Со дечките од „Млади за Скопје“ се запознав пред „Ла Кања“, на свирка на триото „Локал блу“ и изложба на Taња Вукобрат. Настанот беше под маски. Млади луѓе насекаде, уметници, ентузијасти, алтернативци, а тие бркаа изјави со камера. „Млади за Скопје“ сами организираа културен провод во корона-криза, се справуваа со протоколи, редари, дистанци, притоа сами правеа интервјуа, монтираа, и сами пишуваа рецензија по настанот. И, сето тоа за да го одржат пулсот на културната сцена, да донесат свежина и младинска културна револуција. Сакаат уметниците и културните работници да се движечка сила, а не политичарите да бидат главните „рок ѕвезди“.
Со дечките се најдовме во Градски парк. 14 ноември, ден по петок 13-ти, три дена откако удрија два земјотреси во еден ден. Надвор „пука“ сонце, 15-ина степени. Луѓе го користат денот за да побегнат барем на некој час од дома, со друштво или семејство, за да задржат напредна мисла и здрав разум додека на ТВ вртат бројки од над 1.000 новозаболени.
„30 минути вртиме наоколу парк, нема каде да паркираме“, вели Димитар Тодоровски – Дими додека се поздравуваме.
Дими има 26 години. За себе вели дека моментално е на магистерски по класична историја, а како што во животот запознал ОК луѓе, културата му стана најубавото хоби. Преку „Млади за Скопје“ сакаат да направат чекор, дадат дел од себе, да остане запис.
Вториот човек во бандата е Огнен Стојаноски, заглавен на некој крстопат меѓу техничкото образование и културата. Тој е студент на ФИНКИ, редовен посетител на МКЦ. Тука е и неговиот помлад брат Петар Стојаноски, исто така на ФИНКИ, 19-годишник. За себе кажува дека во „Млади за Скопје“ е некаква техничка поддршка, помага со продукција и сл. Тој е човекот што во друштвото молчи и прати наоколу ситуација.
„Огнен е екстровертот, а Петар е интровертот“, низ смеа кажуваат дечките.
Седнавме на тревата, на 100-ина метри во позадина од „сепариња“. На средина ставам телефонот да снима.
Раните зачетоци на „Млади за Скопје“
Дими раскажува како почна целата приказна, кога во 2013 биле собрани друштво. Пар другари со различни музички апетити – рокенрол, метал, драм ен бејс… Меѓу нив бил и Андреја Арсеновски, со кој Дими низ муабет си рекле: „Знаеш што, ај да направиме свирка!?“.
„Јас во дуото бев повеќе со ентузијазам, а Андреј оној што ‘смирува’. Направивме план за свирка со 10 бендови, тоа беше почетната идеја. Летото 2014, настанот да се вика ‘Алтернативно Скопје’. Пеце ‘Суперхикс’ не знам како влезе во таа приказна, ама ни даде да правиме во летното ‘Кастро’. Тоа беше некој експеримент на плажата на Вардар, до Камени мост. Бевме изненадени, буквално со нула буџет, а дојдоа 250 луѓе! Имаше песок, па кога свиреа бендовите како да имаше димна пареа, хаха. Беше феноменален настан!“, се присетува Дими.
Дечките биле по 18-19 години, а добиле поддршка од повеќе ликови од културната и алтернативна сцена. Истото лето направија и уште една свирка „Come as you are“, во помал формат. Потоа и настанот „Рап витамин“, своевиден рап „battle“. Настап на две рап екипи, со 100 души наоколу.
„Ви текнува на Еминем, ‘Eight Mile’… Е, тоа. Еден од најдобрите настани што сум ги направил. Се изнаслушав добро смислени рап ‘глупости’. За жал, немам ниту една документација од тој настан“, вели Дими.
Го запознале и Владица Младеновски – Грга од МКЦ. Се уште имаат огромен почит кон него, но и МКЦ како институција. Таму, сите овие години ги „оставиле коските“. Таму го организираа и второто „Алтернативно Скопје“. Таму викнаа и странски бенд – „Војвода“.
„Имаше 200-300 карти продадено, што буквално од тие карти делиш на бендовите. Немавме буџет. Имавме 10 долари за Фејсбук, хаха. Па, после 2016 беше ‘Алтернативно Скопје 3’. Тоа помина топ. Свиреа ‘Пластик сандеј’,‘Кара’… да не ми се налути некој (ако не споменам н.з.). После 2016 решивме да правивме еднаш годишно. Ни требаше таков организациски адреналин. Андреј се повлече поради Машински факултет, па почна и да работи. А, јас останав со историја, но реков ‘ај имам повеќе време’. Па, со Грга решивме да направиме нешто што се вика ‘Млади за Скопје’“, раскажува Дими.
Документирање на културата за таа да продолжи да живее
„Млади за Скопје“ стартуваше со седум концерти на „Контакт 59“, „Метаноја“, „Мариналеда“, „Локал блу“, „Морфеј“… Публиката варираше од бенд до бенд, некаде 150 луѓе, некаде по 40-50 луѓе. Искуството покажало дека е потребно некакво пост-документирање на настаните. Видео, рецензија или слично. За да ја претстават магијата на некој што не бил. Културата да продолжи да се зборува, анализира, критикува. Да продолжи да живее меѓу младите.
„Мора да биде запишано и во историските книги. Бидејќи, ако не биде запишано, ќе биде заборавено. Ќе направиш настан, ама никој нема да го види. Кај нас, мислам дека на културата се гледа како на дополнување. Нели, имаме ’основни гранки на живот’ – да јадеме, пиеме, работиме, па, ако остане време – ‘тогаш доаѓа културата’. Сите што се движиме во алтернативните кругови, и ти, и ние, и гледачите како важен фактор во културното дејствување, за нас/нив културата е основен начин на живот. Една од основните гранки“, вели Огнен.
Затоа дечките сега објавуваат видео епизоди „Млади за Скопје“.
„Многу интересен момент, е тоа што јас во друштво им зборев ‘Еј, го знаете концертот на Бернејс Пропаганда, кога го промовираа албумот, кога ја ставија сцената на средина? Ви текнува на тој концерт? Абе, беше вака…’ Тоа го објаснувам, ама малку го знаат (и се поистоветуваат), малку има репортажи, видеа. Тоа е важен момент“, додава Огнен.
Дими, пак, вели дека многу му се допаѓаат долги интервјуа. Во денешно време, се сервираат многу информации, па и 10 минути „е долго“. Затоа, смета тој, со подолгите интервјуа, ако ги гледаме и 35 години од сега, ќе ги почувствуваме моменталните струења, како „дише“ Скопје, каков е и културниот, социјалниот, политички амбиент…
– – – – – – – – – –
Интервјуто ни го прекинуваат тројца полицајци. Насред новинарска работа. Десетина минути се убедуваме што правиме тука, дека не сме повеќе од четири души… Сепак, полицајците на авторот на текстов му пишуваат казна од 20 евра, а ако ја плати во рок од 7 дена – тогаш таа ќе биде 10 евра. Во налогот пишува: ‘казна за неносење заштитна опрема при движење на јавен простор’. Реално, маската моментално ми беше под брада, ама додека седев, зборев и правев интервју, оддалечен од луѓето. Ако бевме во кафуле немаше да има казна. ОК… Полицајците си отидоа. Продолжуваме понатаму. Рокенрол!
– – – – – – – – – –
Дими раскажува дека во 2017 имале прекин на „Млади за Скопје“. Тамара Тодоровска, неговата сестра, интегрален дел од свирките и идеите – го загуби животот со сообраќајка. Проектот три години беше стопиран, иако на крајот на 2017 се случи коморативен концерт за Тамара. Се собраа луѓе што ја знаат, плус групи што свиреа на „Алтернативно Скопје“ и „Млади за Скопје“. Бендовите настапуваа волонтерски.
„Тоа за мене како фамилија и како за другарите, беше еден мал лек за големата болка“, се присетува Дими.
Меѓувремено Дими ја водеше и емисија „Утринска алтернатива“, како дел од „Утринска“ на Телма. Му гостуваа артисти како „Флукс“, Мирко Попов, Телемама, „Културно уметнички работници“, Васко Атанасоски, „Смат“, Тошо Филиповски… Емоционално скршен, не ни излегувал, но емисијата му ја дала потребната дистракција и енергија.
„Одзивот и калибарот на артистите беше феноменален! Кога артисти како Горан Трајкоски, како Бубо Каров, стануваат сабајле да дојдат во ‘Утринска’ за да си го кажат своето, сфатив дека на луѓето им се секнати местата каде можат да кажат став и мисла. Тоа значи дека целата телевизиска и медиумска сфера е затруена со најкичерајските вредности, турбофолк серии, а од друга страна – политички дебати. Дебатите е ОК да ги има, но премногу е (фокусот) на нив. Во државата треба да бидат популарни уметниците и културните работници, а не политичарите да бидат ‘рок ѕвезди’“, нагласува Дими.
Културна платформа за младите
Искуството од Телма, средбата со медиум, снимање, монтирање, му помогна и за подготовка на материјалите за „Млади за Скопје“. Решиле, ајде самите да бидат новинари. Самите видео-продукција. Организатори. Самите да го затворат тој „круг“, а притоа да нудат културна платформа.
„Знаеме дека е тешко, дека носиме идеја која не е застапена на Балканот. Или пак била, но моментално знаеме дека сме маргинален дел од општеството. Затоа што, мојата препоставка е дека меѓу 500-1.000 луѓе активно одат годишно на концерти. Другите или не се музички, уметнички настроени, си имаат некој сопствен културен код, кој, според мене, не е културен код на македонскиот народ. Не сакам македонскиот народ, и сите општо да се идентификуваат со турбофолк ѕвезди. Сакаме да создадеме некоја автохтона култура, која, пред се’, ќе влече на запад. Бидејќи, самото изложување на западњачката култура многу ќе придонесе за младината да просперира, да се оттргне од тој код на сељачанство“, нагласува Дими.
Целта, вели тој, е да покажат дека има друга алтернатива што може да ја следат младите. Кога Град Скопје дава десетици илјади евра на изведувачи како Дино Мерлин, од друга страна, тие сакаат да дадат простор за креативци, за уметноста да биде видена и споделена.
„Само со модерна младина може да има модерно општество. Со ‘затуцана’ младина, со партиски ограноци и турбофолк вредности – има само дополнително тонење на кичерајот“, потенцира Дими, додавајќи дека културата е насловна страна на секое општество.
Пандемија и култура
За недела (22 ноември), „Млади за Скопје“ организираат настан пред „Ла Кања“ со дуото „Алембик“ и изложба на Матеја Николиќ. Се надеваат, моменталните протоколи ќе важат барем до недела, па и понатаму, за да тераат по еден културен настан во месецот, со потребните мерки за заштита.
„Страшно е, ама пандемијата не смее да го спречи светот да движи, да се тркала. Ако велиме дека културата е интегрален дел од едно општество, тогаш културата не смее да страда. Можеше да страда во првите неколку месеци додека не се најде решение, но, ќе ја споменам глупавата кованица ‘новото нормално’ – каде културата мора да влезе во тие процеси. Многу е зафркнато, ограничено, напнато е самото одење на свирки. Луѓе одат за да се дружат. Е, сега, тој момент е изолиран – ‘ќе се дружите само со вашите двајца-тројца другари’. ОК. Ама, не смее културата да престане. Во моментов, во вонредни услови – мора да се случува култура. Со маски, со дистанца, 30-50 луѓе, тоа ја дава енергијата за утре“, вели Огнен.
Стресот што го чувствуваат младите целиот овој период мора да се канализира, се надоврзува неговиот другар Дими, потсетувајќи дека е тешко кога секојдневно се слуша и гледа за голем број заразени и умрени луѓе.
„Најголема последица од оваа корона-криза за оние што ќе останеме живи е тоа што, покрај стравот што е на растечко ниво, стресот што го предизвикува е огромен! Тоа е и на глобално ниво. Стресот што го осетив во пролетниот дел, со карантините… Како речиси возрасен човек можев да се носам, но што да кажат дечињата што растат со маски? Или средношколци што се во пубертет? Тоа е огромна колективна траума што никој не ја таргира“, потенцира Дими.
Смета дека минатиот настан во „Ла Кања“ бил еден од најдобрите што ги организирале.
„Се создаде колективна емпатија, колективна солидарност, љубов кон целиот тој процес и кон нас како организатори. Почувствувавме неверојатен фидбек. Доколку здравствените власти кажат ‘може’, низ текот на оваа зима ќе тераме. Ќе бидеме надвор, ќе мрзнеме, ама еднаш месечно барем ќе оставаме печат, ќе им даваме лек на луѓето, таа вечер да си поминат убаво и здравствени стресови да ги издржат многу полесно“, забележува Дими.
Во поглед на медиумите и целата пандемија, Огнен вели дека алтернативниот начин на сфаќање е дека порано на рокенролот не му требало да оди на ТВ. Знаеме каде ни се другарите, ќе отидеме таму, на две-три места. Сепак, со еволуцијата и со појавата на социјалните мрежи, смета дека е неопходно да се шират културните и алтертнативните настани, за да стигнат до поширока публика.
„Многу важна цел е онаа најопилива група, деца од средно образование да речат ‘што е ова’, да отидат на настан на ‘Млади за Скопје’ и да се навлечат. Кога ќе отидеш на театар или концерт, тоа е буквално навлекување. Или ти влегува ‘чивијата’, или не ти влегува. Барем на еден да му влезе – тоа е успех“, нагласува Огнен.
Иднината на „Млади за Скопје“?
Главната цел, која Дими ја имал уште пред многу години, е да се направи „Млади за Македонија“. Во секое катче, Кратово, Македонски Брод, Тетово, Гостивар.. и во поголемите села, на одреден период некој бенд или уметник да прави турнеја.
„Само, тоа е тешко изводливо, требаат енормен број финансии, а ние не сме таков тип на луѓе за да влегуваме во општини и да бараме помош. Не знаеме, можеби ќе научиме. Сега за сега сме на другарска база, не сме формално регистрирани. Ако помине се’ како што треба, можеби наредната година ќе се организираме“, вели тој.
Во поглед на нивната идна структура и поставеност, вели дека голем дел од културните настани веќи ги прави МКЦ. Не сакаат да бидат новото МКЦ. Таму веќе го наоѓаат спасот во разни политички кризи во минатото и сегашноста. И себеси се сметаат за публика во оваа институција, која е културен факелносец.
„Ние сега вметнуваме и некои политички и општествени моменти… Не се толку контраверзни, ама се надевам дека имаат поента. Пример – минатата емисија против малтретирање на жените. И, буквално, додека тоа го пишував и монтирав, видов (на медиуми) дека некој силувал жена! Ден денес се случуваат такви работи. Таа (не)култура, шундот, носи такви нус-појави. Но, кога младината ќе биде образувана и култивирана, некој ќе сфати дека му треба психолошка помош. Кога млади ќе станат возрасни луѓе, да знаат каде да се обратат“, нагласува Дими.
„Млади за Скопје“ сакаат се вмрежуваат слободоумни творци и млади луѓе, а културата да продолжи да создава публика. Независно дали ќе биде поттикнато од нив, од МКЦ, од било кој друг… Поентата е да се создаде склоп на публика, која самата ќе бара, движи и произведува култура. Да се произведуваат македонски „Молчат дома“, македонски „Плохо“, македонски „Лебанон Хановер“…
„’Млада за Скопје’ е за млади. Повозрасните не можеме да ги оправаме. Сакаме младите кои ќе живеат во Македонија да не се делат етнички, да не се делат религиски. Можеби културно да се делат на рапери, металци, панкери… Но, да оставиме културен белег. Се надевам ќе ни се приклучат уште млади луѓе, со нивни идеи и проекти. Кога ќе се создаде критична маса, ќе се покрене интерес и ќе има 80.000 млади што знаат што сакаат. Тогаш политичките елити, кој и да дојде на власт – леви, десни, етнички или неетнички – мора да водат сметка за тие 80.000 младински гласови! Kога ќе имаме заеднички став за тоа каков (културен) настан да направи Град Скопје или Битола, кога ќе знае премиерот дека не треба да носат турбо-фолк изведувачи, дека треба да поддржуваат повеќе млади артисти… Тогаш многу посериозно и политичарите ќе се занимаваат со младите“, констатира Дими.
Бојан Шашевски