[Интервју] Нов начин на пчеларење ќе ги штити пчелите во Македонија од климатски промени

Пчелата е мала животинка, но со огромна улога во биодиверзитетот. Секој трет залак кој денес ќе го изедеме е благодарение на неа и нејзиното опрашување на растенијата. Таа клучен фактор во опстанокот на човекот, но и е најподложна на климатските промени.

Група ентузијасти решија да направат промена и да ја заштитат пчелата од изумирање нудејќи нов начин на пчеларење. Една од нив е Елена Фиданоска, која пред речиси три години ја формираше стартап-компанија Macedonian Honey. До денес, тие реализирале низа активности со цел да ѝ обезбедат подобра иднина на пчелата. Нивните напори ги препозна и Европската Комисија доделувајќи им ја Европската награда за стартапи.

„Во ова време на климатски промени, кога има исчезнување на пчелите, намалувањето на биодиверзитетот кој доведува до прашањето за идните генерации, ние сме исправени пред одговорна задача да преземеме нешто“, вели Фиданоска.

Според неа, не е важно дали некој е фармер, бизнисмен, или политичар – секој треба да се вклучи во зачувување на опстанокот на овој инсект, од кој зависи целосниот екосистем.

„Elle-Hive е прва македонска кошница со која пчелите стануваа посилни и нивниот генетски материјал им овозможува нивните генерации пчели полесно да се псрават со предаторите и климатските промени“, појаснува Фиданоска.

Но, нивната мисија вклучува и едукација на јавноста за важноста на медоносната пчела во производството на храна и опстанокот на биодиверзитетот. Воедно, тие сакаат да поттикнат производство на 100 отсто чист планински мед, кој нема да содржи антибиотици, киселини, или други вештачки материјали и ќе биде одгледуван на надморска височина од 1200 метри, настрана од какво било загадување.

Покрај ова, тие оформира и интернационална станица за пчели – место каде физички лица и компании, организации, или надлежни органи ќе можат да склучат соработка.

„Веруваме дека пчеларењето не е единствена цел да се произведе што повеќе мед, туку пчеларењето е одговорна работа каде добросостојбата на пчелата и околината е во прв план, а вишокот на мед што го произведуваат е награда за нашата активност“, смета Фиданоска.

„Во Македонија пчеларењето е повеќе комерцијално насочено. Пчеларите повеќе го гледаат медот како основа за нивна егзистенција, е сега ние решивме наопаку да ја завртиме работата, затоа што ако имаме силни пчели, ќе имаме и мед“, додава таа.

За наградата, пак, вели дека ќе им послужи како поттик да бидат подобри. Наградата, според неа, не е само признание за нивната работа, туку и за државата.

Macedonian Honey засега соработува со повеќе домашни компании, но потребна е поголема масовност, апелира Фиданоска. Нивната идна цел е да создадат меѓународно движење составено од ентузијасти како нив, со кои ќе ги споделат истите грижи и желби – за спас на пчелите.

Емилија Петреска