[Интервју] Светиниколецот Михајловски влезе во топ 50 светски наставници: Не сакам знаењето да остане само за мене

Иле Михајловски, одделенски наставник од Свети Николе, е еден од светилниците во македонското образование кое се соочува со разни системски предизвици и недостатоци. Со 29 години искуство позади себе, Михајловски го знаат како наставник што неуморно дава поддршка на ранливите деца, промовира инклузивно образование и воспитува нова генерација емпатични граѓани. Тоа сега е препознаено и од образовната мрежа GEMS education, преку која тој влезе во 50-те финалисти за глобалната награда за наставници (Global Teacher Prize).

„Јас прво мислев дека нема шанси да влезам, дури размислував дали воопшто да ја пополнам апликацијата. Затоа што сепак е на светско ниво и немаш претстава со колку конкуренти ќе се ‘бориш’“, скромно вели Михајловски во разговор со Радио МОФ.

Навраќајќи се ретроспективно на професионалниот пат за да стигне во конкуренција во топ 50 светски наставници, тој се присетува дека од самиот почеток, од 1999 година, бил првиот човек во Свети Николе што отворил Центар за деца со попречености, каде се активирал покрај неговите заложби како наставник.

„Ги вклучив сите деца со попреченост од моето училиште, каде имавме специјална паралелка и децата од општинa Свети Николе и од руралните средини. После тоа се појави можност во името на училиштето да конкурирам за изградба на сообраќаен полигон за деца со попреченост. Со тоа, го направив нашето училиште единствено во државата со таков тип полигон“, раскажува Михајловски, кој предава во ООУ „Св. Кирил и Методиј“.

Наставникот го препознаваат и како човек што години работи на хуманитарни акции, обезбедува училишни прибори, новогодишни пакетчиња, а редовен помагател е и на СОС детското село. За време на пандемијата за над 100 деца обезбеди електронски уреди за следење настава.

„Тогаш направив 40 видео-лекции, половина за наставници, а половина за семејства кои имаат деца со аутизам, преведени на македонски и бугарски јазик. Тие беа поставени на онлајн платформи во Македонија и Бугарија“, се присетува тој.

Според сајтот на Global Teacher Prize, иновативните наставни практики на Михајловски имаат длабоко влијание врз неговите ученици, особено оние од маргинализираните групи. На прашањето какви се тие практики, тој се присетува како вовел електронски квизови, електронски платформи за изработка на интерактивни игри итн.

„Дел од нив беа посветени на децата со попреченост. Сработив над 3.000 наставни листови во петте години додека работев со Димитар, дете со аутизам. Доста од нив им се најдоа на колеги, но и на семејства. Пример, конкретно на една мајка со дете со попреченост препраќав наставни листови, за да може да работи неговата наставничка, бидејќи се работеше за жена во години. Значи, се’ она искуство кое над 20 години го имав во инклузија и работење со деца – им беше дадено да го користат еден куп колеги во државата“, раскажува Михајловски.

Во однос на ученикот со аутизам со кој работел, вели дека тој бил регуларно описменет заедно со сите други ученици, но и општо прифатен од сите.

„Генерално, тоа е успешна приказна. Специфика за Димитар беше што зборуваше во членувана форма. После 37 денови во моето одделение, Диме за прв пат прозборе. Првиот збор му беше ‘Фламингото’. Наставниците треба да знаат дека ако му ја откриеш силната страна на детето, полека ќе работиш и на оние страни што му се слаби. Јас го описменив, математички го оспособив, благодарение на неговата фасцинација од животните. Секаде ставав животни. Било македонски јазик, било математика, за собирање-одземање, за формирање на реченици, за вметнување социјални приказни, визуелни распореди и сл. Димитар сега е средношколец од трета година“, гордо раскажува наставникот од Свети Николе.

Михајловски уште од мал бил растен со уметност. Од дете има талент за цртање. Потврдува дека токму уметноста и визуелното може да бидат алатка за да се поттикнуваат потенцијалите на децата со атипичен развој. За да може да се допре до нив, да се работи.

Илустративно фото: Envato

„Мојот талент го насочувам и кон талентираните деца за учење, но од она сум го стекнал како искуство, тоа поттикнување на визуелизацијата најчесто ми беше употребливо кај децата со попреченост, со потешкотии во учење, воедно за креативно ликовно изразување кај деца, исто и за присуство на анксиозност и депресија – како издувен вентил. Истовремено, заедно со колешка по ликовно цртавме три спрата од училиштето. Јас цртав дел од надворешната фасада на училиштето, спортската сала, но и најголемото велигденско јајце во државата. Дури тоа беше претставено на образовна конференција во Белград, како форма на колоритни пораки“, посочува Михајловски.

На прашањето како треба да се движи инлузивниот процес во Македонија, тој нагласува дека е поборник за инклузија уште од 1999 година и акумулирал доста знаење на оваа тема, а видел и доста работи, дома и странство.

Според него, долг е патот за инклузијата, а чекорите мораат да се прават со едукација на наставници, стекнување на вештини и компетенции, градење инклузивна клима во и вон школите…

„Пет години работев без образовен асистент со детето, па, се’ што сум стекнал и сум се изборил било на свој грб и своја кожа. Сега, имаме образовни асистенти, но сериозно ме боли бидејќи тоа не продолжува во средното образование. Тоа не значи целосна инклузија. Друга грешка што правиме е бидејќи копираме странски модели на инклузивно образование, кое често пати се докажало дека кај нас не функционираат. Исто така, некаде има образование асистенти од различни профили што можеби не се компатибилни, за да бидат со такви деца“, забележува тој.

Повеќе ги гледа како лични, отколку како образовни асистенти. Токму тоа му било и во лекциите што ги создавал за Македонија и Бугарија –  на родителите и наставниците да им ги посочи разликите меѓу образовен и личен.

„Се сеќавам кога во улога на образовен асистент биле таткото или мајката, што генерално е многу голема грешка, во смисла за да постигнеш авторитет со такво дете, за да развиеш техники и начини на работа итн. Постојат моменти кога детето не сака да соработува, да се едуцира, од проста причина што родителот е присутен во просторијата“, посочува Михајловски.

Илустративно фото: Envato

За него е важно да се работи и на онаа блокада, што се јавува кај некои наставници од типот: „јас не сакам“ или „јас не знам да се снајдам со такво дете во моето одделение“.

„Ако наставниците не знаат да се снајдат, тоа значи неуспешна социјална инклузивна приказна за тоа дете, за сите деца кои во тоа одделение имаат такво другарче. Тоа значи и дека многу од децата со попреченост се само пасивно присутни во училиштата. Треба тоа да го менуваме. Сфаќам дека потребен е дополнителен влог, бидејќи недостасува адаптирана литература, немаме и дидактички помагала во процесот за овие деца. Јасно е дека во училиштата ни недостасуваат многу работи, меѓутоа, целото мое знаење го склопив во тие 40 лекции, токму да помагам на наставници и на семејства. Едноставно, не сакам знаењето да остане само за мене“, нагласува Михајловски.

Светиниколeцот почнал да прави и инклузивна сликовница во која замислен лик е момчето Ведран, дете од аутистичниот спектар. Момчето на другарите во паралелката на многу едноставен јазик им го појаснува секое негово однесување – зошто плеска со рацете, зошто ги затвора ушите, зошто постојано јаде иста храна итн.

„Сакав да ја вметнав во работилниците за животни вештини, меѓутоа графичкиот дизајнер, кој за време на пандемијата се нафати и со кој направивме 10 страници од сликовницата, за жал почина од коронa. Но, не се откажувам од идејата дека треба да ја завршам!“, вели тој.

Напоредно стартувал и книга каде го пренесува целото искуство преку 15-ина животни приказни, со цел да ги тргне стереотипите дека овие деца „немаат чувство на емпатија“, дека „не чувствуваат ништо“.

„Од цело петгодишно искуство со Димитар, сепак се обидувам да кажам нешто друго, спротивно. Воедно ќе има и т.н ‘азбука за аутизмот’ со поими за секоја буква. Пример, под ‘а’ – авторитет, ‘б’ – бегање, под ‘в’ – вртење, ‘г’ – графомоторика итн. Уште е во драфт верзија, но се надевам набрзо ќе ја привршам и потоа да се објави како помагало. Сето ова, на некој начин ми е мисија. Далеку сум од откажување“, констатира Михајловски.

Бојан Шашевски