[Интервју] Небојша Глоговац: Времето на стаорците сè уште трае

За човек кој има желудник за сè, овде се вели дека умее да се снајде. Како тогаш да зборуваме за духовни вредности? – вели познатиот српски актер Небојша Глоговац, кој со својот талент и со своите остварувања стана дел од филмската и театарската култура на овие простори.

Добрината е обезвреднета, затоа што не се исплаќа да се биде добар – денеска е важно само она што носи пари и позиции. Суштината не е во тоа колку луѓе сте измамиле, туку колку сте заработиле. Мерка на се е богатењето и престижот, главните животни натпревари се играат на тој терен, а добрината, безусловната благородност, чесноста, искреноста, храброста…. сите тие возвишени и неопопливи вредности на човечкиот дух не носат никаков паричен одговор. За луѓето кои не се обогатиле, но чесно работат, не ги изигруваат законите, не прават измами, немаат моќ – за нив се смета дека се неспособни. Оние кои се подготвени на сите „игри“ – да украдат, а да не бидат фатени, да ја повторат лагата милион пати, додека не стане вистина, да снимат „порно“ за да станат популарни, тие се сметаат за „способни“, рече Глоговац во ова постаро интервју за весникот „Вечерње новости“, кое го пренесуваме само како показател дека состојбите на Балканот се менуваат многу тешко.

Зошто дојде до толку сурова „замена на тези“ во системот на вредности?

Воспоставени се некои „нови правила“, по кои чесниот човек е будала и луѓето така стихиски, просто како стадо, се прилагодуваат на она што се случува околу нив. Малку доцниме зад светот, но во исто време и следиме многу од она што се случува, и тоа на лош начин.Ги прескокнуваме скалилата по кои светот дошол до некои заклучоци и директно итаме во тоа. А превирањата се глобални, на сите нивоа, се менува „поларитетот“ на планетата, а тоа од нашата позиција, од нашите мали животи, делува прилично шокантно.

Како човек да се прилагоди на глобалните промени? 

Тешко. Тоа како да се менува насоката на сказалките на часовникот или како времето за се забрзува, толку е компликувано прилагодувањето. Особено од нашата позиција, ние кои живеевме под поинакви околности, тоа обезвреднување на моралот, духовните вредности и трката за пари по секоја цена, делуваат страшно и погрешно. Но, којзнае какви резултати ќе донесе тоа на крајот. Можеби ова време ќе се преобрази во нешто добро и благородно. Сепак, речиси сум сигурен дека претходно ќе настапи сериозно чистење – во видот на некои војни, болести, разни други лоши и трагични работи. Тогаш луѓето веројатно ќе дојдат до некој паметен заклучок кој на сите ќе им овозможи да живеат нормално.

Имаат ли младите луѓе денеска свест за тоа што е морално, а што не е?

Младите луѓе живеат во склад со својата возраст, приморани врз основа на тоа да ги прават своите кодекси и мерила на вредностите. А, бидејќи човекот е прилагодлива ѕверак, тие наоѓаат начин да пливаат во амбиент во кој се лаже, се прават „дубари“ и се краде отворено, на сите нивоа, дури веќе и не се крие. Потешко им е на постарите, кои знаат за поинаку, па сега се прилагодуваат, иако и тоа не е правило – и тука има одлични „пливачи“ кои профитираат во во сите промени. Младите не знаат како било порано – времето на ова вулгарно, сурово риалити шоу е единствената реалност која ја познаваат, па затоа им е полесно.

Дали луѓето доброволно се согласуваат на таа потчинетост – како што велите, отворено да ги лажат и крадат? 

Немаат за што да се фатат, за да реагираат. Повеќе ништо не важи, секоја лага и секоја игра е возможна и отворена. А, луѓето се истоштени од повеќегодишната сиромаштија, несигурни во законите и целиот систем, заплашени на своите работни места, ако воопшто ги имаат. Тогаш, тешко е да се очекува некоја силна, отворена и прогресивна енергија, која би покажала иницијатива нешто да се смени. Овде царува лицемерјето – оние кои не размислуваат на тој начин, се затечени. Меѓутоа, мислам дека со време ќе се реши овој противприроден блуд што ни се случува.

На кој начин? 

Има премногу незадоволни и сиромашни, дури и средниот граѓански слој се бори за опстанок, да не зборувам за оној понизок слој, најсиромашниот. А, бидејќи луѓето сакаат да живеат и борбата за опстанок сепак е во тој некој генетски код, мислам дека ќе дојде до некој бунт, ќе „пукнат“ некои економии, ќе паднат пензиски фондови или не знам што уште, затоа што не сум некој експерт, само сум обичен граѓанин. Колку што можам да почувствувам, во моментов не е уште тоа ниво на температура. Но, ми се чини дека не е толку далеку ни денот кога луѓето ќе ги потрошат сите картички, чекови, кредити и позајмици со чија помош жонглираат секој месец за да преживеат. Тоа ќе биде денот кога нема да имаат пари за да си ги лечат децата, иако работат и завршиле некои школи. Вака замислувам од некоја своја фантазија и инстинкт и мислам дека богатите манипуланти би требало да ги „држат гаќите“ во неко догледно време.

Што сметате за најпогубно во Србија денес? 

Недостатокот на чувство за квалитет, негативната селекција, лошите компромиси во однос на тоа што е напредокот и каде сакаме да одиме. Се нема визија за тоа што сака оваа земја да биде.

Зошто постојано се отвораат нови простори за манипулација? 

Во Лондон бев во самопослуга која работи со кралското и војводското семејство уште од 1703 година, што е претставено со два мали грба на секоја кеса што ја даваат таму. Тоа е, значи, 300 години самопослуга и никој нема дилема што е. Имам уште еден пример – дедото вложува пари во обложувалница на својот внук, кога тој имал седум години, дека еден ден ќе биде голман на англиската репрезентација. Обложувалницата му го гарантирала тој влог во следните 15 години, внукот навистина станал репрезентативец и дедото ги добил своите пари. Во Белград, во Србија, на овие простори не можеш да сметаш на вакви работи, ниту можеш да имаш толкава доза на доверба. Ние немаме континуитет на вредностите и тоа е она што остава огромен простор за манипулации.

Што е она што ви влева надеж? 

Се трудам да не бидам разочаран, си задавам некои цели и барања, пред сè на самиот себеси и се трудам од своите деца да создадам луѓе кои ќе сфатат во какви околности живеат, како и да знаат дека доброто постои, само е некаде потиснато. Мислам дека овде сè уште има добри, чесни луѓе и тоа е она што ми влева надеж. Верувам дека некои нови генерации, ако веќе ние нема да можеме – нашите деца, внуци, ќе дочекаат подобар, нормален живот овде.

Извор