„Да беа нашите барања порано исполнети, животните сега ќе беа заштитени, граѓаните далеку позаштитени отсега и здравствено и безбедносно и ќе се превенираа страшни финансиски загуби на општините. Енормни се оштетите за каснување. Тие приказни дел се лажирани, дел не се, но можеле да бидат спречени кога би ги вложиле овие средства во превенција на проблемот. Односно, во добра легислатива која ќе контролира и превенира фрлање на нови и нови кучиња и мачки на улица, која ќе казнува неодговорно однесување. Затоа што неодговорноста на поединците или институциите нѐ чини сите нас, и животните пред сѐ. Тие не се криви што се живи“.
Наташа Кнежевиќ е долгогодишна активистка за заштита на животни од Здружението „Анима Мунди“ кое заедно со други здруженија и пратеници го изготви предлог-измени на Законот за заштита и благосостојба на животните. Тој требаше да биде донесен со скратена постапка уште во март, но сѐ уште чека во Собрание. При изготвувањето пример е земен од најуспешните практики на сиромашни европски земји во развој каде ситуацијата, како кај нас, ескалирала. Задолжителна стерилизација на миленикот, забрана на секаков вид нехумани дејствија врз животните и од граѓани и од институции, високи казни за неодговорните сопственици, полиција за кучиња и гробишта за миленици се само дел предвидените измени.
„Доколку не го смениме законот ќе се вртиме во круг и нема да имаме позитивен исход по многу прашања затоа што оваа проблематика не ги третира само животните, туку мултисекторски се реперкусира на сите нас и нѐ засега првенствено етички, но и безбедносно, здравствено, економски и еколошки. Не измислуваме топла вода. Предлагаме најуспешни европски практики кои би можеле да се имплементираат овде, соодветни на нашето подрачје и економски најисплатливи“, децидна е Кнежевиќ.
До претходната влада, собранискиот состав, до сите можни партии, сите чинители и институции кои се надлежни или вклучени во процесот на заштита и благосостојба на животните „Анима Мунди“ имаат доставено предлог-измени и дополнувања на Законот.
„За жал, иако се инсистираше неколку пати да бидат разгледани како приоритетни точки – ништо. Сето тоа остана на ниво на состаночење и наше продуцирање на обемна документација, аргументација и предлог-измени“, раскажува активистката.
Таа вели дека оттаму чекале додека новиот собраниски состав да се стабилизира и врати од годишни одмори за овој процес повторно да го иницираат доставувајќи ги пак предлог-измените и деталната аргументација за нив. Тоа ќе го сторат месецов, а се надеваат на добрата волја на владејачката структура која претходно им ветила дека ќе го усвои законот.
„Се надеваме дека новата гарнитура нешто ќе направи бидејќи, како што известувавме и јавно, имавме состаноци на кои рекоа дека ќе ја поддржат измената на законот по нашите барања. Е сега, ќе видиме како ќе биде. Сакаме ефикасни, не избрзани решенија. Се надеваме во добрите намери кон населението и животните“, поентира.
„Нелегалните одгледувачници се трговија која не фигурира, а е дејност која е и те како доходовна. Од таму е коренот. Никаква евиденција на оној кој купува, продава, размножува, фрла, напушта, никакви санкции за таквите дејствија. Од друга страна, толерирање на насилство кон животните. Ние имаме случаи од фрлање на куче од балкон, до колења, бесења, сакатења, влечења… Секакви радикални случаи“, посочува таа.
Токму поради ваквата ситуација, „Анима Мунди“ бара и радикална мерка – забрането размножување на миленици освен во услови на регистрирани одгледувачници. Легалните одгледувачници ќе бидат должни да го пријават потомството од своите миленици во овластена ветеринарна амбуланта најдоцна 30 дена по раѓањето и да ги регистрираат животните според Законот за идентификација и регистрација на животните. Да се подарува или продава нерегистриран миленик ќе биде забрането.
„Едни мастики ‘Орбит’ да купиме треба да платиме данок, а можете да купите 2 кучиња маж и женка, да ги размножувате до недоглед, да вадите од куче по 1.000 евра и ништо за тоа да не придонесете кон државниот буџет. Значи, тотално нелегално. Бараме регулирање на трговијата. Ова значи дека случаите на прекршување на забраната ќе резултира со сериозни казни. Исто така, сериозни казни се потребни и за напуштање животно, а не 50 евра да платат“, додава Кнежевиќ.
Како што појаснува, нашиот моментален закон го толерира напуштањето и неконтролираното размножување на миленици. А, истакнува дека, никако и никогаш нема да стигнеме до решение доколку не го регулираме и спречиме токму изворот на проблем со прекумерниот број бездомни животни – неодговорното сопствеништво.
За нив како здружение одредбата каде се дефинираат забранетите постапки кон животните е најважниот дел од Законот затоа што, вели таа, „кај нас е многу деликатно да се констатира, како и воопшто да се започне процесот за мачење на животни“.
„Сакаме во забранети постапки да наведеме забранети дејствија во однос на животните, како на пример забрането држење на ланец без да се шетаат и без да им се овозможи слобода на движење, забрането користење коњи и копитари во урбана средина, забрането влечење на животни со возила на движење, борби и какво било поттикнување на борби… Да навлеземе во детали, затоа што институциите секогаш си ги префрлаат надлежностите една на друга и сѐ некој е ненадлежен“, раскажува активистката.
Исто така, со измените сакаат изречито да ја забранат и евтаназијата на животните во прифатилиштата, освен на неизлечиво болни и агресивни за кои нема да се покаже интерес да бидат вдомени.
„Во цела држава, освен во ‘Лајка’ каде имаме контрола во рамките на овие очајни можности на градот, во секој друг стационар и во секоја друга општина се практикува масовно убивање на животните кое може да се прикрие и да не се дознае“, потенцира таа.
Не постојат ресурси, вели, кои можат да го опслужат ова темпо на испуштање кучиња затоа што ако во „Лајка“ стерилизираат 200 за еден ден, за тоа време надвор има повеќе од 200 нови исфрлени. Ова е така затоа што „применуваме мерки кои се дефиниција за неуспех“ и потребни се законски измени. Можностите на „Лајка“ посочува дека се ограничени и таму само чистат, крпат последици колку можат. Претпријатието не може да казни за фрлање или нестерилизација.
„За да се почне од некаде, мора прво основата да се стави на хартија и да се официјализира како закон. Потоа ќе бараме негова примена, ќе се притиска, врши влијание, дише во врат, помага на институциите, зависно од индивидуалните случувања. Ова е еден процес кој нема крај“, заклучува Кнежевиќ.
Македонските активисти со децении се заглавени во круг и водат иста битка – тргање на илјадниците беспомошни животни од улиците. Неуморно вложуваат крајни напори на терен, но досега се испоставило дека единствено со заложба за хуманост кон животните може да се реши проблемот.
„Активистите, дали неформални организации, активисти кои помагаат по улици, или ние, сме најдоследниот фактор да се намали оваа бројка затоа што со сопствени ресурси стерилизираме, спасуваме, вдомуваме не знам каде и уште што не. Меѓутоа, без законски измени и третирање на коренот на проблемот, нема начин, ниту капацитет да се прати штетата што се прави секојдневно“, вели таа.
Иако измените се во рацете на политичките субјекти, Кнежевиќ сепак посочува дека барањата доаѓаат од здруженија кои се репрезент на една сериозна група граѓани и затоа имаат надеж.
„Се работи за колективно добро и интересот е на сите, и на луѓето и на животните“, констатира Кнежевиќ.
Ангела Петкова