За експериментирањето со звукот, македонските поети и процесот на работа на неговото ново ЕП издание „Пркос“ разговаравме со тетовскиот рапер Никола Трпески S.A.M.. По првиот албум „Огледало“ со кој S.A.M. дебитираше на рап сцената, раперот кој студира на катедрата по Општа и компаративна книжевност, нуди поголемо експериментирање со звукот и семплување на македонски поети. Во интервјуто за Радио МОФ, Трпески ги откри приказните зад четирите песни на новото издание.
Која е симболиката зад насловот „Пркос“ и колку долго работеше на ова ЕП издание?
Со овој проект сакав да бидам искрен најпрво со себе, па потоа со сите кои го следат моето музичко патување изминативе две и пол години. Проектот го носи името „Пркос“ по истоименото украсно растение на кое не му треба многу за да никне и може да преживее во најсурови услови и пркосот ко позитивен инает кој ме води низ животот. Како што и пркосот има разнобојни цветови така и овие четири песни се разнобојни во жанровска смисла, но рапувањето врз инструменталите е есенцијата на целиот проект. При пишувањето овој пат се водев по некои начела кои си ги поставив, а тие се на едноставен и разбирлив говор со цел да кондензирам животни прашања на начин кој би го разбрале сите, рамнотежа помеѓу народен говор и дијалект наспроти поетски говор.
Стиховите од македонскиот поет Радован Павловски се најдоа на првата песна од твоето ново музичко издание? Зошто ја одбра песната „Младичот што спие напладне“?
„С*ања на ум“ е моето свесно спуштање во мојот личен пекол, кошмар низ кој морав да поминам и да извлечам нешто вредно од тоа. Оваа песна ја напишав прва и од неа почнаа да се раѓаат наредните. Сакав отворено да зборам за мојата ранливост и загубата на мојот татко. Отворено во песната ги поставувам тешките прашања со кои се соочуваав, а знам дека се соочуваат и многу млади лица, но се стигматизирани и ја прикриваат ранливоста заборавајќи дека е најголема одлика на храброст. Сите имаат многу с*ања на ум. Вметнав делови од принцот на метафорите, поетот Радован Павловски од „Младичот што спие напладне“ за да ја симболизирам поголемата сила која ме буди од кошмарот во кој паднав.
Во „Оловен војник“ рапуваш на тетовски дијалект, има ли посебна причина за овој потег?
„Оловен војник“ е можеби една од песните коишто сум ги напишал во најбрзо време. Ако за првата ми требаше месец за оваа ми беа потребни само два часа. Само уште еден доказ дека песната се јавува баш таа кога сака. Имав подготвено неколку инструментали меѓу кои беше и овој и му ги пратив на Кацар за да си одбере за снимање. По кратко преслушување го повлеков назад овој инструментал и веднаш почнав да ги фрлам стиховите еден по еден. Сакав да го отсликам Тетово и начинот на живеење во 2020 година, не заборавајќи ја поновата историја на градот, низ што пројде и уште поминува. Тетовскиот дијалект сам по себе додава на автентичност и на веродостојност на кажаното.
Во твојата трета песна правиш семплување на „С*ања на ум“. Дали овие песни се поврзани?
„Пешки“ и “С*ања на ум“ функционираат ко двете страни на паричката, „Пешки“ е среќната верзија и моето будење од кошмарот, враќањето на силата, може да се примети во самиот почеток како се повторува рефренот од првата. Песната ја пишував на друга музичка подлога и по некоја чудна случајност наредниот ден ме исконтактира Пуца Череп од Куманово на „Инстаграм“, ми кажа дека мисли дека има нешто што може да ми се допаѓа заедно со линкот за спуштање на инструменталот и испадна да ми е една од поомилените соработки со било кој битмејкер. Песната ја чував снимена неколку месеци мислејќи дека првата верзија не сум ја изрецитирал ко што треба, се вратив во студио да преснимам само за да сфатам дека првата верзија била вистинската и изгубивме беспотребно време од преголема самокритичност.
Каков беше процесот на работа на „Нови неба“ и како се одлучи на експериментирање со електронски звук?
„Нови Неба“ ја пишував додека работев на плажата “Оревче“ во Охрид. Добри два месеца сè што слушав беше електронска музика до степен да ми се допадне и да се осмелам да рецитирам на такво темпо. Ја пишував на листиња за нарачки малку по малку и ги чував во кесето во кое што го собирав бакшишот во размер од неколку недели. Кога заврши летната сезона се вратив дома со листињата, ја направив инструменталката и ја снимив најбрзо што можев. Се приклучи и Александар Илијевски – Шајо на труба, за кого мислам дека ќе биде новата прва македонска труба и ја однесе песната на друго ниво. Со неа го завршувам ова поглавје на среќна нота исполнета со љубов.
Се чини дека македонската рап сцена воошто не експериментира со звук и со други музички жанрови. Според тебе, која е причината за ова?
Мислам дека малку хип-хоп артисти експериментираат со други жанрови од страв дека ќе бидат осудени од раперската публика. Имам огромна почит за пуристите кои го негуваат „вистинскиот“ рап звук и сè уште мислам дека ја држат рамнотежата и се сложувам дека има искривени вредности во новиот трап бран кој што надојде и овде, но многу голем дел од македонските рап артисти од мојата генерација не посегнуваат по нови варијанти за рапување и остануваат во тој 2008-ма тинејџерски менталитет кога ја глорифициравме улицата, бетонот, спарингот со невидливи непријатели и клишето на кој е андерграунд, а кој е комерцијала, муабет кој веќе е безначаен со наглата експанзија на користење на интернетот и социјалните мрежи ко медиум за самопромоција, рекламирање и промовирање на музика. Од витална важност според мене e да се остане доследен на својата лична приказна и потпис. Истовремено да не се заборават корените, но и ѕидовите кои ги срушија сите македонски рап легенди и истакнати артисти за да можеме да посегнеме по нешто ново, а не да ги емулираме нив само за да бидеме прифатени од културата.
Кои се твоите омилени поети?
Блаже Конески, Радован Павловски и Кочо Рацин од македонските; Сол Вилијамс, Гвендолин Брукс, Гил Скот – Херон од афро-американските чие влијание е длабоко вкоренето во хип-хопот и рап музиката, а при моите досегашни студии и исчитувања низ предметите кои ги слушам на катедрата по Општа и компаративна книжевност силен впечаток ми оставија песните на Александар Блок, Владислав Петковиќ – Дис, Руми и Пабло Неруда.
Дали во моментов работиш на некои нови песни и какви се плановите за во иднина?
Имам уште две готови песни кои се во соработка со наши македонски продуценти кои треба да бидат во етер наскоро, чекам да се смири ситуацијата со коронавирусот за да се работи на видео за некоја од песните од „Пркос“. Очекувам да ги завршам студиите и да спремам нова музика со нова енергија и друга гледна точка.
Ивана Смилевска