[Интервју] Skopje Collage Collective: Што и да се случи, ќе го исецкаме и залепиме заедно

Лани, кон крајот на годината, во Македонија се појави иницијативата „Skopje Collage Collective“. Најпрво можеби не беше најјасно за што станува збор, но по објавата на првиот предизвик, а по него и првите дигитални и аналогни колажи на Инстаграм и веб-страницата на колективот, на заедницата креативци и уметници им стана јасно дека овој предизвик е во својот замав и ќе трае долго. Колективот годината ја заврши со еден настан во кој 40-тина млади во сабота навечер сечкаа, лепеа и заеднички ги креираа своите колажи, а потоа, во рамки на друг креативен младински настан имаше изложба на дел од колажите кои досега ги имаат собрано. Главните виновници за креирање на една нова спојка креативни умови се Филипа Сара Попова и Марко Трпески кои ни кажаа збор-два плус за оваа нивна иницијатива.

Skopje Collage Collective во онлајн етерот се појави на почетокот на октомври оваа година. Во неформален разговор веќе ни имате споделено дека сте тргнале од идејата дека и Скопје заслужува еден ваков колаж колектив. Може ли да ни кажете нешто повеќе околу формирањето на колективот, со каква замисла се впуштивте во ова, каде сте сега?

Првичната замисла беше да основаме виртуелен колаж колектив со база во Скопје, инспирани од слични заедници низ светот како Париз колаж колектив, Единбург колаж колектив итн. Си рековме: Зошто Скопје (или Македонија) да изостанува во тој поглед? Лудо амбициозно се впуштивме во идејата без да знаеме што да очекуваме. На почетокот постоеше сомнеж дека брзо ќе исчезнеме, но локалниот интерес и поддршката растеа, а со нив и нашиот ентузијазам. Целта ни е да ја рашириме моќта и убавината на колажот што е отворен и слободарски во секоја смисла. И двајцата сме задоволни и благодарни за сè постигнато досега. Но, бидејќи имаме слични амбиции и ентузијазам, ќе се трудиме идејата на СКК да продолжи да се развива.

Галерија од вториот предизвик / принтскрин од веб-страницата на СКК

Каков е приемот од страна на поддржувачите и учесниците? Какви се’ колажи добивате?

Поддршката е магична. Стварно чувме убави зборови и пофалби и сме благодарни за сите. Секој колаж што ќе го направат учесниците ни е точка среќа во денот, најискрено. За тоа постоиме и ги охрабруваме сите да го скршат мразот на срамот и да пратат колажи. Неописливо е чувството кога заеднички се поттикнуваме да создаваме, да се дружиме и да се цениме. Поддршката дојде и во вид соработки со млади списанија и иницијативи (Култура Бета, Ефимин, Camera Obscura), и секоја позитивно нè изненади. Инаку, колажистите и колажите кои досега учестувуваа на предизвиците се разновидни и прекрасни, од професионални ликовни уметници до аматери, од сонувачи и хумористи до општествени критичари и бунтовници. Сè на еден колажест шарен куп.

Галерија од шестиот предизвик / принтскрин од веб-страницата на СКК

Може ли да ни кажете повеќе за колаж предизвиците? Какви финални верзии почесто добивате, дигитални или аналогни?

Целта на предизвиците е да понудиме неделна инспирација за колажистите. Прво мислевме да ставаме само архивски слики, но потоа решивме да вклучуваме и македонски фотограф(к)и. На тој начин се поттикнува комуникација меѓу различни видови уметности. Навистина е интересна интеракцијата меѓу фотографиите и финалните колажи. Јасно се гледа колку една идеја може да пропатува и да се трансформира. Ова особено нè радува бидејќи кај нас постојано се збори дека нема ништо ново и возбудливо, но вистината е дека постојат многу креативни и убави луѓе само некогаш се изолирани едни од други, а и од средината. Зошто ли? Кујзнај, но сме среќни што можеме бар малку да придонесеме во размрдувањето на околината и поттикнување комуникација меѓу луѓето. П.С. слободно кој сака може да ни испрати фотографија за предизвик.

Инаку за видот на колажите – почесто добиваме дигитални колажи, а и самите научивме нови алатки од некои колажисти. На пример, некои луѓе прават супер колажи на Инстаграм стори.

Во ноември организиравте настан во едукативниот културен центар „Лабораториум“ каде љубителите на колажи можеа да дојдат и заеднички да ги составуваат. Какво искуство беше тоа за вас? Може ли да се каже дека има заедница на колаж-фанови во Скопје?

Настанот нè шокираше, особено што тогаш постоевме само еден месец. Уште не можеме да го процесираме фактот дека во „Лабораториум“ имавме настан во кој 40тина луѓе седеа мирно во сабота навечер и правеа колажи. За двајца интроверти, тоа изгледаше како од паралелен универзум. Супер е што делата останаа изложени во просторот и по настанот. Кога станува збор за заедница, нашиот досегашен впечаток е дека има голем интерес кај нас за колажи (а и низ светот). На пример, иако градов брои едвај милион жители, освен СКК, постојат и други колаж друштва како „Ненаситни“, а често има и работилници за колаж. Сигурно дека има интерес и во другите градови. Инаку, иако во името го имаме „Скопје“, секако дека секој може да учествува, и од Македонија и од странство.

Од настанот во „Лабораториум“ / фото: Damjan Photos

Кон крајот на минатиот месец со некои од колажите учествувате на настанот „Клинци“, младинско книжевно читање. Какви се вашите впечатоци?

Настанот се организираше со смирен и laissez-faire пристап, а сепак сè беше професионално и успешно. Се надеваме дека колажистите беа еднакво задоволни. Исто така ни беше мило што изложбата се случи во рамки на книжевно читање. Интересно беше да се сведочи комбинацијата на книжевноста со колажот. Како и во „Лабораториум“, колажите останаа изложени во „Буква“ и по настанот – два простори кои се прилично креативни и диманични. Па така, ќејф ни е и што делата на некои колажисти не останаа само на виртуелните ѕидови туку се слеаја и во реалноста, и тоа на подолг период. Стварно е интересно што од неколку обични колаж-предизвици, се случија шарени изложби, носени само од убавина и позитивен отворен дух.

Од настанот „Клинци“ / фото: Ерина Богоева 

Што може да очекуваат креативците од Skopje Collage Collective следната година? Има ли некои новитети на повидок?

Нешто што научивме во целиот овој процес е дека не може да се предвиди текот на настаните. Многу убави работи се случија спонтано и непредвидено, исто и како договорот да го почнеме колективот. И двајцата сме тип на луѓе што постојано учат и сакаат внатрешни трансформации така што кујзнај што ќе биде. Во секој случај, мислиме дека ќе има добра кохезија меѓу нашите внатрешни светови и световите на колажистите. Што и да се случи, ќе го исецкаме и залепиме заедно.

Ангела Бошкоска