„Во сите четири периоди од годината се одвиваат најразлични процеси во природата. Зошто тогаш ние луѓето се осудуваме самите себе да правиме едно те исто, и денес, и утре и задутре?“.
Ова прашање си го поставиле младите Симона Николова и Борче Димитровски од Делчево, кои решија по завршувањето на студиите во Скопје сите одговори за својата иднина да ги бараат во природата.
Тие неодамна ги обраа првите плодови од нивната градина и ги испратија првите волонтери од странство кои летото им помагаа во средување на просторот во и околу нивната куќа во делчевско Стар Истевник.
„Она што нас најмногу не влече кон селото е изборот на активности што го нуди животот таму. Самата природа има потенцијал за најразлични активности и слобода со кои секој ден е една нова авантура, поразлична од вчера и утре. Сега, после две години работа на идејата, согледувајќи ги резултатите од направеното можеме да кажеме дека навистина сме мотивирани да продолжиме да се бориме за овие идеали и вредности“, велат Симона и Борче за Радио МОФ.
Тие изминативе години се стремат да изнајдат што повеќе истомисленици со кои би разменувале идеи, би изнаоѓале заеднички решенија за разни предизвици и би споделувале искуство. Меѓу локалното население, пак, полека се пројавува љубопитност за настаните и луѓето кои доаѓаат во нивната градина и куќа.
„За да се отпочне една ваква идеја пред се е потребна храброст и желба да се вивнете во едно море од авантури, а не е потребно искуство. Искуството доаѓа преку работата. Традицијата и знаењето кои се уште ги има во локалното население во нашите села се добра подлога и среќата кога гледаат млади луѓе околу нив кои се полни со ентузијазам, дава дополнителна мотивација за да правиме работите да се случуваат“, велат Симона и Борче.
Неразвиената инфраструктура најголем предизвик за живот на село
Стар Истевник е на дваесетина километри од Делчево, во областа Пијанец. Покрај него тече Брегалница, а е заградено со планината Влаин. Како и најголемиот дел од селата во државата, и Стар Истевник се соочува со наглата миграција кон градовите.
Ова село им нуди на своите жители чиста планинска вода за пиење и чист воздух. Токму ова се предностите кои младите ентузијасти Симона и Борче ги согледале и решиле да ги споделат со секој кој има желба да се приклучи во создавањето на нивниот еко-центар „Природна перспектива“.
„Самата инфраструктурална неразвиеност на руралните средини во нашата држава и запуштеноста на веќе постоечките системи го прави животот на село потежок од современит градски начин на живот. На село во летниот период се случува дома да имате вода по 2 часа дневно, а ви е неопходна за вашето домаќинство и вашата градина за целиот ден. За среќа, живееме на место каде се уште имаме чиста вода од селската чешма која ја користиме за пиење и лична хигиена, но која мора да ја земаме со садови за вода. Санацијата на старата куќа е исто така голем предизвик за нас поради тоа што сакаме да ја изведеме со старите техники кои се користеле овде и со локални природни материјални, а сакаме да ги изведеме сами. Затоа, летово посетивме неколку семинари за градење со природни материјали и сега следните чекори се токму во таа насока, да обезбедиме едни современи услови за престој во куќата, а сето тоа да го создадеме сами“, објаснуваат тие.
Размислуваат за соработки со повеќе организации, а веќе се членови на организацијата „Надеж – Норе“ од Македонска Каменица, кои се подржувачи на младински активизам и се едни од првите кои им пристапиле со подршка за нивната идеја.
„Со нив заедно целиме да аплицираме во некои Европски фондови за подршка и развој на иновативни идеи и заживување на руралните средини во нашата држава од каде и самите доаѓаме“, размислуваат тие.
„Крајната цел секој ден се обликува и надополнува, но пред се веруваме дека сакаме тоа да биде еден начин на живот во кој ние како луѓе кои доаѓаме на оваа планета и се раѓаме како најразвиен вид, да оставиме позитивен импакт за целата планета и да си заминеме со мислата дека сме направиле нешто добро за сите“, се надеваат Симона и Борче.
Емилија Петреска
Фото: Природна Перспектива