[Интервју] Оскаровецот Даглас Блаш: „Медена земја“ е еден од најубавите филмови што сум ги гледал

Оскаровецот на филмовите „20 feet from stardom“ и „Icarius“, Даглас Блаш, кој исто така е наградуван режисер, продуцент, монтажер и кинематограф, вели дека еден од најубавите филмови што ги гледал е македонскиот „Медена земја“. Смета дека светот е заинтересиран за овдешните приказни, за кои никогаш не чул – убавините, проблемите и соновите. 

Блаш е тука на турнеја на американски филмови, процес во кој филмовите од САД ги споделуваат во различни земји, а исто така тренираат и учат млади филмаџии.

Во разговор со Радио МОФ, вели дека е возбуден за посетата на Македонија, а инспирацијата за филмот „20 feet from stardom“ доаѓа од еден од концертите на ѕвездата Стинг.

Што се случува со жените во музичката индустрија, тема опфатена во документарецот „20 feet from stardom“? Што е променето од неговото објавување од 2013 година?

Филмот „20 feet from stardom“ од секогаш претставуваше своевидно љубовна писмо, упатено до прекрасни пејачи, луѓе кои немале глас претходно, за да добијат глас и да ги откријат своите приказни. Откако го направивме филмот и се случија сите прекрасни нешта, жените на некој начин станаа ѕвезди.

Мислам дека американската музика е малку променета, луѓето почнуваат да се враќаат на онаа музика каде има позадински вокали. Тие (жените во музичката историја н.з.) станаа популарни со филмот, им се случија многу убави работи, потпишуваа договори, имаа шанса да бидат видени на места на кои немаа можност да бидат претходно.

Kако дојдовте до приказната на филмот и што научивте од овој процес?

Еден од продуцентите на филмот за време на концерт на Стинг, ја забележа пејачката, односно позадинскиот вокал, брилијантен уметник. Рече „сакам да знам се’ за неа“. Никогаш не дознаваме работи за позадинските вокали, па предложи „ајде да направиме филм“. Го контактираше мојот пријател Морган Невил, тој се согласи, но помисли дали веќе има филм или книга на оваа тема? Сепак, сфативме дека нема ништо такво, така да, ние бевме првите што ги дознавме нивните приказни. Снимивме многу приказни за документарецот, но вметнавме само неколку. Луѓето велат дека е доста добар филм. :)

На што работите во моментов и што може да очекува публиката?

Моментално работам на многу проекти, музички филмови, иако е чудно затоа што досега сум направил доста политички филмови. Во наредните 5-6 месеци ќе работам на филмови поврзани со музика. Едниот ќе биде за хеви-метал, рокенрол камп, каде луѓето одат и свират хеви-метал песни. Многу смешен филм, со голем потенцијал. Друг филм е поврзан со децата на рок-ѕвездите, како е кога нивните родители се музичари, справувањето со тоа, и со тоа како да бидат добри како нивните родители.

Колку младите се заинтересирани за кинематографија и која е вашата порака до нив?

Моментално со сите камери што постојат наоколу, а има навистина добри ефтини камери, е навистина супер време да се биде кинематограф. Бидејќи, учиш да снимаш со камери кои навистина ги прават сликите да изгледаат добро. Не е како во старите денови кога една камера чинеше 1.000 долари во САД, тоа е сега минато. Дури и камерите на мобилните телефони поседуваат добри камери. За кинематографите би рекол: вежбање, вежбање , вежбање, излезете надвор, земете ја камерата, не е важно дали е малечка, голема камера или камера од мобилен телефон – само снимајте, додека знаете што правите, како снимате и слично.

На сите во оваа земја би им рекол, и вие можете да сте филмаџии, светот е заинтересиран за приказните од тука. Сакаат да слушнат за приказните кои никогаш не сме ги чуле, за убавините, проблемите и соновите. И се надевам дека филмаџиите ќе ги кажат нивните приказни, а нема луѓе од страна да ги раскажат за нив. Го гледав филмот „Медена земја“, и си реков „ова е еден од најубавите филмови што сум ги гледал“.

Мартин Колоски

* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.