Се појави пред шест месеци, а нејзиниот глас стана еден од најпрепознатливите кај најмладата публика во Македонија. Десетината цртани филмови и песнички со ликот на Биби имаат неколку стотици илјади прегледи на Јутјуб. А анимираниот лик во меѓувреме се прошири и на сликовници, боенки, па се до едукативна апликација за смартфони.
Во интервју за Радио МОФ, Марјан Алексовски, еден од основачите на Факултети.мк и Деца.мк, кои ја создадоа Биби објаснува како дошле до идејата да прават цртани филмови и како Биби за толку краток период стекна толку голема популарност.
Како се роди идејата за Биби?
Кога почнавме со работа на вебсајтот Деца.мк ни требаше некој лик, како заштитно лице на сајтот. Нешто што ќе биде препознатливо и за децата и за родителите. Баравме некој да го нацрта. На крајот сакавме да работиме со најдобрите. Излезе дека најдобриот во Македонија, е меѓу најдобрите 10 во светот, Михајло Димитриевски – Тхе Мичо. Нацрта неколку примери, ги викнавме нашите деца. Вработените овде имаме добра фокус група на дечиња. И тие кажуваа како да изгледа косата на Биби и останатиот изглед. Некако го склопивме ликот на Биби и потоа решивме – ок, супер изгледа, ајде сега да направиме Биби малку да мрда. Така дојде и до првата анимација и почнавме малку посериозно да работиме на оваа професија за која е потребен многу труд за да се направи една анимација. Паралелно со анимацијата направивме и печатена сликовница – „Светот на Биби од А до Ш“.
Потоа направивме подолгорочен план. Собравме многу добар тим. Билјана Црвенковска ни е сценарист, една од најпознатите авторки за деца во Македонија. Гоце Цветановски ни е режисер, кој работи и на првиот долгометражен македонски анимиран филм „Јон Вардар“. Имаме и добар тим актери, зад гласот на Биби е Слаѓана Вујошевиќ, Боби е Сашко Коцев. Имаме и добар тим аниматори и илустратори кои работат паралелно и на илустрации за сликовници, а издадовме и боенка со која ставаме акцент и на едукативниот дел.
Колку во создавањето на Биби гледавте да пополните една празнина со недостаток на цртани филмови на македонски јазик?
Има толку многу видео материјал, посебно на Јутјуб и сè е на англиски, што претставува проблем за правилно изучување и правилен изговор на македонските зборови. Свесни бевме за тој недостаток и се впуштивме во правење на тие анимации, колку што можеме. Како што почнавме, премногу добро беше прифатено и од родителите и од децата и почнаа да бараат – дајте ново, дајте пак. А, тука се соочуваме со друг проблем. За да направиш една анимација ти треба време, сериозен тим и доста финансиски средства. За жал тука, во Македонија, не постои некој механизам каде би можел да добиеш некои такви средства за да се занимаваш со тој бизнис. Не значи тоа дека ако го ставиш видеото на Јутјуб и имаш милиони прегледи ќе добиваш многу пари. Тоа можеби функционира во Америка, но кај нас ќе добиваш месечно по 20 долари.
И покрај ограничените ресурси со кои сте почнале, ликот на Биби беше многу добро прифатен. Видеата имаат по повеќе стотина илјади прегледи на Јутјуб. Дали очекувавте вакво нешто?
Бевме изненадени. Не очекувавме вака големи бројки. Премиерата на „Азбуката на Биби“ беше на 14 октомври. Оттогаш до сега, сите видеа имаат скоро 2 милиони прегледи. Песничките имаа добар прием, па затоа сакаме до крајов на годинава да направиме уште десетина за да имаме бројка на песни со кои би направиле еден мини-концерт, во вид на претстава која би била интересна за децата. Да се надеваме дека со текот на времето, некој од Македонија или надвор од земјава ќе биде заинтересиран да се вклучи во целата продукција на Биби.
Ликот почнавте да го ширите на различни платформи. Зошто се одлучивте за пренесување на Биби на сликовници, боенки, апликација за смартфони и таблети?
Целиот проект на Биби го почнавме од гледна точка на родител. Никогаш немавме финансиски план, колку тоа ќе не чини или како ќе заработуваме. Едноставно во Македонија од ова не можеш да заработуваш. Нема начин, освен низ печатени материјали, но со тоа не можеш да ги покриеш ни трошоците. Во делот на апликациите, јас и моите партнери доаѓаме од ИТ секторот, каде работевме 15 години, па тој дел ни е познат и не ни беше проблем да најдеме начин како да го направиме тоа и како да го пласираме. Апликацијата „Светот на Биби“ ќе се шири. Паралелно работиме и на апликацијата „Биби бои“, а го запазуваме и едукативниот дел бидејќи апликацијата е временски ограничена и не може да се користи цел ден и децата да дремат врз екраните. Тој дел го запазивме за да не им ги забраниме електронските уреди на децата, туку да ги насочиме правилно да ги користат.
Целта ни беше да направиме продукт кој ќе го користат нашите деца и ќе остане за сите други деца.
Ја споменавте големата продукција која учествува во продукцијата и тоа чини пари. Рековте дека од ова не може да се заработи, па како ги покривате трошоците?
Во Македонија треба да поминат минимум една до две години за ова да почне да биде колку-толку исплатливо, односно да почнеш да заработуваш од него. Го работиме Факултети.мк, како сајт веќе осум години и генерира доволно приход за да го покриеме овој трошок. Имаме направени и некои заеми од банки. Она што нас сега ни е цел, анимираниот лик е многу лесно приспособлив за надвор. Треба само да се направи друга јазична синхронизација. И веќе сме во преговори да работиме на албански, бугарски и српски јазик. Имавме презентација на еден од најголемите саеми во светот за оваа индустрија во Мајами, Флорида, каде Биби беше претставена пред големи играчи како Нетфликс и Никелодион и други големи продукциски куќи. Нас целта ни е Биби да ја шириме надвор од Македонија и оттаму би доаѓал финансискиот надомест кој би го гледале.
Зошто никој не правел цртани филмови до сега? Затоа што е скапо и е неисплатливо. Сите анимирани филмови во Македонија биле кратки и наменети за некој фестивал. Ние баравме дали некој направил слично на ова во последно време, но не успеавме.
Нас секако ни се потребни финансиски средства за овој проект да биде самоодржлив со текот на времето. Има многу луѓе кои работат и тоа бара средства и време. Ние сме мала држава и не можеме да заработуваме од вакви работи. Единствено ако има некои конкурс од Министерство за култура, да покрие одреден дел од трошоците, но и тоа е периодично. Ќе добиеш грант за една година и ако немаш план како ќе го одржуваш? Целта на финансискиот надомест не треба да биде да се направи продуктот, туку да размислиш како продуктот понатаму ќе биде одржлив. Сведоци сме на многу финансирани продукти и сервиси, кои се направени и сега не функционираат. Но ние сакаме да направиме модел во кој Биби би била самоодржлива, да го засилиме тимот со уште неколку луѓе и Македонија да биде препознатлива по Биби. Кога може Дора, зошто да не може и Биби? Имаме идеи како да го движиме и мислам дека ќе го најдеме патот.
Пазар сличен на нашиот, Словенија, произведе апликација како „Talking Tom“ кој заработи преку милијарда долари. Дали развојот на вакви производи од креативната индустрија, како Биби, има потенцијал во Македонија?
Има простор. И тажно е што никој друг не се занимава со нешто вакво во Македонија. Настрана финансискиот дел, креативниот дел е многу интересен. Може секој да проба. Секој кој е запознаен со работа на компјутер може да учи анимација. Можеби нема да направи анимација од 10 минути, туку 1 минута. Можеби ќе му треба два месеци, наместо две недели, но секој може да проба и да ја пласира. Ова денес е огромен простор за промоција. Погледнете го само Јутјуб. Македонија е мала држава и лесно можеш да се испромовираш. Нормално е дека ќе требаш да вложиш финансиски средства, но финансискиот интерес не треба да биде водечки. Во овој бизнис, на почеток не ти треба бизнис план. Тој доаѓа подоцна, кога ќе имаш продукт и кога ќе знаеш дека е прифатено од децата и родителите. На крајот родителите се тие кои одлучуваат дали ќе му дозволат на детето да го гледаат тој цртан.
Кој е советот кој го имате за млади кои би сакале да се занимаваат со анимација?
Да не престануваат со учење. Знаеме како почнала анимацијата – се цртало на рака, денеска сè е на компјутер. Да се надоградуваат, бидејќи ова е жива материја. Потребна е тимска работа. Никогаш на прво место да не се става финансискиот аспект, дека еден ден ќе станат милионери, туку да се концентрираат на продукт кој ќе биде препознатлив и ќе остави некој белег. И да не мислат дека сè тоа ќе биде за два-три месеци. Нема брзо во оваа работа. Тоа е бавен процес, но останува засекогаш после тоа.
Даниел Евросимоски
*Дел од интервјуто првично е објавено во аудио подкастот Skills that pay the bills кое може да го слушнете во продолжение: