Неодамна беше објавена Декларација за отворени образовни ресурси со цел да се интензивира процесот на отворање на наставните програми и да се подигне свеста за овој процес и во Македонија. Отворените програми кои нудат бесплатно образование, курсеви и знаења за сите граѓани стануваат се позначајни во светски рамки.
За Радио МОФ, Тамара Ресавска од Фондацијата Метаморфозис говори за потребата од отворените образовни ресурси, за искуствата и реалните можности за бесплатно образование, достапно до сите граѓани.
Што значи Концептот за Отворени образовни ресурси (ООР)?
Концептот за ООР ги опфаќа сите образовни ресурси, вклучувајќи ги и наставните програми, материјали од курсеви, учебници, онлајн-видеа, мултимедијални програми, поткасти, како и секаков друг материјал кој е дизајниран за употребување во настава и при учење, кои се бесплатно достапни за употреба од страна на наставници и ученици, без потребата од плаќање надомест за авторски права или такси за лиценца.
Во современ контекст и во новото вмрежено општество во кое живееме, под ООР најчесто се подразбираат образовни алатки кои се лесно достапни преку интернет.
Која е целта на ООР, од каде идејата и зошто ни се потребни во Македонија?
Главната цел на ООР е да се подобри пристапот кон знаењето и можностите за учење. Тоа најлесно се постигнува со споделување на знаењето и на средствата кои го помагаат учењето и истражувањето. Со ваквиот приод учењето не само што станува полесно и поефтино, туку и се заштедува во време, материјални средства и човечки ресурси во исполнување на образовните цели.
Развојот на информатичкото општество и информатичката технологија придонесе да се смени начинот на кој се одвива образовниот процес и отвори нови можности во едукацијата. Покрај тоа што промовираат слобода во образованието и во истражувањата, ООР имаат за цел да овозможат да се спроведе т.н. „отворено образование“, односно знаењето да се овозможи на сите на кои им е потребно и кои бараат знаење и истражуваат. Оттука, придобивките од ООР се повеќе очигледни и потребни не само кај нас, туку секаде.
Неодамна ја објавивте декларација за отворени образовни ресурси, какви активности се преземени во обидот за отворање на образовните програми во земјава?
Во изминатите години, фондацијата Метаморфозис покрена иницијативи за афирмација на идеите на слободен пристап (Open Access) до академски содржини, како и подигање на свесноста за отворените образовни ресурси (ООР). Значајно е да се спомене дека, покрај технологизацијата на училиштата и другите образовни институции, во Република Македонија присутни се одредени активности и проекти кои ги допираат идеите и концептите на ООР.
Но, како што покажуваат анализите, се покажува потреба од подобра координација помеѓу самите активности, интензивирање на некои од нив, и надградување на некои од сработените фази за развој на ООР.
Во октомври оваа година, Алијансата за отворени образовни ресурси ја објави Декларација за отворени образовни ресурси на Македонија, со која мобилизира широка поддршка за подобрување на отвореното образование. Оваа декларација се заснова на Декларацијата за отворени образовни ресурси на УНЕСКО донесена во Париз, 2012 година. Во наредниот период започнува акција за нејзина поддршка.
Како сте прифатени овде, подготвени ли се образовните институции да ги отворат своите програми за сите, има ли институционална поддршка?
Од ООР придобивки имаат сите, вклучително образовните институции, индивидуите, јавната сфера, приватните и невладините организации, па прифаќањето на овој концепт е неминовно, иако идејата е релативно нова.
Во 2012 година започнаа средбите на координативна група за поддршка на ООР, составена од десетина претставници од академската сфера и невладиниот сектор кои навистина се заложуваат за подигање на свеста кај академската и научната јавност за концептот и идејата зад ООР. Оваа координативна група полека, но сигурно се проширува во Алијанса за ООР која е група составена од поединци, организации, институции кои функционираат како неформална мрежа со заедничка цел – подигање на свеста и капацитетот на академската и научната јавност за создавање и користење на отворени образовни ресурси во Република Македонија. Целта на Алијансата, е да создаде средина за прифаќање на Декларацијата за ООР во Република Македонија, со што ќе се овозможи унапредување на концептот за отворено образование со цел подигање на квалитетот на целиот образовен систем.
Во време кога во светот образованието станува се поскап, а можноста за вработување се помала, отворените образовни програми стануваат се поинтересни. Како вие гледате на тој процес?
Како одговор на ова прашање доволно е да се споменат светските искуства од примената на ООР, а тука се вбројува слободниот пристап до знаењето без дискриминација по која било основа, од географска до социјална и економска; креативност во процесот на учење и иновации; намалени трошоци за учениците, студентите и различните организации…
Процесот на учење трае во текот на целиот живот, а ООР овозможуваат овој процес да се одвива бесплатно.
Европската Курсера започна да нуди и бесплатно образование, па дури и кредити за студентите кои ги следат овие програми. Постои ли можност за вакво отворање на програмите на нашите универзитети?
Самата идеја на ООР најмногу е предусловена од волјата и ентузијазмот на самите работници во образованието и научниот процес, бидејќи тие најмногу им припаѓаат на самите учесници во образовниот процес и нивната посветеност кон отвореното образование.
Пред се, потребно е да се зголеми обемот на достапни содржини за наставата, како и за истражувањето, особено за повисоките степени од образованието и научната работа, а потоа би можеле да размислуваме за отворање на програмите.
Ј.Ј.