Во 1937 година, Јан Алфред Шчепански и Јустин Војснис, членови на полска експедиција, за првпат го освоија Охос дел Саладо, највисокиот вулкан во светот. Оттогаш низ изминатите децении стотици луѓе се искачија на овој специфичен вулкански врв на Андите, но само десеттина со велосипеди. Меѓу нив од 2024 година се вброија и двајца Македонци – велосипедистите Никола Нешкоски и Илија Деревјов.
Нешкоски за Радио МОФ раскажува дека ова била незаборавна вело-искачувачка авантура. Дел возење точак, дел качување со точак на грб, нималку лесно, по локации каде пустината Атакама се претвора во планинско-вулкански предел меѓу границите на Аргентина и Чиле, се’ до височина до 6.893 метри.
„Охос дел Саладо е само 70-80 метри понизок од Аконкагва, највисокиот врв во Америка и надвор од Азија (на западната полутопка). Бидејќи е втор во Америка, можеби за некои луѓе не е атрактивен, но за нас беше многу актрактивен од велосипедски аспект, бидејќи дозволува точак. Со тоа, можевме да отидеме и да си ја испробаме среќата, односно снагата“, раскажува Нешкоски.
Нешкоски е претседател на организацијата „Еко Логик“. Долги години е активен и со програмата „Вело училишта“, која го промовира велосипедизмот како здрав и алтернативен начин на превоз на учениците во Македонија. Нешкоски воедно е едукатор, вело и еко-активист, зависник од височини и возење точак.
Претходно ги има искачувано Килиманџаро во Африка, Дамаванд во Иран, па познатиот вулкан Етна, потоа и заспаниот вулкански масив Арарат…
„Ова е константен процес. Конкретно за мене, за Охос дел Саладо не сум имал некоја кампањска подготовка. Нели, има луѓе што 2-3 месеци тренираат, се спремаат, менуваат исхрана и сл. Влегуваат во тотална ‘тренинг шема’. Кај мене тоа е редовна пракса. Математички гледано, како што пратам апликации, низ годините имам фатено стадард со активностите, освен во изминатата година која ми е 10% над стандардот. Ништо драматично. Активностите се тематски, правам и тренинзи за грбот да ојача (за да носам точак). Почнав во Македонија уште пред 10-ина години… па првиот на страна беше Килиманџаро… и оттогаш продолжи муабетот ‘еј, каде следно?’“, се присетува Нешкоски.
Организација и аклиматизација
Охос дел Саладо го „пикирал“ некаде крајот на 2021, почетокот на 2022, со тоа што планирал да оди лани, ама го повредил коленото. Сега, конечно му дошол редот. Ги организирал човек од Србија, па тргнале со Илија Деревјов на турата заедно со уште осуммина од земјите бивша Југославија, но само они двајца со точаци, а другите пеш.
Од Македонија тргнале со авион. Во Чиле искачувале од почетна точка во близина на градот Копиапо, на околу 2.000 метри надморска височина. Авантурата потоа се селела на четири различни планини. Морале да прават аклиматизација, приспособување, бидејќи височините си носат свои закони.
„Мораме да поминеме процес на ‘горе-доле’. Пример, стартуваш под 2.000 метри, па одиш до 3.000, па се симнуваш назад. Утредента одиш до 4.000, па ќе преспиеш на 3.500 метри надморска височина. Па, ќе одиш на 5.000 итн. Телото мора да се навикне, за да си ги зголемиш шансите за качување, инаку може да настане т.н. ‘висинска болест’. А, тоа е од недоволна аклиматизација, или недоволна спремност, психо-физичка“, објаснува Нешкоски.
Блиски средби од трет вид
Уште првиот ден имале средба со летечки „домаќин“. Екипата си отишла со џипови од првиот камп, се растоварале, па фатиле патот со точаците по асфалтот накај пустинскиот дел, но некаде на 2.500 височина им дошол орел. Прво на шала, се смееле, но, орелот продолжил да ги следи, да им лета и кружи над нив.
„Врти ли врти, на висина каде убаво го гледаш, и он те гледа. Застанавме да го сликаме: ‘Еј, што е убав’. Си продолживме. Не знам што му текна на Илија, се сврте наназад и вика: ‘Човече, овој иде накај нас’. Буквално ни беше намерачен со канџите, како во филмовите. Почнавме да му викаме, па се оддалечи. Потоа, пак се спушти накај нас. ‘Ќе не напаѓа ли?’. Чудно, не знам дали кацигите му беа атрактивни, дали точаците, ама обично животните се пуштаат ако чувствуваат слабост, изнемоштеност, или ако си пред умирање. Не’ збуни ситуацијата, ама, тоа е природата“, низ смеа раскажува Нешкоски, дополнувајќи дека низ авантурата наидувале и на локални фламингоси, „далеку попријатни птици за блиска средба“.
За вулканцките работи
Охос дел Саладо („Очите на солта“, или некаде преведен и „солени очи“) содржи огромни депозити на сол, кои во облик на лагуни се појавуваат во неговите ледници. Таквите „солени езерца“, како што ги нарекува Нешкоски, се насекаде, иако е прилично пуст предел што влегува во устата на вулканот.
Историски гледано, истражувања велат дека вулканот најверојатно се активирал пред 26, или пред 3.3-1.5 милиони години, или за време на епохата на плеистоценот. Охос дел Саладо се’ уште се води како активен вулкан, иако дискутабилно е дали „моментално“ или „историски“. Според Глобалната програма за вулканизам на Смитсоновиот институт, најновата позната ерупција се случила пред околу 1.300 години. Сепак, постојат и докази за емисија на мали количества пепел во 1993 година, што дефинитивно го квалификува вулканот како историски активен. Присуството на високи фумароли (отвори во кората) на планината и тековите на лавата, иако неизвесно кога датираат, исто така потврдуваат дека вулканот е „активен“.
„Буквално насекаде гледавме земјени бои, различни нијанси на кафено, црвенкасто, сиво, портокалово, жолтеникаво итн. Меѓутоа, имаше мали тревести делчиња со јака трева, пожолтена, кога ќе ја фатиш можеш да се ‘исечеш’. Нивните животни налик на лами – тие ги јадат, немаат друг извор на храна“, посочува Нешкоски.
Со погледот впивале и потемни бои од вулкански камења. Имало и многу песок.
„Класична пустина. А, кога ќе влезеш во кратерот, што е огромен, таму веќе се чувствува кружен дел. Импозантно! Иако, мора да признаам, најмногу се чувствуваше вулканот кога бевме во Иран, на Дамаванд. Таму буквално чуреше! Одоздола цело време излегуваше сулфур, дури непријатно на дишење. Овде, не осетивме такво нешто, единствено на пониските делови, кај езерцата, се јавуваа мали ‘џакузи’ со топла вода. Водата мирисаше на сулфур, но не толку интензивно, туку прифатливо за да влезеш да се избањаш и стоплиш“, потенцира Нешкоски.
Од камп, до камп до… врв
За него е чудно што од нигде никаде, се’ е пусто, пусто, пусто… и ОП, езеро. Крај такво езеро им бил и првиот камп.
„Официјален камп, што би се рекло, имаше и ве-це за кое некој се грижи. Ние си носевме, местевме шатори, сами си готвевме итн. Исто како кога одиш на некаде на кампување. После тоа, во повисоките делови постојат собирни точки, како фиксирани камп-простори за луѓето што се искачуваат, но таму поставуваш шатор каде сакаш, никој не наплаќа и сл. Исто така, некаде беа поставени и од оние металните контејнери, ‘бродските’. Тоа е опција да се затскриеш, зготвиш храна на раат, да не ти дува, ако ти е ладно во шатор – да се тргнеш од студот. Имаше по 2-3-4 места за спиење, некаде окупирано, некаде не. Но, ние си спиевме во шатор“, се присетува Нешкоски.
Што повисоко, толку потешко се диши, па порезервирано ги планирале активностите. Пример, вели тој, ако излезеш навечер до ве-це, тоа го правиш пополека околку на кампинг во Струга. Бидејќи, ако убрзаш одма чувствуваш тахикардии. Срцето побрзо чука и се задишуваш.
„Меѓутоа, она што лично ме нервираше, но го прифатив, е неспиењето. Таму буквално само лежиш, дремеш, особено како што искачуваш повисоко. Тешко да дојдеш до длабок сон. Ќе станеш одморен, физички, ама главата не ти е наспана. Имаше жена од екипата што пиеше апчиња за спиење. Не можеше да поднесе несоница, ама тоа се одразува во искачувањето, се јавува дезориентираност. Не е препорачлив секаков лек на такви височини. Дури ниту електролити не се препорачуваат над 4.000-5.000 метри, од аспект на тоа дека ти не не потиш. Телото ти се троши, телото ти се ‘јаде’, ти слабееш, ама ти не се потиш за да внесуваш електролити. Едноставно, пиеш вода, вода и вода. Исто чај и супа, ама вода сркаш цело време. Таа циркулира низ организам. Мора да мислиш на такви работи кога одиш накај врвот“, нагласува Нешкоски.
Стратовулканот Охос дел Саладо се наоѓа на границата меѓу Аргентина и Чиле, па има и два врвови – по еден во двете држави. Нешкоски и Деревјов го возеле и искачувале делот во Чиле што е повисок за еден метар. Баш тој еден метар ги тера високогорците и авантуристите да ја одбираат чилеанската варијанта.
„Работата беше, ако веќе го качуваме највисокиот вулкан во светот, да се качиме на неговата највисоката точка. Тој во Аргентина е ‘полесниот’, а овој ‘потешкиот’, што значи во последните 20 метри треба да се качуваш по јажиња. Ништо драматично, ама, тоа го нема на другиот врв. Буквално го гледаш другиот карши тебе. Овде има, таму нема луѓе, бидејќи е за метро понизок“, раскажува тој низ смеа.
Освојувањето врвови со велосипед бара спремност
На прашањето што би им препорачал на оние што би се решиле на ваков потфат, Нешкоски вели дека првенствено треба да возат велоспед. Но, не е тоа доволно, бидејќи постојат „хард-кор“ луѓе посветени само на точак, или само на планинарење, а ваков потфат ги бара и двете техники.
„Различни се планинарењето и планинскиот велосипедизам. Различно е времетраењето на качување, стилот, товарот…. Со точак избегнуваш тежок ранец бидејќи ти прави дисбаланс, додека при планинарењето немаш проблем и се навикнуваш. Ова е комбинација од двете. Низ Македонија кога искачуваме врвови како Титов Врв и Љуботен – оние врвови што не ги возиш, туку само надоле ги симнуваш – мака имаат некои велосипедисти. Бидејќи грбот им е навикнат на ранче од 6-7 литра, кај што носиш основни работи, дресче, пумпа, храна“, вели Нешкоски.
За него нема сомнеж, ова е вистинска авантура, ама си има и предизвици: возење, туркање, носење велосипед на грб, па техника како рацете да си се слободни за пентарење на карпа. Плус, на големи височини се облекуваат друг вид чевли, нестандардни, т.н. „дупли чизми“.
„Прилично се крути, непријатни и незгодни за носење. Си викаш ‘чекај малку, како јас надолу ќе се се симнам со точакот?’ Потоа ги навикнуваш, учиш како да ја поставиш ногата. Јас учев на терен, на лице место. Некогаш дишењето е отежнато, немаш многу фокус, а со нозете треба координација. Така да, ова не е класично велосипедско патување кога возиш 10 часови. Да, ти може денес си имал 10-часовна активност, но тоа било комбинација од многу нешта“, нагласува Нешкоски.
Треба и доверба меѓу самите влосипедистите што одат по „бајк и хајк“ тури. Покрај дружбата, да се мотивираат, ама да си даваат и здраворазумски совети.
„Често си велиме: ‘Ако нешто ти прави дилема – не вози, истуркај го точакот! Ако можеш да го возиш, не го вози со ист интензитет како на Водно, туку дај 30% од себе, не давај 80-90-100%“. Бидејќи, ако се повредиш, што ќе се случи? Хеликоптер ли ќе те собира?! Ова се посериозни изолирани локации“, потенцира тој.
План за нов врв?
Охос дел Саладо ниту му е прва, ниту последна вело-авантура. Желба имаат летово со точаци да го пробаат Елбрус, Русија.
„Тоа е практично највисокиот врв во Европа, не е Мон Блан, кој е на ниво на Европска Унија. Тоа сакаме да го направиме следно. А, исто така, нешто што е ептен актрактивно, но ултимативно тешко, тоа е на македонско тло – ‘бајк и хајк’ тура по западната македонска трансверзала. Се работи за 180-200 километри, меѓутоа е екстремен терен по прекрасни предели што генерално ги одат планинари. Лани пробаа еден Македонец и двајца странци, движеа по секции, измеѓу се симнуваа па качуваа. Јас сакам цела, од почеток до крај, со шатори на неколку места за спиење. Тоа ни е желба уште пред 2-3 години. Летово ни е план да ја оствариме!“, потенцира Нешкоски.
Бојан Шашевски