„Hello world“ („Здраво свету“) велат четворицата тетовчани „Stoned Hedge“. Оваа изрека е всушност името на нивниот прв албум, за кој младиот бенд деновиве имаше слушачки промоции во Тетово и Гостивар, додека главниот настан се очекува на 28 мај во МКЦ, кога и премиерно под капата на „Password“ ќе го пуштат „Hello world“ да патува по светот, да освојува нови фанови и музички фанатици. Во разговор за Радио МОФ тие откриваат што ги „движи“ за да прават музика, потенцирајќи дека самото општество, со сите свои маани и недостатоци, е мотив повеќе за да создаваат свој, автентичен звук.
„Ежињата“ ги сочинуваат Ангела Маринковска како вокал, Дејан Томовски е басист, на тапани свири Марко Стојчевски, а гитарист е Исмаил Камбери.
Последниов, четврти мускетар од бандата не беше присутен на интервјуто, но со останатите си помуабетивме преку видео конекција на Фејсбук. Токму на оваа платформа деновиве можат да се видат сите новости за бендот, дека тие се прилично ангажирани и со нетрпение чекаат следен настан каде би ја презентирале музиката.
Музиката од албумот е снимена и продуцирана кај Дени Крстев („Bernays Propaganda“, „My Tear“) во „Студио 1060“. Според зборовите на Васко Атанасоски од „Bernays“, станува збор за „светска класа на трагот на Guano Apes и Portishead. Во нивните песни можете да најдете многу убави и неочекувани нешта како: прекрасни и меланхолични вокали, волшебни и ненаметливи гитари, сонливи и сугестивни бас делници, разбивачки и нежни тапани… и искрени зборови“.
Самите потврдуваат дека првичната спојка на „Stoned Hedge“ дошла некаде 2018-та година. Ангела, која завршува сликарство во „Лазар Личеноски“, раскажува дека прво стартувале со гитаристот Исмаил, со други музичари, за потоа во составот да се приклучат Дејан и Марко, кои ги знаела од Тетово.
„Всушност, сите си се знаеме со секого. На крајот, испаднавме многу добар состав и многу ми е мило!“, низ смеа вели Ангела.
Дејан претходно има свирено во „Conquering Lion“, Исмаил во „Cutting edge“, Марко е исто така музичар, па веќе си имаат солидна музичка позадина, меѓусебно разбирање, што им помогнало во „пандемиската“ 2020-та година за само 4-5 месеци да создадат нов свет, полн со емоции.
Пандемијата ја искористиле максимално продуктивно. Таа била соодветен „излез“.
„Со оглед дека ништо не се случуваше, па, решивме, ајде да правиме музика, да креираме нешто ново! Затоа што, не можеш ништо друго посебно да правиш. Колку и да беше лоша ситуацијата, пандемијата беше добар фокус да се извади издание за така краток период. Плус, многу добар аутлет да се искажеш во целата таа затворена состојба низ која сите проаѓавме“, вели басистот Дејан.
Интересно е што „Stoned Hedge“ решија песните од албумот да ги претстават преку низа карактери, како олицетворение на различни состојби во општеството, социјални или културни. Она што го чувствуваат и гледаат наоколу.
„За секоја илустрација има различен лик. Се доловува различна емоција, како и со песните. Секоја песна е напишана за посебна тематика. И, треба да е посебен лик, или период кој евентуално го поминуваме во животот. Нешто те натерало да седнеш, да направиш, напишеш“, потенцира Ангела.
Македонија, со сите свои нефункционалности, отсекогаш биле плодна почва за рокенрол. Така е и со „Stoned Hedge“. Во првиот сингл од албумот пеат за „Little heads“ (мали глави), посакуваат „се’ да беше едноставно, да сме еднакви, сите да имаат доволно и да нема никакви проблеми“.
„Од негативните работи обично се црпи инспирација. И, излегува нешто креативно“, вели тапанарот Марко.
„Ако би било се’ совршено, ќе нема мотивација за музика“, се надоврзува Ангела.
И Дејан потврдува дека тематиките се секојдневието и предизвиците со кои се соочуваат, 24/7. Сите препреки на кои налетуваат.
За себе велат дека се спој на многу различни стилови, различни искуства и музички афинитети, секој со свој белег, но на крајот сочинуваат автентична целина наречена „Stoned Hedge“.
Ангела во себе има мешавина од поп, свинг до хардкор. Се’ и сешто. Дејан од јамајкански реге-даб до јапонски нојз, а Марко влијанија од рок-метал фазон, за на крајот да стигнат до нешто што се вика алтернативен инди-рок. Барем така ја опишуваат својата музика. Така и се презентирани пред јавноста.
„Секој има еднаков удел. Склопивме нешто што сите би сакале да го слушаме. Практично, го земавме најдоброто од секој и создадовме нешто свое, автентично. Во албумот, кога ќе излезе, ќе слушнете дека има измешани стилови, комбинации, секоја песна е прилично различна. Не можеме да се ограничиме на еден стил, а сепак, се приметува дека ова е ‘Stoned Hedge’. Од тој аспект, успеавме во целта“, вели Ангела.
Според неа, музиката „излегува“ од џемање, некогаш некој си има земено концепт и го внесува тоа на проба, понекогаш пробуваат и различни верзии и она „што штима“. Креативноста излегува и во најчудните моменти. Пример, пред спиење, кога срипуваш нешто да запишеш, да снимиш, пред идејата „да ја снема од глава“.
На прашањето кој е најгласен на пробите, во еден здив велат: гитаристот Исмаил, наречен Шорти.
„Појачалото му е многу моќно! Па, го става ‘на пола’. И тогаш сите сме полуглуви, ама, нема проблем“, низ смеа вели Дејан.
Додека ја чекаат слушачката промоција за албумот во МКЦ на 28 мај, зборувавме дека настаните во државава скоро и да ги снема за пандемијата. А, музиката секогаш треба да спојува, да се доживува и во физичкиот простор, за да може да продолжи да живее и културната сцена, во симбиоза меѓу публиката и бендовите.
Во Тетово, вели Дејан, многу позитивни моменти се случувале во „Рок кафе“. Тоа е свртувалиште на андерграунд и рокенрол ликови, каде сите субкултури се добредојдени. Тоа и била нивната спојка, местото да се сретнат, поседат, уживаат надвор од секојдневните текови.
„Ќе најдеш некој: ‘Еј, чуј ова може ќе ти се свиѓа…’. Размена на мислења и идеи за музика, со луѓе надвор од мејнстримот. Или надвор од кич стварите што се вртат на големите медиуми. Исто така, Тетово е блиску до Скопје, до МКЦ. Кога има настан во друг град, се случувале средби на андеграунд свирките. Добро е да се посетат. Гледаш како се развиваат работите, па, си викаш, што можам да направам, да се вклучам“, вели Дејан.
На прашањето што би порачале „Stoned Hedge“ за младите ликови и музичари што се апатични, или оние што секогаш уште во старт имаат некоја „кочница и аргумент“, па не се впуштаат да влезат во студио, тие порачуваат: „Tреба голема желба и многу вежбање!“.
„Да не се откажат. Издржливост. Ова е нешто што го правиш со љубов. И да не испадне како што треба, на крајот на денот – си потрошил време на нешто што го сакаш! Во нешто што веруваш. Премногу вежбање во превод значи три проби неделно од по 4 саата“, вели Ангела.
Исто така, додава Дејан, многу слушање музика. Тоа е многу важно.
„Што ти се допаѓа, анализирање. Навлегуваш во музиката, нејзината структура, деловите. Па, се склопуваат идеи. Се работи за континуиран процес. Не е само ‘да седнеме некој саат на проба’. Нон-стоп ангажираност. Ама, ако имаш желба – не делува толку мачно!“, констатира басистот.
Бојан Шашевски
Фото: Stoned Hedge/Фејсбук