Десет средношколци од скопската гимназија „Орце Николов“ неодамна се обединија во младинската иницијатива S.H.A.R.E. Преку работилници и настани сакаат да ги поттикнат своите соученици отворено да ги споделуваат своите проблеми поврзани со менталното здравје, тешкотии кои секојдневно ги чувствуваат, а за кои инаку не се подготвени да разговараат.
Во интервју за Радио МОФ, велат дека депресијата е сè почеста меѓу нивните соученици, па почувствувале потреба да им помогнат.
Како настана оваа иницијатива?
Петмина од нас неодамна присуствуваа на обука во Крушево за team-building и подобрување на училишните заедници која беше поддржана од LEAD (Здружение лидери за едукација, активизам и развој) и Фондацијата Конрад Аденауер. Таму се роди идејата да отвориме психо – клуб. На почетокот идејата изгледаше тешка за реализација, особено кога бевме помалку луѓе. Но, таа не згасна и во наредните неколку дена продолживме со планирање и ангажирање. Набрзо оваа група се прошири на 10 луѓе кои беа силно заинтересирани да го започнат овој клуб. Почетокот беше тежок, особено со фактот дека темите за ментално здравје се третираат како табу-теми. Неколку наши соученици на почетокот ја прифатија идејата со потсмеф, но нас тоа не нè интересираше. Бевме решени дека мора од некаде да се почне.
Која е приказната зад името?
SHARE не значи само „сподели“. Тоа е всушност акроним од 5те збора Speak Honestly And Resolve Everything кои совршено ја опишуваат нашата главна цел: да ги натераме младите да зборуваат отворено и искрено бидејќи само така можеме да најдеме решение за нашите проблеми.
Зошто баш ментално здравје?
Според анкетата што ја спроведовме во нашето училиште видовме дека навистина постојат голем број на млади кои се соочуваат со проблеми од овој тип, а не се чувствуваат слободни да зборуваат за тоа што им се случува. Уште од почетокот на нашата цел, како и на секоја иницијатива, беше да опфатиме што поголема целна група и да помогнеме секаде каде што треба помош.
Во последно време, како некој тренд, се повеќе млади велат дека патат од депресија или некакви психички потешкотии. Кога ги слушаш овие работи, особено од луѓе кои ти се блиски, сфаќаш дека мора да се делува.
Многу вакви инцијативи, организации, работилници биле почнати или барем имало обиди да се почнат, но завршиле без успех. Ние бевме решени дека докрај ќе ја истуркаме нашата идеја. Помага многу тоа што ова го правиме со љубов и сериозна желба да помогнеме.
Кратко интро од еден од организаторите, но и изјави од дел од учесниците на работилниците.Голема благодарност до Борис Таковски за видеото и монтажата
Posted by SHARE on Friday, 3 May 2019
Кои се клучните проблеми кои доведуваат до тоа голем број на млади да се соочуваат со вакви проблеми, а да не бараат помош?
Пред сè, основен проблем е тоа што овие теми сè уште се третираат како табу-теми за кои секој кој ги чувствува како проблем му е едноставно срам да зборува за нив. Затоа наместо да се решаваат, тие само се „буткаат под килим“ и остануваат затворени во нас.
Од друга страна, иако во секое училиште има психолози кои се стручни и се секогаш тука за нас, никој не се решва да ги посети и да разговара со нив. Не ретко се слушаат дофрлања од типот „види го овој за нешто сега ќе се жали“ што дополнително ги обесхрабрува оние на кои најмногу им треба таа помош, па воопшто и не ја бараат.
На крајот на денот, според сие досегашни анкети и работилници согледавме дека клучниот проблем зашто оние кои чувствуваат психички тешкотии не бараат помош е стравот дека ќе бидат осудувани од околината.
Каков беше одѕивот на првиот настан од страна на вашите соученици? Како тие на почетокот ја прифатија оваа идеја?
Нашите први очекувања беа дека младите потешко ќе се решат да дојдат и да споделат што им „тежи“, бидејќи пред се сите учиме заедно и очекувавме дека ќе им биде чудно да ги споделат своите проблеми со нас, луѓето кои ги гледаат секој ден, но не им се толку блиски. На крајот на денот, сите сме од исто училиште и на сите им е страв да не „се збори меѓу луѓе“.
Меѓутоа, на наше големо изненадување, првата работилница ја посетија дури дваесетина ученици кои не само што беа заинтересирани за настанот, туку ним им се видел и навистина корисен и почувствувале силна потреба да присуствуваат на него. Тие сосема отворено ги споделија своите лични проблеми за кои во главно не би зборувале пред луѓе што не ги знаете. Во споредба со она што го очекувавме, почетокот беше навистина успешен.
Иако иницијално на првата средба сите имаа проблеми да започнат со зборување, беа потребни само десетина минути разговор за сите да се опуштат и да почнат да споделуваат лични искуства.
Секако уште на почетокот поставивме јасно правило дека она што се зборува во таа просторија, на тие средби – останува таму. Во ова помогнаа и двајцата професионални психолози, Андријана Павловска и Елена Стаменковска кои присуствуваа и ги водеа средбите. Сето ова придонесе кон тоа да се создаде една интимност и убава атмосфера за работа.
Оттогаш имаме реализирано две средби и двете имаа доволно присутни за да ги наречеме успешни, а сепак да бидат доволно интимни за средношколците да се чувствуваат слободно. Фидбекот кој го добивме од присутните беше навистина позитивен. Сите споделија дека во наредниот период се чувствувале навистина послободни, позитивни и биле подготвени да реагираат полесно на проблемите во секојдневието.
Каква беше реакцијата на психологот и стручната служба од училиштето?
За среќа, „Орце Николов“ е такво училиште во кое секој од професорите и вработените е постојано отворен за соработка и активно ги мотивираат учениците да споделат се што имаат на ум.
Всушност, психологот од училиштето Ана Попризова е и капитен на оваа група и токму таа е онаа која најмногу ни помогна да ги организираме овие работилници и веруваме дека ќе биде зад нас во сите идни проекти и настани. Сепак ние немаме некое високо познавање во овие области, па затоа таа е секогаш тука да ни помогне. Таа самата реши дека е подобро да не присуствува на средбите за учениците да се чувствуваат послободно. Затоа ни помогна да најдеме два помлади психолози кои ја вршеа улогата на водичи на работилниците. Нивната стручност овозможи одржување на границите во кои се водеа дискусиите во кои секој би се чувствувал комотно.
Кои се вашите планови и цели за во иднина?
Она што следи сега е нашиот прв голем отворен настан – изложбата која ќе се одржи на 27ми мај во 19:00 часот во холот на „Орце николов“. На неа секој заинтересиран кој се соочил или сè уште се соочува со некакви проблеми поврзани со менталното здравје или потешкотии во оваа област ќе може да ни испрати слика на нашата Фејсбук страна со која ќе опише како тој/таа се справил/а со тој проблем, што му помогнало, што ги прави среќни сега. Со ова сакаме оваа иницијатива да ја направиме помасовна, да охрабриме што повеќе млади да се приклучат во оваа борба против игнорирањето на психичките проблеми.
Понатаму ќе целиме кон тоа овие работилници да се случуваат почесто, неколку пати во годината, но и да се прошират надвор од „Орце“. Главна цел ни е оваа иницијатива да се прошири и во другите средни училишта и сите да имаат простор за слободно да разговараат, споделат искуства, проблеми и да сфатат дека не се сами. Интересот е навистина голем. По втората работилница луѓето постојано не прашуваа кога ќе се одржува следната, што ни даде дополнителен поттик да продолжиме да работиме со уште посилно темпо.
Георги Божиновски