Краткиот аматерски документарен филм „Оловни генерации” на средношколката Александра Алексовска, кој како тема го обработува проблемот со Топилницата во Велес го доби специјалното признание за најдобар аматерски документарен филм на Интернационалниот филмски фестивал “Green Fest” во Белград. За Радио МОФ, младата велешанка зборува за предизвиците со кои се соочува нејзината генерација, за еколошката свест, но и за прашањата кои ги отвора краткиот филм.
„Оловни генерации” е добитник на специјално признание за најдобар аматерски документарен филм во Белград. Што раскажува овој филм и кои прашања ги отвора?
„Oловни генерации” е дванаесет-минутна приказна во којашто Игор Смилев, Соња Гаврилова и д-р Ненад Коциќ преку разговор ја раскажуваат нивната инволвираност во граѓанскиот активизам и започнувањето на борба против рестарт на Топилницата за олово и цинк. Се отвараат прашањата за цензурирање на неколку документарци претходно направени за време на работење на Топилницата. Протагонистите исто така ги нагласуваат и фактите од испитувањата, од појавата на масовните здравствени проблеми кај населението, потешкотиите со коишто се соочиле во докажувањето на вистината и се разбира, ја истакнуваат главната дилема која секој граѓанин на Велес ја надмина по протестот на 9 ноември 2011 година, дилемата којашто Игор Смилев често ја дефинира како „економија или здравје?“, односно Рестарт на Топилницата за отварање на нови работни места или нејзина дислокација за овозможување на квалитетен живот на идните генерации во животна средина незагадена од олово и цинк. Велешани ја донесоа одлуката секоја генерација да го ужива своето право на живот во еколошки чиста средина, колку што е тоа можно.
Вашата генерација речиси и да не го памети времето кога објектот работеше. Што е она што сега вие го гледате во Велес, какви последици врз младите остави велешката топилница?
Мојата генерација можеби не се сеќава детално на некои работи, меѓутоа последиците се, за жал, се уште присутни. Има млади коишто се дијагностицирани со тешки белодробни заболувања, леукемија, канцер, аномалии и секојдневно се борат со тоа…А она што физички е присутно во Велес е црниот рид лоциран близу до Топилницата којшто стои како нем сведок на времето кога таа работела. Буквално може да се чекори по него и иако не сум доволно компетентна да зборувам за неговиот хемиски состав, сепак премногу очигледно е дека честици од овој рид може да се најдат во воздухот во било кое време.
Дали постои развиена еколошка свест кај младите во Македонија, активизам и борба за здрава животна средина?
Како средношколец знам дека со изработка на различни еко-проекти образовните институции се обидуваат да влијаат на свеста кај младите, но не секогаш го избираат вистинскиот начин за да го привлечат нивното влијание. Јас лично мислам дека зелениот активизам и борбата за здрава животна средина не е доволно развиен моментално, затоа што секогаш се појавува некој проблем којшто се наметнува како поприоритетен од борбата за здрава животна средина. Од случајот со Велес може многумина да извлечат поука и тоа не само во границите на Македонија. Овој период медиумите известувааат за алармантни загадувања во Скопје и Тетово. Постојат различни алтернативи како да се дејствува против загадувањето, за исполнување на било која од нив потребно е пред се солидарност и соработка помеѓу граѓаните, а Велес може да послужи како пример за тоа.
Здравата животна средина е право на секој македонски граѓанин. Дали младата генерација знае како да ја зачува и како да ја води оваа борба?
Младите, според мене, не се пасивни, но понекогаш чувствуваат страв да дејствуваат за решавање на одреден проблем. Страв дека општеството нема да го прифати тоа, страв дека нема да имаат доволно поддршка, дека нема да ја исполнат својата цел, дека ќе бидат етикетирани… А стравот понекогаш е доволна причина за да се повлечете од некоја борба…Но сепак сум оптимист и верувам дека она што ни е пренесено од претходните генерации може да ни служи како одличен пример за надминување на стравот.
Филмот е насловен „Оловни генераци“, како живеат овие генерации и со кои предизвици се соочуваат?
Насловот на филмот дојде некако спонтано, по снимањето на последното интервју со моите соговорници. Секој од нив зборуваше за својата генерација на некој начин и пораката којашто сакаа да ја пренесат генерално на јавноста е наменета за сите нови генерации. А „оловните генерации“ живеат со оптимизам и желба за промени. Промени на работите коишто не им се допаѓаат. Една таква генерација успеа да ја реализира својата желба, го промени статус кво-то на проблемот, сега на нас останува ние да ги реализираме нашите.
А кои се предизвиците на вашата генерација?
Предизвиците на мојата генерација се да се избори за поголем квалитет во образованието, да може да патува и да запознава нови средини и луѓе, да се усоврши професионално во одредени области, да има подобри и еднакви можности за вработување, да направи унапредување на културно-социјалниот живот, којшто за жал во Велес веќе постепено испарува…Предизвикот на мојата генерација е и да биде доволно среќна, да напредува и да се идентификува на некој начин себе си, секогаш да и бидат загарантирани основните човекови права. Сметам дека има уште милион предизвици со коишто младите од мојата генерација се соочуваат, во моментов јас можам да ги набројам само овие.
Колку беше предизвик работењето на филмот, и што за вас значи наградата во Белград?
Можеби ќе звучи како клише, но најголем предизвик во овој случај беше времето. Како да успеам да снимам и да монтирам се во 12 минути, како во толку краток временски интервал да се прикаже наједноставно приказната и пораката. Наградата во Белград значи мотивација за во иднина на едно многу попрофесионално ниво да се направи документарец којшто ќе биде повеќе од дванаесет минути и во кој ќе се прикажат сите членови на Зелената Коалиција, сите засегнати граѓани и приказни којшто Топилницата ги иницирала. Оваа награда според мене им припаѓа и на активистите коишто земаа учество во документарецот како уште една во низата признанија за нивното вклучување и вложување во граѓанскиот активизам.