Филмот и театарот, проблемите на македонските актерки и претставата „Мојот Маж“, беа дел од темите за кои зборувавме со Наталија Теодосиева, младата актерка која истовремено ги освојува и македонската кинематографија, но и театарска сцена.
Теодосиева, која ја играше улогата на Родна во филмот „Врба“, е дел од составот на актери во претставата „Мојот маж“. Таа во интервјуто на Радио МОФ разговараше за нејзините лични вкусови, филмскиот фестивал во Рим и експериментирањето на домашната театарска сцена.
Во продолжение, слушнете го интервјуто и во аудио форма.
Магбет или Хамлет?
Од денешна перспектива и во времето во кое живееме би рекла Магбет. Тешко е да се избере помеѓу овие две гигантски дела. Би рекла Магбет поради желбата за власт, алчноста за моќ и на што сѐ се спремни тие луѓе за да дојдат до круната, престолот, до тронот, до фотелјата.
Сара Кејн или Силвија Плат?
Сара Кејн. Некако повеќе ми се допаѓа начинот на кој таа ја пишува и ја изнесува болката, црнината.
Колку македонската кинематографија дозволува македонските актери да продефилираат и во странски филмови?
Ако ја тргнеме јазичната бариера, затоа што за нас актерите јазикот е најголемата бариера за да успеваме надвор од македонските граници, македонската кинематографија дозволува и дава шанса на македонските актери, а тоа најмногу зависи од квалитетот на филмот. Ако филмот има добра продукција, тогаш е сигурно дека екипата ќе присуствува на фестивали и ќе има множност да ужива во црвени теписи, интервјуа, да се запознава со други режисери, продуценти и кастинг директори.
Со какви искуства се здоби од филмскиот фестивал во Рим, каде филмот „Врба“ ја имаше својата премиера?
Кога се запишував на ФДУ, односно сите ние кога одлучуваме да станеме актери или желбата тлее во нас, една од првите работи за кои фантазираме се токму ваквите фестивали, ваквите премиери. Мене ми се случи Рим, јас сум многу среќна и многу благодарна, тоа е едно големо искуство за мене, таму сретнавме многу луѓе, многу големи имиња продефилираа на тој фестивал. Чувството е одлично. Гледаш некој кој не те знае, не те познава, а ти дава признание за работата која си ја сработил.
Според твоето искуство, поинтересен ти е процесот на креирање претстава или работа на филм?
Секогаш кога ќе добијам вакво прашање, на почетокот божем знам што да одговорам, ама кога ќе почнам да размислувам и не знам, сфаќам дека и двете ми се интересни затоа што се два различни процеси на работа. Филмот бара многу поголема прецизност и кога се снима една сцена, тоа е денес, сега и толку, ти се подготвуваш дома за сцената, работите заедно со режисерот и со партнерите, додека во театар секојдневно имаш можност да го надоградуваш ликот и да ја обогатуваш сцената. Различни се и двата процеси, но и двата ми се многу интересни. Има една интересна работа, кога ќе завршам со снимање на филм секогаш доаѓам до заклучокот дека отсега сакам да снимам само филмови, ова е тоа, ама кога ќе завршам со претстава, кога ќе влезам во театар на проба ми се враќа исто така љубовта и тогаш си викам не, не, не, ова сакам да го правам. Така што, уште не можам да кажам дали филм или театар. Кога на пример, би снимала многу повеќе филмови отколку што би работела театар, можеби тогаш нешто повеќе би се издвоило.
Дали филмската или театарската улога бара поголемо вткајување на персоналното?
Од денешен аспект, со моето скромно искуство и од филм и од театар, ми доаѓа да одговорам дека тоа е филмската улога, бидејќи кога го креираш ликот за на филм, се трудиш да си многу поприроден. Да бидеш „ти“, но и да внесеш особини на некој друг карактер. Веројатно интимата тука повеќе проработува, работиш со микроемоции, додека во театар тие се поекспресивни движења, гестикулации и емоции, така што може да ти се протне нешто што не е толку твое, лично, но и длабоко. А на филм сметам дека е многу поемотивно, нешто многу твое, закопано длабоко во себе.
Каква женска улога би сакала да „креираат“ македонските сценаристи и драматурзи?
За среќа, последниве неколку години се снимаат доста филмови каде протагонистите во филмовите се жени и се бават со женски карактери, женски проблеми, меѓутоа океј е, на почеток сме, сѐ уште фали некој посилен женски карактер. Имам видено главна протагонистка како мајка, курва, светица, но ми фалат протагонистки како бизнисменка, политичарка… Да се стави акцент на жената како рамноправен пол во нашето општество. Ми фалат посилни женски карактери кои ќе сменат нешто или се обидуваат да сменат нешто во општеството.
Со кои проблеми се соочуваат македонските актерки?
Како и актерите, веројатно. Не би сакала да гледам како проблеми на работите кои досега ми се случиле, туку ги гледам како предизвици. Не сум сигурна колку точно ќе одговорам на ова прашање бидејќи сум уште многу млада на филм и во театар. Би рекла дека актерките со соочуваат со проблемот на воајеризам, објективизација затоа што, еве од мое лично искуство, после „Врба“ кога одев на неколку интервјуа, многу мажи новинари ми го поставија прашањето како моите ја поднеле голотијата во филмот која јас ја изнесувам, како дечко ми го поднел тоа, како луѓето зборувале и тоа ми дава уште еден знак дека ние не сме зрели како нација, односно дека мажите, па дури и образованите новинари кои следат филм и театар се дрзнуваат да постават такви прашања, без да размислат дека тоа е можеби многу банално и површно прашање. Тотално небитно. И по тоа сфаќам дека и тие се само дел од мажите кои објективизираат жени. Ги гледаат како сексуален објект. Би рекла жените дека со тие проблеми сѐ уште се соочуваат во нашата држава бидејќи кога ми се случуваат тие интервјуа размислував на колку мажи што сум гледала интервју им биле поставени тие прашања и досега немам сретнато такво нешто.
Деновиве е актуална претставата „Мојот маж“. Дали како актерка ви недостигаше женската (македонска) современа перспектива на сцената?
Како не. Апсолутно. Сум имала и главни улоги и во претстави каде што имало протагонистки, но не била современа перспективата. Но ова не само што е современо, туку е од нашето поднебје, што е полн погодок. Јас живеам со тие проблеми, со тие опкружувања, со тие луѓе кои што се споменати во самата претстава и тоа мене ми е многу блиско и е одлично што тоа можам да го правам на сцена и публиката тоа да го види.
Во контекст на претставата, кој момент од процесот на изработка би го издвоила?
Ова беше многу искрен, интимен и магичен процес, напорен за мене и за цела екипа. За ова можам да зборам долго, но ќе се обидам да издвојам неколку работи кои дефинитивно ќе ги паметам и ќе влечам лекции од нив. На прво место би го ставила моментот на отварање, искреноста меѓу колегите која што ја имавме во текот на тој процес, споделување на интимни приказни. Тоа е само еден показател дека има голема доверба во самата екипа и за тоа што ние после го пренесуваме на публиката. Отворањето, заедништвото, колективот, грижењето еден за друг, ми оставија најмногу впечаток, како и работата со режисерката Нела Витошевиќ, која ми ја дава целосната слобода да креирам лик како што јас, по мојата интуиција, мислам дека треба да биде и комплетно да го прифати тоа за да ми помогне да изнесам едно интересно парче од мене во таа претстава. Тоа се најглавните компоненти; отварањето, колективот, единството на екипата и работата со режисерката.
Со оглед на тоа дека досега си глумела и во националните театри и во алтернативни претстави, колку македонската драмска сцена е отворена за експериментирање?
Ако зборуваме за државната театарска сцена, не би рекла дека баш е изложена на експериментирање, ако ја тргнеме на страна „Мојот маж“ бидејќи тоа за мене беше впуштање во непознатото, кое вроди со многу добар плод. Но, на независната сцена се ескпериментира и те како и тоа ме радува многу. Има сè повеќе и повеќе независни театри, здруженија, млади луѓе, кои се ангажираат околу тоа да направат некаква експериментална претстава, со многу малку буџет и тие најчесто се успешни, а и да се помалку успешни за мене се, бидеjќи таму има вложено многу труд, храброст и љубов.
Комедија, трагедија или трагикомедија?
Во последниве години се изнаиграв многу трагедии, мислам дека сега доаѓа времето на комедијата во мојот живот, па сега сакам да се префрлам таму, но не значи дека тоа би го правела цел живот, но сакам повеќе да ја истражам комедијата затоа што за себе претходно сум мислела дека воопшто не ми прилега и дека не ме бива да играм комични улоги. Но се покажа спротивното пред некое време, така што сега сакам да се посветам на комедијата. Ама добра комедија, не од оние ефтините, значи некоја паметна комедија.
Театар или кино?
Многу сакам да одам во театар, пред да одам да гледам претстава, било која претстава, чувствувам огромна возбуда. Многу сакам да гледам претстави, која и да е, кај и да е, кога и да е, така што натежнува театарот зошто веројатно е жив, се случува овде и можеби затоа што 80% од луѓето кои ги гледам на сцена ги знам и тоа ми е премило и префасцинантно.
Ивана Смилевска
*Интервјуто е направено во рамки на Новинарскиот клуб на Радио МОФ раководен од новинарот Огнен Јанески