување. Се случува и десензитизација спрема работите. Во последно време има тенденција за брзи стимулации. Затоа се прават и пократки песни. Порано, на еден телефон не можеш да најдеш се’ што те интересира. Па, нели, досадно тие е, и само ќе ‘штракнеш’. Досадно ти е, но треба и нешто да преземеш!“, нагласува Кирил.
За крај – малку рокенрол оптимизам!
Членовите на „Man in a Suit“ сепак се оптимисти. Дека „ќе биде“. Кирил повторно се осврнува на младите генерации. Оние ангажираните, без да бидат вовлечени во онаа апатична поговорка „наведбата глава сабја не ја сече“ како лајвмотив.
„Уште ме радува што има активни млади дечки, иако се помалку. Ама, се надевам дека ќе има жарче. Многу е важна колегијалноста. Бидејќи, нешто ќе ти затреба, ќе ти се расипе инструмент, ќе ти снема во моментот… Мило ми е што е останато во нашата култура, да сме блиски за такви работи“, вели Кирил.
Дарко гледа надеж при искуството со својот ангажман во Домот „11 Октомври“, каде работи со млади.
„Гледам, не се сите трапери и јутјубери. Има што слушаат и метал и рокенрол. :) Плус, знаеме дека го имаме МКЦ, ги имаме и ‘Млади за Скопје’, кои поддржуваат млади артисти“, вели тој.
Една од песните на деби албумот на „Man in a suit“ е „To be continued“. Ова е можеби само име на песна, ама и некаква симболика дека бендот продолжува да биде активен.
„Очекуваме набрзо свирка и промоција на ‘Reveries’. Aко продолжиме со ова темпо, оваа година ништо чудно да имаме 60% спремен материјал за нов албум. Па здравје, 2022 да ‘пукаме’ и втор албум. Тоа ни е идејата“, потенцира Дарко.
Бојан Шашевски