[Интервју] Пикси, „Авторизација“: Зборот на функционерот сѐ уште е празен како нашиот фрижидер

„Секој човек што сака да дејствува надвор од шаблонот често се чувствува затворен во множество или отфрлен од колективот. На почеток смета, фрустрира, го бараш проблемот исклучиво во себе, после сфаќаш дека не е твоја обврска да се прилагодуваш на средина во која не можеш да егзистираш, и стануваш имун и послободен. Слободоумноста, афтентичноста и критичната мисла не се барани особини на овие простори“.

Навршија 11 години од „Овчеполста у куќата“, или 11 години како светиниколчани можат да слушаат хип-хоп албум на својот дијалект додека кружат низ град, до Била Зора, Ѓуриште, или ги „мава“ носталгија по ова во туѓина. Насловната песна стана своевидна химна на градот, отсликувајќи ја урбаната култура, а е рефлексија на животно искуство на Никола Јакимовски – Пикси во тоа време.

„’Овчеполста’ ја доживувам како своевиден потпис на македонската хип хоп сцена. Свесен сум и ми е драго што е прифатена почнувајки од дома – Свети Николе, па се до хип-хоп фелата, а и од луѓе што не слушаат рап“, посочува Пикси за Радио МОФ и додава дека инструменталот е динамично-мелодичен бум бап благодарејќи на Кискинов од Струмица.

Тој почнува да снима пред 15тина години со екипата на „Авторизација“ во студио во „легендарното велешко маало Којник…

…во изнајмена соба од една стара куќа со двор каде што паѓаа многу дружби. Таму куќите се малку позбиени, а многу од дворовите споени. Така што, за време на снимање комшиите не беа секогаш расположени, за на крајот да ни викнат полиција – па моравме да се релоцираме“, се сеќава рап артистот.

Борејќи се со стереотипите, од раните 90ти до денес, хип-хоп сцената во Македонија прво се наметна, па се интегрира како алтернатива, за денес да биде дел од меинстримот, вели тој. Извонредна е и разновидна, додава, има и добри и лоши страни, недостасува брејк денсот како елемент, но звукот е многу квалитетен и почитуван.

„За жал, тука кај нас сме мал пазар, ем постои јазична бариера што е пречка за некој посериозен интернацинален успех. Такашто, претежно, рапувањето се сведува на едно професинално хоби“, истакнува тој.

Фото од снимањето на акустичната верзија на „Овчеполста у куќата“ на Пикси со светиниколскиот бенд „Street Tale“ во 2020

Ова хоби носи своевидна морална обврска да се остави запис во рими за социјалните случувања низ годините. Го прашавме Пикси, дали и по една декада, зборот на функционерот е сѐ уште празен како нашиот фрижидер.

„Имам впечаток, а верувам и други, дека обичниот човек тука е сведок на едно извонредно ниско ниво на ‘пинг-понг’ комуникација помеѓу политичкита елита што на дневна база медиумски ударно се сервира. Или, со други зборови, скап театар со ефтино сценарио, чијашто цел е да дефокусира од некој глобален или локален проблем. За фрустрацијата да биде поголема, тој театар е финансиран со наши пари. Сето ова не би било можно ако ние како народ не бевме толку апатични по однос на прашања што не засегаат сите. Сите рап песни со социјални текстови, од осамостојувањето па се до денес, за жал се сѐ уште релевантни. Така што, да, зборот на функционерот е сѐ уште празен како нашиот фрижидер“, забележува артистот.

„Мојата генерација размислува ама не со глава

Така низ дните поделена на црвена и плава“…

Со „партиската религија“ за која пишува, вели, се носи така што е атеист.

„Сите знаеме ‘партијата’ како општествен ентитет до каде е навлезена во секојдневниот живот. Таа да ги формира и контролира навиките и меѓусебните односи помеѓу луѓето. Исто така, знаеме што е потребно за да се добие работа во државна институција“, посочува Пикси.

„Однадвор империјализам, а унатре колективна криза.

Менталитетот апатичен продуцира низа послушни конзументи,

склони на експерименти, поделби, од една шака диригенти.

Тие знаат дека народот мирен, народот пасивен, не знае колку е силен и масивен…“.

Одовде, од каде „се шири мирис на шопска и ракија“, „мириса (и) на фашизам“. По подолга пауза, минатата година на каналот на „Авторизација“ излезе „Извештај“ од Пикси за животот во Македонија и светот.

„’Извештај’ дојде после подолга пауза, а потребата за неа за жал е постојана заради дебелиот материјал што го имаме секојдневно на располагање. ‘Извештај’ е потенцирање на националниот конзумеристичко-чопоративен менталитет, критика за политичарите и бунт против газењето на фундаменталните права и слободи како последица на корпоративниот фашизам и агресивната пропаганда на страв почнувајки од 2020 па наваму“, појаснува рап артистот.

Според него, има прилично многу проблеми со кои луѓето во земјава и регионот се соочуваат, за кои вреди да се пишува, рапува и дига глас. Клише муабет, вели, ама живееме во некој транзитен период каде што се глорифицира сѐ што е вештачко, плитко, без душа и суштина, а се саботира сѐ што е спротивно.

„Секој тренд што се наметнува во било која свера од секојдневието е во насока да го направи човекот помрзлив, подефокусиран, понеспособен, поглуп ако бидам експлицитен, или со други зборови позависен од системот. Живееме во време кога чувствата доаѓаат пред фактите, па им се овозможува медиумска доминација и дава политичка тежина на луѓе кои се за психолошка опсервација. Критичното и логичното размислување скоро и да го нема. Да сумираме, се е наопаку“, поентира Пикси.

Сепак, смета дека сликата дефинитивно е променета во споредба со времето кога тој бил помлад. Пред 25 години, широките панталони во комбинација со рапот биле предмет на потсмев, што не е случај сега.

„Многу стереотипи за алтернативните музички правци се разбиени, што е добро, а нормално тоа си повлекува и маса на луѓе. Е, сега, колку таа маса ќе го послуша својот вроден бунтовен инстинкт кога нешто не е во ред, па преку критична мисла ќе проба да промени нешто на подобро, останува да видиме“, констатира тој.

Ангела Петкова