Диџејот и продуцент Rob Garza е познат како една половина од дуото Thievery Corporation. Оваа година тој издаде колекција на ремикси на песни на Gogol Bordello, Tycho и Miguel Migs, меѓу останатите. “Remixes” е интригантно издание што во себе спојува разновидни звуци во една интересна целина. Што се однесува до Thievery Corporation, бендот настапува повремено и штотуку го заврши новиот албум, открива Garza во интервју на порталот Balkon3. Препознатливиот звук на бендот, во кој се испреплетуваат трип хоп, даб, лаунџ и мешавина од звуци од разни краишта на светот, е ставен настрана, бидејќи оваа есен дуото ќе издаде целосно акустично издание со звуци на боса нова.
Од каде идејата за албум со ремикси на туѓи песни?
Пред сè, неколку пријатели, луѓе како Tyco, Megamix, Јуџин од Gogol Bordello, ме замолија да да направам неколку ремикси. Ова ми дојде како некакво хоби. Јас само си играв со некои од стемовите, односно со некои од нивните траки. Сè започна како забава, само за да видам како ќе испадне на крајот. Една ипол година подоцна сфатив дека имам прилично музика и сакав сето тоа да го издадам на еден албум. Ете од каде причината за ваков албум.
Колку на луѓето им е прифатлива идејата за ремиксување кога тој кој ги ремиксува нивните песни во голема мера скршнува далеку од оригиналните идеи и концепти?
Мислам дека денес во светот на некој начин сè се ремиксува. Земете една слика и ставете ја низ различни филтри и, на некој начин, со тоа вие правите ремикс на таа слика. Кон сè што правиме, на пример со монтирањето или меш-аповите, луѓето веќе се навикнаа. Мислам дека денес тие полесно ја прифаќаат оваа идеја отколку порано.
Летото 2013 по објавувањето на ова издание имавте мала турнеја како диџеј. Каква е разликата кога се настапува како диџеј во однос на настапите со бенд како што е Тhievery Corporation?
Кога настапувам како диџеј, јас пуштам туѓа музика. Всушност, тоа мене навистина ми се допаѓа. Навистина е убаво кога се истражува музиката на овој начин и веќе подолг период немав настапувано како диџеј, поради што немав многу информации што се случува надвор. Всушност, тука се работи за изнаоѓање начин да се поврзеш со публиката, но не преку сопствената музика, туку преку својот избор и вкус за музика.
Дали пуштате Thievery Corporation за време на вашите сетови?
Да, го правам тоа. Понекогаш ќе пуштам песна или две.
Обично диџеите се делат на две групи – од една страна се оние кои работат со плочи (грамофонџии), а на другата се оние кои само пуштаат музика. Се чини дека секоја страна на некој начин ја девалвира важноста на другата. Какво е вашето мислење?
Јас ги почитувам и двете. Од моја гледна точка, тоа што го прават грамофонџиите е како свирење на инструмент. Тие луѓе се навистина талентирани. На пример, имате некој гитарист виртуоз кој навистина може да свири и да прави ненормални работи на гитарата, што од своја страна е убаво, а понекогаш имате некој кој може да направи едноставна песна од неколку акорди. Не мислам дека тука станува збор за ’едниот против другиот‘. Светот е доволно голем и има место за сите. Постои место и за луѓето кои се грамофонџии, и за тие кои избираат и пуштаат одлична музика.
Целото интервју прочитајте го на Balkon3.
Слушнете го миксот составен од музика од албумот „Remixes“ на Rob Garza: