Скопскиот поетски фестивал следната недела ќе ѝ го претстави своето трето издание на публиката која ќе има можност да слушне домашни и странски поети, а освен со стихови програмата е збогатена и со дела во други уметнички форми.
Одржувањето на фестивалот и по трет пат ја потврдува потребата за Скопје да им подари сцена на локалните, но и поетите кои доаѓаат од надвор, или како што вели Андреј Медиќ Лазаревски, дел од организацискиот одбор на фестивалот, Скопје конечно да влезе на поетската мапа на Европа, па и на светот.
„Не дека во Скопје претходно немало поетски настани (познати ни се и Песнило и Астални проекции, а сега и Поетска епизода), но тоа секогаш биле едновечерни настани, настани од помал формат, но никогаш не биле фестивал во вистинската смисла на зборот. Затоа се случува Скопскиот поетски фестивал“, вели Медиќ Лазаревски, инаку поет и основач на младинското здружение „Култура Бета“.
Официјалното отворање на фестивалот е на 27 септември со „Воздух. Ветер. Дишење.“ кога во придружба на дувачки инструменти ќе читаат Санде Стојчевски, Лулзим Хазири, Моника Стојановска, Перица Сарџоски, Игор Трпчески, Николина Андова Шопова, Драгослав Дедовиќ, Лана Деркач, Ален Брлек, Марам ал-Масри, Имануел Мифсуд, Мартин Глаз Серуп и одбраниот/одбраната на „Отскочна даска“.
Пред тоа е најавена промоција на антологијата „Ново раѓање на зборот (антологија на младата македонска поезија)“ приредена од Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски во која се застапени 42 поети од најмладата генерација, почнувајќи од 1991 до 2004 година. Дел од промоцијата ќе бидат и некои од поетите и поетесите, што Медиќ Лазаревски го оценува како „активна, одлична и голема млада поетска сцена“.
„Тоа значи дека веќе е родена и создадена една нова поетска генерација која е значително присутна на
поетски настани низ државава. Тоа што е многу значајно за оваа нова генерација е што сакаме да се читаме меѓу себе, се гледаме на промоции, на поетски читања и настани и се слушаме, критикуваме и поддржуваме меѓу себе. А има ли нешто поважно од тоа? Само така се станува подобар“, истакнува тој.
Манифестацијата „Отскочна даска“ по втор пат на фестивалот нуди платформа за младите поети. Годинава се пријавиле дури 54 млади, од кои се избрани 15 да ги читаат своите дела на утрешниот преднастан на фестивалот кој ќе започне во 20 часот во кафе-книжарницата „Буква“.
Како преднастани се најавени и промоциите на шест препеви на збирки поезија во соработка со издавачката куќа „ПНВ Публикации“. Тоа се книгите „Слободата чекори гола“ од Марам ал-Масри (Сирија/Франција), „На околу два и пол часа од рајот“ од Имануел Мифсуд (Малта) и „13 Хрватски поети (избор од современата хрватска поезија)“, со Лана Деркач (Хрватска), „Земјата под абажур“ од Драгослав Дедовиќ (Србија), „САНГ“ од Ален Брлек (Хрватска) и „Полето“ од Мартин Глаз Серуп (Данска).
Овие поети своите стихови ќе ги читаат на двете вечери од фестивалот, на 27 и 28 септември во рамки на интернационалната поетска вечер.
По промоциите ќе има дискусии меѓу преведувачите за предизвиците и предностите на преводот. Покрај преводите од други јазици на македонски, со Медиќ Лазаревски поразговаравме за колкаво е значењето на превод од македонски на други јазици за зголемување на видливоста на книжевната сцена.
Тој посочува дека има примери на македонски прозни дела кои се преведуваат на светски јазици и македонските писатели веќе се пробиваат надвор од домашните рамки. Во поезијата работите се поинакви.
„Да, не дека воопшто нема преводи на поетски дела, но главно тие преводи се преводи на јазици од соседството. Еве само годинава излегоа два избори на македонска современа поезија препеана на српски (прир. Валентина Бакти) и на хрватски (во издание на Хрватското друштво на писатели), млади македонски поети беа застапени во изборот на поезија од просторите на поранешна Југославија, „Рукописи“, млади поети гостуваа и на фестивалот „Стих у регији“. Но секако, може да се работи на ова поле уште повеќе и за тоа главно треба институциите да се занимаваат повеќе. Има примери од европските држави кои финансираат преводи на делата од своите писатели на други јазици и таа пракса е позитивна и треба да се применува и кај нас“, смета младиот поет.
Токму на оваа тема ќе се одржи панел дискусијата „Out & About“.
„Ја правиме оваа панел дискусија за да се лоцираат проблемите и да се понудат идејни решенија и сето тоа преку искуства од автори, издавачи и организатори на поетски фестивали кои веќе го прават тоа. А за
ангажираноста на сцената, таа секогаш е ангажирана, само не треба да ѝ се сосечуваат патеките преку кои се остварува таа ангажираност“, вели Медиќ Лазаревски.
Покрај антологијата на македонска поезија „Избор из савремене македонске поезије“ на српски јазик, што ќе биде претставена на 28 септември во Младинскиот културен центар, како што забележа Медиќ Лазаревки, годинава се случи и промоција на „Pronađena riječ“ на хрватски јазик.
Тој смета дека не е лесно да се направат вакви избори поезија, и оттаму тоа не е често, но сепак е добар приказ на работата на тукашните поети надвор.
„Селекцијата си ја прават уредниците и приредувачите на изданијата. На пример, хрватското издание нуди еден поголем преглед на она што се нарекува современа поезија, опфатени се поети од генерациите на Блаже Конески, Славко Јаневски, па сѐ до најмладата современа поезија застапена со поезијата на Андреј Ал-Асади, Исток Улчар и Викторија Ангеловска. Додека, пак, српското издание нуди еден преглед на една книжевна генерација поети родени во 70-тите и 80-тите години на минатиот век“, појаснува тој.
Присутните на Скопскиот поетски фестивал ќе може да погледнат неколку омнибус анимирани филмови посветени на поезијата на Ацо Шопов, да посетат изложба на портрети, како и музички концерт на Александар Бошков. Поетските читања на отворањето на фестивалот ќе ги придружуваат дувачки инструменти преку звуците на Перица Сарџоски, Владимир Мартиновски и Владимир Лукаш.
„Скопскиот поетски фестивал уште од самиот почеток е мултимедијален и интердисциплинарен. Уште од синкретизмот поезијата е несомнено врзана со другите уметности. Мултимедијалноста и интердисциплинарноста на поезијата не се нешто што некаде го има или некаде го нема, тука напротив секаде го има. Впрочем, може ли да се создава уметност без некаква инспирација?“, вели за крај Андреј Медиќ Лазаревски.
Деталната агенда на претстојниот фестивал може да ја најдете овде.
Ангела Бошкоска
Фотографии: Диме Данов