На младите им порачуваат помалку да се нервираат, а повеќе да уживаат, музиката е нивниот животот, а инспирацијата ја наоѓаат во се што ги опкружува. Во пресрет на концертот на С.А.Р.С во Скопје, фронтменот на белградскиот бенд Жарко Ковачевиќ во интервју за Радио МОФ зборува за новите предизвици, се потсетува на почетоците, раскажува за борбата на алтернавината музика со турбо фолкот. Целото интервју беше емитувано и направено за средношколската емисија „Незадолжителна лектира“.
На сцената сте веќе 8 години. Како се развиваше кариерата на бендот С.А.Р.С?
Јас не сум со нив од самото основање, бендот беше основан во 2006 година. Јас дојдов во 2007 година. Мојот брат Драган Ковачевич го основа бендот со Лукович. Имаа идеи за основање бенд и за текстови. И така тргна приказната, како и секој демо бенд, не беше нешто специјално, се собраа другари со идеја за основање на бенд. Па после ете, се случи Буџав Лебац и се отиде на едно поинакво ниво. Наместо излегување по улица, се собираа во студио и создаваа музика. На почетокот немаа амбиции да се направи нешто повеќе, бендот беше составен од другари што пишуваат песни и квалитетно се дружат наместо да шетаат по улици, се занимаваа со музика и создаваа музика.
Тешко ли е да се твори како алтернативен бенд, со оглед на огромната распространетост на турбо фолкот на балканската сцена?
Алтернативните бендови имаат многу тешка задача за афирмација заради турбо фолкот и медиумите, посебно поради вторите кои пропагираат музика којашто и не е многу квалитетна. Многу е тешко да се пробијат. Но ете ние имавме среќа преку интернетот и преку Буџав лебац многу луѓе дознаат за нас, не само во Србија туку и во целиот регион. Но многу малку медиуми ги промовираат и подржуваат овие млади неафирмирани уметници.
Го издадовте и вашиот најнов албум Икона поп културе. Колку сте задоволни од досегашниот одзив на публиката?
Па бидејќи издадовме албум многу брзо, еден пред девет месеци, а еден сега, постои шанса луѓето да не го прифатат добро. Може да се заситат од нас, можеби да сме станале досадни. Но, не се покажа така, луѓето добро реагираа на овој албум, добро е прифатен и се издвоија неколку песни, Иконе поп културе, Клинка, Дане бројим..
Во вашите претходни песни преовладуваа револуционерни пораки, но во последните песни се застапени љубовни нишки. Зошто се одлучивте на ваква промена?
Промената настана затоа што не сакаме сами на себе да си досадиме со темите за тоа колку е црно се околу нас. Не се смени ништо од 2009 до сега на позитивно, па решивме да ја смениме темата за да не се преокупираме и самите себе и нашата публика со нервозата и секојдневните проблеми. Решивме фокусот да го ставиме на некои повесели теми, како на пример љубовта.
Може ли да ни кажете кои беа С.А.Р.С во средношколските денови, од каде црпевте инспирација?
Ќе зборувам во мое име, за другите ќе ги прашате сами. Бев стандарден средношколец, не одскокував многу од другите. Почнав да се занимавам со музика од 3, 4 година средно малку поозбилно. И тоа е она што можам најкратко да ти го кажам.
Што се однесува на инспирацијата ја наоѓав во се што ме опкружуваше и ме интересираше. Во светот околу мене како и ден денес. Инспирацијата е насекаде околу нас, во нашето најблиско опкружување. Од таму ја црпев пред 10-15 години, од таму ја црпам и сега.
Што очекувате од концертната промоција во Скопје, на 10-ти овој месец?
Очекувам супер атмосфера. Кога и да настапувавме до сега во Скопје сме имале супер атмосфера па не очекувам ништо помалку и сега. Публиката ќе има прилика за прв пат да ги слушне и песните од новиот албум, па се надевам дека добро ќе го прифатат.
Александра Филипова