„Живеев во близината на аероклубот во Скопје и училиштето беше тука. Почнавме да одиме на часовите по воздухопловно моделарство, тоа беше многу одамна… Потоа земјотресот фати, престана таа активност и некаде ’68 година видов оглас на излогот на влезот од аероклубот. Бараа запишување падобранци за таа тековна спортска година. Јас така се запишав, моите не знаеja за тоа. Малку паничеа. ’69 веќе, не знам дали бев талентиран или бев упорен или едноставно го сакав воздухопловството, генерално како сите деца, но веќе бев младинец на 16 години кога го засакав падобранството…“
Вака познатиот македонски новинар Зоран Иванов ја започнува својата приказна за љубовта кон падобранството. За него овој спорт не претставува екстремност, туку животна желба која си ја остварил и која цел живот го следи низ неговите сеќавања.
„Првата година добив спортска дозвола. Веќе наредната настапував на некое отворено првенство за падобранство во Скопје на кое имаше натпреварувачи од сите градови на Македонија и уште неколку од јужните делови на Србија, од Врање. Таму освоив прво место во дисциплината „скокови на цел“. Тогаш во Нова Македонија, на насловната страна пишуваше „Зоран Иванов победи“ и така брат ми сфати дека всушност на тоа што се сомневале дома е вистина, бидејќи ме немаше често, а јас одев на аеродромот, кој тогаш се наоѓаше сега каде што е скопската населба Аеродром“.
Во рок од десет години учествувал на две светски првенства. На Македонија ѝ донел вкупно 38 медали од сојузни натпревари и од регионални и светски купови, што е редок успех за македонското падобранство. Иванов стигнал и до највисокото меѓународно спортско достигнување од Меѓународната водухопловна организација – ФАИ, Златна значка со три дијаманти.
„Јас сум можеби единствениот кој во еден ден отвори три помошни падобрани. На подготовки ми се има случено тоа. Имавме сите по три падобрани, ги пакувавме наеднаш и потоа скокавме трисет скока еден позади друг. Мене ми се случи првиот скок да не се отвори падобранот и го отворив помошниот падобран на многу високо бидејќи тоа беше првпат да отворам помошен падобран и се борев тој да се отвори, главниот. На вториот и третиот скок со другите падобрани, потоа уште еднаш со тој падобран, пак не се отвори. Третиот пат не се отвори, тогаш доживеав една повреда од брзо паѓање кога се отвора помошниот падобран. Нема така благо отворање, кочење со воздушните струи. Малку страдаше рбетниот столб и таа последица потоа ме следеше неколку години. Можеби поради тоа и порано се повлеков од падобранството“, раскажува Иванов, потсетувајќи се на ризичните ситуации.
„Сме скокале на стадиони, на фудбалски натпревари, сме носеле топки, сме скокале во ресторани. На крај од подготовките, Презар беше тренер на тогашната репрезентација, од Словенија. Последниот, 15-ти скок во денот, иако десет беа дозволени по закон, секој имаше до која маса треба да скокне и да му донесе келнерката пиво“, се потсетува Иванов на своите лудории од младоста.
За чуството во облаците, тој вели дека е бесценето.
„Убаво е. На пример, во Казанлак во Бугарија бевме на едно првенство. Скокавме над облаците, ниско, преку 1000 метри, а облаците беа некаде на 2000 метри. Беше лето, но горе е студено. Тие убави бели облачиња беа полни со снег и кога ќе поминете низ нив ќе излезете цели со снег на себе и на падобранот. Немаш време да уживаш во таа глетка бидејќи судиите се неумоливи. Тие штопираат време и следат чистота на фигурите. Излегуваш бел од облакот, кога го отвораш падобранот гледаш дека веќе сè се стопило. А подолу не е ни влажен падобранот“, вели човекот кој нема страв од летање.
Зоран Иванов не се откажува од падобранството. Тој секоја сабота и недела се враќа на спортскиот аеродром и се дружи со своите пријатели.
„Нешто ми се врти во глава, децата ме прочитаа и ми велат ти нешто матиш во последно време. Може и да се случи и да направам некој скок, иако тие велат опасно е заради годините и заради нозете. Не е проблем горе, при симнувањето е малку комплицирано. Јас мислам дека и тоа ќе се случи, но тоа ќе го направам во тишина со моите пријатели таму на аеродром“.
Сепак, вели Иванов, на младите луѓе не им е лесно да се занимаваат со падобранство, бидејќи тоа сега е многу скап спорт.
„Падобранството порано можеше да си го дозволи скоро секој, бидејќи државата даваше падобрани, авиони, друг ги плаќаше нив, сега тоа е сè приватно, сега скоковите се плаќаат и тоа не е толку евтино, бидејќи бара одржување на авионот или хеликоптерот. Одржувањето на падобранот е скапо бидејќи мора секоја година да оди на меѓународна контрола, на апарати да се види пропусноста на платното и јакоста на конците и дали се сите куќи во ред“, вели тој и додава дека само еден скок со падобран сега чини најмалку педесетина евра.
„Пред неколку месеци сè што имав дома, иако децата сега ми се лутат поради тоа, сè што имав и медали и фотографии ги однесов во воздухопловната федерација. Тие ќе правеле музеј, некоја архива. Како мали децата доаѓаа по аеродромите, затоа и никој од нив не стана падобранец бидејќи ги слушаа приказните на младите падобранци колку е тоа нешто страшно и опасно, можеби имаа некоја фобија, ама им велам тоа што сте го запаметиле за вашиот татко, тоа е. Не вреди да гледате фотографии и медали и да водете грижа за нив, да бришете прав. Нека се грижи тој што за кој сум ги добивал. “
И наградите се некогаш товар. Одговорност се, нели? Сега сум неодговорен, тоа е убаво чувство. (се смее)
Емилија Петреска