[Интервју] Миха Мацини: Ако ги елиминирате способните соработници за да се опкружите со ласкавци – пропаѓате!

Разговорот со еден од најпознатите словенечки и европски автори, д-р Миха Мацини, го водиме во време на силни општествени потреси – од војната во Украина, преку глобалните закани за демократијата, па сè до предизвикот на граѓанинот да биде вистински информиран во време на информациска хистерија.

Мацини смета дека вистинските демократии се изградени врз информации, дебата и судир на различни мислења. Но лидерите, во желбата да останат на власт, ги елиминираат способните соработници плашејќи се да не бидат загрозени од нив, а се опкружуваат со опортунисти и ласкавци кои само им велат „да“.

„Така и пропаѓаат“, вели тој.

Г. Мацини, голем дел од Вашето творештво се однесува на објаснување на човековата природа, којашто просто инклинира кон бегство од реалноста. Ако човекот е конструиран на таков начин што секогаш ја избира слатката лага наместо горчливата вистина, тогаш каде е воопшто реалноста… во општествата, во информациските системи и во самите лични животи? Како да се дефинира реалноста?

– Во 1763 година, Семјуел Џонсон и бискупот Беркли (Џорџ Беркли, н.з) дебатираа за реалноста. Беркли тврдеше дека сè постои во умот и дека тоа важи за секоја работа во универзумот. Џонсон тогаш клоцнува во камен со сета сила извикувајќи: „Вака побивам“, сакајќи да го докаже постоењето на реалноста. Накусо, реалноста боли. Може да се обидете да се држите за реалноста со отворени очи и таа постојано да ве повредува по малку или може повеќе да сакате да не гледате и наеднаш да ослепите, одеднаш многу да се повредите.

Во овој момент има многу луѓе надвор од Украина кои велат дека војната не постои, дека сето тоа е фотошоп и актери итн. Ова им помага да го намалат стравот.

Но, и кога сите би го вртеле погледот настрана цело време, бомбите порано или подоцна би почнале да паѓаат и врз нивните глави.Сите сме некаде на Гаусовата крива помеѓу ескапизмот и тврдиот реализам, тајната на животот е да не се оди во крајности. Ескапизмот можеби е сладок, но нè претвора во корисни идиоти, додека тешкиот реализам не се разликува многу од клиничката депресија.

Фотографија: Матиц Кремжар

Војната во Украина предизвика паника и страв низ Европа  малкумина веруваа дека такво варварство е возможно во 21 век. Луѓето се исплашени. И кога ќе се соочат со емоции како што се стравот и неизвесноста, тие всушност имаат тенденција да се групираат. Дури и либералите…

Но, ова групирање е и плодна почва за сеење дезинформации.

– Во првата недела по руската инвазија го проверив словенечкиот дел на Фејсбук. Си го кршев свесно „балонот“ во којшто сум и читав постови на повеќе од 1000 луѓе неколку дена по ред. Прво: оние кои беа антивакцери станаа обожаватели на Путин. Оние кои не веруваа дека вирусот постои, сега не веруваат дека се води војна, итн. Видов дека студиите од многу други земји го потврдија истото.

Кога групата верува во нешто, тешко дека можеме да ја предомислиме – затоа што тоа би значело напуштање на групата. Ако групата се префрли од антивакцерство на обожавање на Путин, ние ја следиме. Игнорирањето на реалноста нè смирува. Тоа што сме во група уште повеќе нè смирува. Верувањето е дел од нашиот емоционален мозочен систем, а не од рационалниот. Никогаш не треба да го заборавиме ова.

Кликбејтот ќе го уништи светот

Велите дека самиот концепт на медиумите се заснова врз тоа што лошите вести природно оставаат поголема трага и ефект кај луѓето. Тоа е факт. Нема голема медиумска приказна, ниту, пак, досега имало награда за известување за големо достигнување на човештвото, нешто добро, некаква успешна приказна. Напротив, се бара корупција, скандали, конфликти, крв

Точно е дека одговорноста на медиумите е да се грижат за јавниот интерес и да откриваат злоупотреби, но не е ли игнорирањето на позитивните примери еднакво бегство од реалноста преку создавање пострашна слика? Дали постои јавен интерес да се истакне она што е успешно и добро?

– Амигдалата е дел од нашиот мозок што ја скенира околината за опасност. Без него долго време бевме изумрени.Нашите предци шетаа по преријата и повремено амигдалата скокаше во акција: Лав! Змија!

Во медиумите, секоја вест се обидува да биде лав или змија за да ја поттикне нашата амигдала. Тоа е брз начин да го привлечете нашето внимание. Проблемот е што не сме биле создадени за толку многу лавови и тигри цело време.

Сосема сум сигурен дека медиумскиот зависник денес добива повеќе лоши вести во еден ден отколку што некој во средниот век ги добил во текот на сиот својживот. Нашиот мозок е преоптоварен со страв и не е ни чудо што многу луѓе избираат да го прекинат контактот со реалноста. Една добра вест мора да биде пет пати посилна за да привлече исто внимание како и лошата. Дури и ако гледаме многу добри работи што се случуваат насекаде околу нас, лошите работи се лепат во нашиот мозок. Вака сме изградени.

Фотографија: Роберт Крух

Но, секогаш можеме свесно и рационално да застанеме на добрата вест и да уживаме во неа. Всушност, добро е да се присилувате да го правите тоа и да набљудувате, а не само да го оставите да помине и да размислувате за лошото.

И зошто ни се потребни добри вести? Затоа што сме создадени да следиме пример. И ако гледаме само лоши примери насекаде околу нас, ќе ги следиме лошите.

Во време на експанзија на интернетот и социјалните медиуми, се чини дека ова станува уште поважно. Ќе споменам една Ваша реченица: „Кликбејтот ќе го уништи светот!“ Дали?

– Напорно се работи за да се успее во тоа. Замислувам некои програмери во раните денови на интернетот, како ги џвакаат сво ите крем-банани или парчиња пица и дискутираат како треба да знаат кои вести се поважни. Кој филм или книга е подобар? И одеднаш некој се просветлува: оној со повеќе кликови. Во тој момент влегува ме во култура каде што е важен бројот на кликови. Целосно е инфантилно, како во градинка, кога децата бројат кој има повеќе „пријатели“ – да, Фејсбук се базира врз ова. Возрасните може да разликуваат помеѓу квалитетот и квантитетот и знаат дека првото и второто ретко кога се среќаваат. Ако кликовите се главен критериум, тогаш лошите вести ќе процветаат и ќе бидат кажани на најврескачки начин. Сè ќе биде само една голема катастрофа, нездрава храна без добри калории.

Оваа култура на „брза храна“ не е присутна само во медиумите, туку и во литературата. Вие сте писател. Како ја гледате литературата денес?

– Минатата година завршив нефикциска книга за врските, раскажани од сосема интересна гледна точка. Ја испратив електронската порака со барањето до американскиот агент и тој не побара да го прочита ракописот, туку бизнис и маркетинг планот (ова е документ каде што наведуваш колку следбеници имаш на социјалните мрежи, колку влијателни лица те поддржуваат итн.).

Решив и направив чуден експеримент. Испратив 227 писма со барање и сите, повторувам СИТЕ, агенти побараа деловен и маркетинг план. Никој повеќе не го чита ракописот, сите само се распрашуваат за бројот на кликови. Замислете го тоа!

Разликата помеѓу „да се има“ и „да се биде“

Фокусот на индивидуализмот, каде што човекот е претставен како центар на универзумот, веројатно е еден од клучните постулати во денешно време. Како да се создадат силни општества ако модерниот, либерален човек не верува во концептот на групата?

– Во устата на хероината од мојот роман „Избришана“ ја ставив следната реченица: Лесно е да мислиш дека си центарот на универзумот кога работите одат добро. Но, кога ќе се случат „с..ња“, сфаќаш колку ти требаат другите.

Потрошувачкото општество е изградено врз идејата дека вие, потрошувачот, замислувате дека имате божествени моќи и бидејќи длабоко во себе знаете дека тоа не е вистина, имате тенденција да купувате сè за што не сте целосно сигурни дека ви треба. А тоа е многу купување! Од совети за речиси сè (како да спиеме, како да се разбудиме, како да појадуваме, како да…) до секакви предмети што ќе нè одржуваат, наместо вистински човечки односи, од кои се плашиме.

Фотографија: Матиц Кремжар

Првиот чекор е да бидете доволно силни за да признаете дека едноставно не можете да купите сè. Потоа да ја сфатите разликата меѓу битието и имањето. Можете да купите лажна диплома и да ја имате. Но, само ако сте се посветиле на знаење, на совладување на нешто, тогаш сте вие вистински мајстор.

Во западниот свет секојдневно голтаме огромни количини на витамини и на други додатоци во исхраната. Пред некој ден прочитав наслов дека мора да има нешто во вијаграта, затоа што мажите што ја земаат имаат тенденција да живеат подолго. И сега многу мажи сигурно ќе земаат вијагра седејќи сами пред телевизор, ама знаете што – нема да живеат подолго.

Затоа што за тоа е потребна добра и вистинска врска за да ви помогне да живеете подолго и подобро. Вијаграта е само спореден ефект што може да ви помогне повеќе да уживате во врската. Ама тоа е само средство за постигнување цел, а не и цел.

Промоцијата на индивидуализмот секако доаѓа до границата каде што се среќава со нарцизмот. Ја изгубивме ли емпатијата попатно?

– Нарцизмот е во пораст. Некои автори мислат дека сега има над 10% од популацијата со нарцисоидно растројство на личноста. Проверете го телефонскиот именик на вашиот телефон и замислете секој десетти да го има! Во земјоделските општества луѓето имаат деца како работна сила. Колку повеќе, толку подобро. Преселувајќи се од селата во градовите, децата добија нова функција: тие сега се идеалното „јас“ на родителите.

Ја знаете желбата: ние ги носиме децата во најдобрите училишта каде што мора да бидат совршени, потоа на балет, танцување, спортување, тие немаат ни минута да одвојат, тие ќе бидат одлични во сè што не сме ние. Под ваков притисок, кутрите деца навистина мислат дека се мали богови, додека длабоко во себе се чувствуваат празно и изгубено – а тоа е дефиницијата за нарцисоидност. Доналд Виникот има кажано дека родителите треба постојано да се потсетуваат себеси дека не мора да се совршени, туку доволно добри.

Колку убав совет.

Тенденцијата на политичките лидери е да се опкружуваат со луѓе кои им се восхитуваат и никогаш не се критични кон нив. Велите дека е ова една од главните грешки  дури и царевите имале дворски шутеви кои им ја плескале вистината в лице. Зборувавме за граѓаните и медиумите, но колку се елитите далеку од реалноста и кој треба да ја игра улогата на дворски шут во демократиите?

– Најголемиот проблем на сите диктатори е што сакаат да создадат „среќно семејство“ околу себе. Па, добро, секој од нас го сака тоа. Но, ако владеете со земјата и сите ви велат дека сте генијалец кој не може да згреши и дека вие можете да постигнете сè, наскоро ќе лебдите некаде во вселената, далеку од реалноста. Ова е многу опасно. И ако навистина сакате сите да ве фалат, тогаш мора да ангажирате луѓе кои се ласкавци и опортунисти и кои ќе ви кажуваат „да“, луѓе кои немаат талент и способност да ве загрозат. Тоа значи дека наскоро ќе работите со сè полоши и полоши соработници. И затоа, порано или подоцна, ќе пропаднете.Демократијата се гради врз дебата, врз судир на различни ставови. А медиумите и вистинските информации се главната основа на таа дебата.

Ова е напорно, потребно е време, но на долг рок е вистински исправно. Не е розово, знам. Веројатно, не е многу добро познато: дури и Швајцарија имаше граѓанска војна во 1845 година (Сондербунд). Еве, изгледа дека тие многу добро го надминале тоа.

Кој е Миха Мацини?

Миха Мацини е моментално еден од најпопуларните словенечки писатели. Има објавено повеќе од 30 книги, преведени на 10 јазици. Неговите дела се застапени во многубројни антологии. Освен со проза, Мацини се занимава и со пишување сценарија и со режирање. Две од неговите сценарија за филм се наградени. Има магистратура по Креативно пишување за филм и телевизија на Универзитетот во Шефилд, а докторат по Антропологија на секојдневниот живот на Институтот за хуманитарни науки во Словенија. Член е на Европската филмска академија.

Во издание на „Готен“ на македонски е објавен романот „Избришана“, во превод на Иванка Апостолова Баскар, а во издание на „Антолог“ е објавена неговата „Трошки“, во превод на Драгана Евтимова. Луцидноста, општествената критичност и духовитоста ги карактеризираат неговите книги.

Новинарка: Катерина Синадиновска

Содржината ја изработи Институтот за комуникациски студии

Оригиналната објава може да ја погледнете на следниов ЛИНК.