Иван Димоски-Медо е еден од тројца македонски твитерџии кои го освоија првото место со апликацијата ТweetsPie, на годинешниот настан Droidcon Eastern Europe во Романија . По што е посебна оваа андроид-апликација, за наградата, но и за користењето на Твитер во Македонија, Медо одговара за Радио МОФ.
Што е ТweetsPie и како функционира?
TweetsPie е персонален краудсорс агрегатор. Зборот реално не значи ништо, меѓутоа го собира најдоброто од најновото од луѓето кои ги следиш. Ги зема последните 600 твитови во дадениот момент од корисничкиот тајмлајн (твитови од луѓето кои се следат) и според некоја математика ги избира најдобрите 21. Математиката е адаптибилна т.е. се менува во зависност од начинот на кој се користи апликацијата, во кој период од денот, кои луѓе се ретвитаат најчесто и сл.
Од каде идејата за ваквата апликација, станува ли неопходна на Твитер?
Идејата потекна од @krojanbojan кој ме частеше пиво и ме запраша зашто @i999y да ги собира најдобрите твитови во блог кога поимот „најдобар“ е субјективен. И зошто да го чекаме следниот понеделник кога некои информации, смешки и референци се релевантни само во моменталните околности.Речиси година дена подоцна ја имаме најдобрата апликација на Droidcon Eastern Europe, а сега ќе го форсираме и @pishija да ја подобри iOS верзијата.
Освоивте прво место на годинешниот настан Droidcon Eastern Europe? Ја очекувавте, што ви значи оваа награда?
Апсолутно ни значи победата бидејќи не беше очекувана. Благодарение на YES Инкубаторот имавме можност да учествуваме како гости од Македонија и не знаевме ни дека треба да презентираме апликација до последниот момент. Остатокот најверојатно е среќа и добра презентација. Следниот чекор е Droidcon конференцијата во Берлин следниот април со надеж дека ќе можеме и цела Европа да ја освоиме.
Бидејќи ова не е дел од нашите работни обврски, апликацијата ја работиме со сопствени финансии во слободно време, па сметам дека најголемата придобивка од ова натпреварување е вмрежувањето со луѓето од големите компании кои можат да ни помогнат.
Твитер во Македонија – колку е креативна и инспиративна оваа заедница? Обично постарите твитерџии знаат да кажат- ни Твитер не е она што беше некогаш?
Тоа е “подобро ни беше додека Тито беше жив” реторика. Помладите не можат да споредат нешто што не го искусиле. Разочарувањето и намалената активност на постарите е тесно поврзана со почетокот на твитер заедницата. Убиството на Мартин Нешковски ги спои луѓето кои дотогаш следеле странски сметки во една мрежа со идеалистички идеи и елан за промена. Секако историски гледано промените во нашето општество многу бавно се случуваат, па високите очекувања со време се претворија во гифчиња.
Твитер заедница е динамична група на луѓе и нормално е да се менува со тек на времето, а каква е нашата перцепција на истата е крајно субјективна работа.На крајот Твитер е алатка, се додека функционира за тоа што го правам ќе продолжам да ја користам.
Што прави Медо – кога е на Твитер, зависен си од онлајн комуникацијата или можеш без интернет?
Секако дека можам да живеам без интернет, меѓутоа свесно не би избрал да живеам без него. Андроид апликациите ми носат финансии, блогот и готвењето ми носат контакти за реализирање на идеите.Во последните неколку години се создава една критична маса на одлични програмери, креативни дизајнери и искусни менаџери кои можат да се здружат за создавање на сопствен македонски производ наместо нудење услуги на странски компании. Тоа сакам да го видам додека сум на Твитер.
Идни планови – на што се работи во моментов, има ли идеја можеби за нова апликација?
Идеи милион, финансии обратно пропорционално на тоа. TweetsPie ќе продолжи да се развива бидејќи освен што е забавна за користење може да биде и многу корисна алатка за анализа на социјалните мрежи. Секако Твитер е само една од многуте, останува ние да се адаптираме како што се менува демографијата на социјалните мрежи.
Исто така ја формиравме Андроид Македонија заедницата на Гугл+ за следната година македонските апликации победат на сите можни натпревари.