Скопскиот бенд „Fiction“ беше прогласен за победник на годинешниот „Лузер-фест“, кој пред неколку недели се одржа во МКЦ, како настан кој го става акцентот на најновите домашни имиња што допрва ќе ја освојуваат музичката сцена. За Радио МОФ, младите музичари раскажуваат за своето искуство, успеси и планови.
Кои се „Fiction“?
Fiction се тројца фини, воспитани и културни момци од три различни краеви на Скопје: Петар Ѓуревски – вокал, Виктор Захариев – гитара,пратечки вокал и Филип Андонов – гитара, пратечки вокал
Што е тоа што ве спои во бенд?
Заедничката бранова должина,енергија и пасија кон музиката .
Како започнавте?
Почетоците на бендот датираат уште од 2014та година кога Петар и Виктор случајно се запознаваат на свирка и спонтано почнуваат да соработуваат. Во јуни 2016-та година по иницијатива на Захар, Филип се придружува на дуото и официјално го формираме бендот под името Fiction. На почетоците се фокусиравме на изведување на преработки, но за многу брз период почнавме да се посветуваме на создавање авторска музика.
Која е приказната зад името на бендот?
Сакавме да биде кратко и јасно. Филип го даде предлогот и некако се сложивме сите да стоиме зад тоа име.
Каква музика свирите?
Жанровски сме open-minded во секој поглед, но нашите корени лежат во Рок музиката. Инаку вметнуваме и funk, jazz, blues, grunge и pop влијанија во нашата музика.
Од каде црпите инспирација за песните?
Живееме во општество каде што од сите случувања околу нас можеме да црпиме инспирација за пишување. Никогаш не сме пишувале песни базирани на една тема. Секојдневниот живот е најголемата и неисцрпна инспирација за пишување!
Кои се вашите успеси до сега?
Рокфест 2018 – освоивме второ место, и награда за најдобар гитарист на фестивалот за Виктор Захариев, а на Лузер Фест 2018 (организиран од Пасворд Продукција) го освоивме првото место, што е наш најголем успех до сега.
Кои музички артисти ви се идоли и зошто?
Низ текот на годините сме минувале низ фази каде што многу различни артисти од многу жанрови ни биле идоли. Во моментов избегнуваме да идолизираме било кој.
Што е следно?
Моментално напорно работиме на креирање на нов материјал, а во најбрз рок планираме да влеземе во студио и да започнеме со снимање на нашиот прв албум.
Планови за во иднина?
Вадење на албум, настапи низ Македонија и пошироко, што е наше ќе си дојде, или пак ние ќе си дојдеме по своето, ќе видиме.
Каде се гледате за неколку години?
Турнеи, фестивали, албуми, но пред се да ја одржиме нашата братска врска и љубовта спрема музиката и она што го правиме.
Стефан Митиќ