Политичката коректност, апсурдот на „Монти Пајтон“ и смислата на животот беа дел од темите за кои разговаравме со Стив Абот, продуцент и „not the production accountant“ на „Монти Пајтон“, кој ја доби наградата за животно дело на фестивалот за европски филм „Синедејс“. Осумнаесеттото издание на фестивалот на европски филм го одбележа 50-тиот јубилеј на „Монти Пајтон“, со проекција на филмовите и мастерклас на долгогодишниот соработник на Пајтоновците. Во интервјуто за Радио МОФ, Абот зборува и за Брегзит.
Ја прифативте поканата да дојдете во Скопје. Какви се вашите импресии од градот?
Овде е фантастично. Морам да признаам дека малку сум засрамен што претходно не го имам посетено Балканот. Отсекогаш сакав да го посетам Скопје. Како дете додека растев во Бредфорд, што е сестрински град на Скопје, овој град беше еден од првите градови кои ги знаев, а имав девет години. Слушав многу за Скопје поради земјотресот во 1963. Кога дојде поканата од Синедејс, веднаш ја прифатив.
Која сцена или дел од филмовите на „Монти Пајтон“ не замислувавте дека ќе стане реалност?
Уште размислувам како Пајтон ја одржа релевантноста после педесет години. И сѐ уште не можам да сфатам, да ви ја пренесам магичната формула. И не само зошто е релевантна, туку како таа е иста кај толку многу различни држави и култури. Најблискиот одговор, кој морам да признаам дека е малку досаден, е тоа што овие луѓе се писатели. Многу паметни писатели. Не беа многу добри глумци, дел од нив станаа добри режисери, но пред сѐ беа писатели. Наместо да изберат дневно-политички теми за кои може да слушнете на вести и да ги сатиризираат содржините, тие решија да ги обработуваат институциите, Англиската црква, државните училишта и ги пародизираа, но на многу специфичен начин, што дури младите од тука ја сфатиле поентата. Македонската младина со сигурност не би го разбрала конкретното пародизирање на британски црковен ѓакон или директорите на државните училишта во Британија, но сите луѓе насекаде можат да разберат дека потсмевот е насочен кон авторитативни фигури и луѓе кои се сфаќаат пресериозно.
Постои изрека дека Македонија е „Монти Пајтон“ држава. Каква е ситуацијата во Велика Британија, каква е ситуацијата со Брегзит?
Ова се луди времиња, поготово за Велика Британија. Јас сум во депресија поради политиките, Трамп во Америка и искрено сум тажен за состојбата на светот денес. Ова е навистина интересно, бидејќи зборот пајтонска влезе во Оксфордскиот речник како придавка која објаснува случувања во реалноста кои се толку апсурни што би можеле да бидат напишани од „Монти Пајтон“.
Ситуацијата во Британија е ужасна. Јас можам само лично да зборувам за тоа, а за жал јас сум малцинство бидејќи сум социјалист и воопшто не го сакам начинот на водење на политика од страна на десницата. Не сакам да ја напуштам Европа. Европа не е совршена, но сметам дека сме побезбедни и посилни во Европа. А десницата која ќе победи, Најџел Фараж и Борис Џонсон – бел, арогантен, привилегиран човек кој студирал на Оксфорд, не го „хејтам“ затоа што зошто јас завршив на Кембриџ, тој завршил на Оксфорд. Политиката за него е игра, нешто за кое дебатирал за време на студиите, а сега се во прашање човечки животи и цели иднини и јас сум многу депресивен во врска со ова. Јас не зборувам во името на сите луѓе, очигледно луѓето гласаа за оваа смешна одлука, но тие гласаа така бидејќи беа излажани. Се чуствувам дупло потажно, засрамено и исфрустрирано откако дојдов тука, бидејќи Македонија си го смени името за да влезе во ЕУ, а ние ја правиме најглупавата работа со напуштање на Европа. А го правиме тоа, бидејќи медиумите и политичарите како Џонсон им се допаѓаат на луѓе со застарени погледи на светот кои сметаат дека Британија „can be great again“!
Дали политичката коректност прави штета на комедијата и хуморот?
За време на мојот живот, политичката коректност многу се промени и јас се срамам од некои моменти во „Монти Пајтон“ кои беа сексистички, расистички и хомофобични. Среќен сум за прогресот што се случи на тие полиња и се намали милитаризацијата. Особено тоа што во мојата земја хомосексуалците слободно можат да склопуваат бракови, а се бориме и со институционализираниот расизам. Сепак нешто кое предизвикува да се запрашам е феноменот колку и да одиме напред, од друга страна се уназадуваме. Сега имаме премиер кој се зафркава со црнците, се зафркава со муслиманите. Се плашам бидејќи ветрот дува во спротивна насока.
Низ која перспектива комедијата треба да ја разгледува ситуацијата во светот, имајќи предвид дека од една страна ја имаме политичката коректност, а од друга страна десницата станува сѐ попопуларна?
Би сакал да имам одговор за ова, ситуацијата е денес многу тешка бидеќи постои квантитет на содржина. На пример пред педесет години, „Монти Пајтон“ се емитуваше на BBC и тие имаа многу голема креативна слобода. Тогаш немаше видео-рекордери, немаше интернет, имаше само три ТВ канали; BBC, еден независен канал и BBC2. Што значи дека целата држава, кога станува збор за телевизија, гледаше еден од тие три канали. A денес јас можам да следам британски вести од мојата хотелска соба во Скопје. Има премногу избор и поради тоа е многу тешко. Се разбира, постојат луѓе кои се млади и сакаат да се бават со сатира, да се потсмеваат со ситуациите. Како да го привлечеш вниманието на луѓето кои не размислуваат исто како тебе? Тоа беше многу важен елемент кај успешноста на Монти Пајтон, шоуто допре и до неистомислениците.
Какви совети би им дале на младите продуценти кои сакаат да се занимаваат со снимање на филмови – особено комедии?
Комедиите се најтешката работа со која што може да се занимавате, најпрво ќе го кажам тоа! Најтешко може да направите полн погодок, на дел од филмовите се работи со години за да се постигне посакуваниот ефект. На продуцентите кои сакаат да се занимаваат со комедија би им порачал дека се пред најтешкиот тест што постои. Би ги охрабрил да се обидуваат, да најдат талентирани писатели и режисери и да работат, работат, работат за да направат одлична скрипта. И немојте да вложувате сопствени пари, веќе сте изгубиле премногу драгоцено време, но дури и да имате некоја заштеда не ја вложувајте целосно во проектот. Патот е долг и тешок. Обидете се да се надградувате, соработувајте со ентузијасти, снимајте кратки филмови, импровизирани филмови, снимајте со мобилен. Тоа е долг процес, имате трпение и имате дневна работа. Да се сними комедија е многу сериозна работа.
Дали може да споделите со нас дел од вашите искуства при снимањето на „Смислата на животот“?
Искуствата навистина ме допреа, бидејќи јас сонував да соработувам со Пајтоновци, а првиот пат кога отидовме на локација за да го снимаме филмот, отидовме во Брадфорд за да ги снимаме сцените, “every sperm is sacred„ и сцената со “gream reaper-oт“. Тие искуства би ги одвоил бидејќи се спој на две работи кои навистина ги сакам.
После педесетина години, која е смислата на животот?
„O, my goodness me! (се смее) The meaning of life!“ Истата е, сѐ уште е истата. Погледнете ја последната сцена од „Смислата на животот“, тоа е сериозна сцена и слушнете го говорот на Мајкл Палин додека е облечен како жена.
Мајкл Палин : Па, ништо посебно. Пробајте ба бидете пристојни со луѓето. Не јадете маснотии. Понекогаш, пробајте да прочитате некоја добра книга. Пешачете и пробајте да живеете во мир и хармонија со луѓе од сите вери и нации. Накрај, споделуваме со ова одлични фотографии од пениси, само за да ја изнервираме цензурата, со надеж дека ќе предизвикаме некоја контроверзија што е единствениот начин денеска да и привлечеш внимание на публиката зафатена со видео-рекордери и да ги довлечкаш нивните дебели задници назад во проклетитте кино сали.
Ивана Смилевска