[Интервју] Театар Фабрика е остварување на еден сон од студентските денови

Неодамна во земјава почна да работи новиот независен театарот Фабрика кој ја имаше премиерата на претставата „Вејка на ветрот“. За почетоците, идејата и концептот кој се крие зад овој театар, во емисијата на Радио МОФ „Незадолжителна лектира“, зборуваше режисерката Ирена Стеријовска. Пренесуваме дел од ова интервју.

[Интервју] Театар Фабрика е остварување на еден сон од студентските денови

Од каде е идеjата за создавање нов независен театар?

Генерално создавањето на театар каде што ќе можеме да создаваме по наши стандарди, мерки и се разбира на наша одговорност е условно некој сон, можеби наивен сон кој што почнува од студентските денови. Кога го отворивме пред неколку месеци, сметавме дека беше точно време тоа да се случи и дека со добар текст како што е „Вејка на ветрот“, што се смета за првата македонска современа драма,  е исто така соодветно да се почне едно такво патешествие кое во суштина не е лесно, ама е благородно и благодарно.

Имате мошне интересно име. Зошто токму Театар Фабрика?

Сметаме дека театарот треба да се случува. Ние сметаме дека треба да постои масовна продукција на театар. Она што сакаме да го кажеме со името е дека без разлика на се, ние во уметноста ќе бидеме еден погон којшто бескомпромисно ќе работи.

Каков предизвик е всушност да се отвори еден независен театар во Македонија?

1Страшен и голем. Претпоставувам дека ние не сме прва, се разбира, независна продукција во Македонија. Сите кои што до сега прифатиле еден ваков чекор знаат колкав предизвик е тоа. Во суштина, одлуките кои ги носиме – ги носиме самите, со тоа што сме спремни да стоиме зад тие одлуки и она што е најбитно е што одговорноста сега е многу поголема. Најголемата потешкотија во однос на целата самоиницијативност на создавање независен театар е се разбира, наоѓањето финансии. Притоа, ова не е  невозможна тешкотија меѓутоа е нешто што ние како менаџери и продуценти мораме сами да го „бркаме“. Значи ние сме во тие години каде што имаме повеќе идеали и сакаме нешто да кажеме. Не е тешко да се најдат такви луѓе, тешко е да се најдат луѓе што ќе истраат. Најголемиот предизвик е продукциски да се издржи целосно, затоа што генерално како независна продукција, не го имаме тоа задоволство да имаме простор, или пак можеби техничари коишто ќе не опслужуваат, па мораме да се снаоѓаме на ваков или таков начин, меѓутоа со поддршка. Гревота е да не кажам дека за „Вејка на ветрот“ конкретно, односно за почетоците на театар Фабрика имавме поддршка од луѓе коишто се во позиција да ни ја дадат таа поддршка и за тоа сме неизмерно благодарни.

Веќе споменавте финансии, дали некој ве поддржува и имате ли свој простор во којшто можете да творите слободно кога сакате?

2Простор наш немаме. Не можам да зборувам генерално, затоа што засега имаме една претстава, па за конкретната претстава ни требаше сцената на Драмски Театар. Се договоривме со нив на начин на кој се договоривме, ние сме сепак приватна продукција којашто ги изнајмува, условно, просториите на театарот. Во однос на финансиите „Вејка на ветрот“ не е направена со финансии коишто се побарани од,  да речеме Министерството за култура, иако секоја независна продукција има можност да си бара независни проекти од Министерството за култура, па во зависност од тоа дали ќе бидат одобрени или не, ги подготвува или не претставите. Вејка е направена многу „партизански“ , меѓутоа баш заради тоа што е така на „ура“ (условно кажано) сите некако многу чисто и многу „наивно“ влеговме во таа приказна. Вејка е направена строго од љубов, значи не е направена ниту со пари, ниту за пари, веројатно затоа и ја чувствуваме. Има многу добри претстави и со пари што се направени, ама зборот ми е дека ние имаме внатре некоја условна сила која што не води и која што не натера да ги поминеме сите препреки, вака или така, со пари или без пари.

Колку членови брои вашиот тим дали ќе „растете“?

Има пет основачи, но „Фабрика“ како концепт брои многу членови од проста причина што ние ги сметаме и тие што не дел од основачите. Било кој што учествува во создавањето на претстава во продукцијата на Фабрика е незаменлив дел од таа независна институција. Ние сме отворен театар кој што се разбира ќе продолжи понатаму со продукција на уметноста. Она што е битно е што сметаме дека секој кој што има да каже нешто и притоа тоа го прави добро, ќе наиде на апсолутна поддршка од нас како независна продукција.

1383137_502598943168950_773899536_n

Што ве натера да ја одберете токму „Вејка на ветрот“?

„Вејка на ветрот“ е првата македонска современа драма, од еден од најголемите, па ако не и најголем македонски автор – Коле Чашуле. За жал поради недостаток или недоволна афирмираност на денешните млади или современи драмски автори сметам дека ние имаме едно свое современо видување на она што се вика проблематика „Вејка на ветрот“. Сметав дека сега кога во Македонија секој млад човек се прашува дали да остане или да оди, дали неговиот капацитет може тука да се цени, сметав дека е доволно силна темата барем за да ги натераме младите, па и се разбира постарите или средните генерации – сеедно да размислат за своите одлуки. Притоа ние не даваме одговор, ние претставуваме една приказна која што е измислена приказна, меѓутоа го поставуваме прашањето, нели, уметноста секогаш го претставува прашањето, а науката го дава одговорот. Сметав дека е точно време да се постави ова прашање, ако не е и малку доцна.

За крај, што сакате да им порачате на нашите читатели?

Во суштина, особено на независната театарска продукција лицата од публиката ни се единствените денешни мецени и не повикуваме да се дојде на театар заради нас, дојдете заради себе. Особено кога театарот е убав, голем, правен со душа, оваа претстава, барем од досегашното искуство од реакцијата на публиката никого не оставила рамнодушен. Така што, да дојдете во театар. Не само во нашата независна продукција, гледајте и зависна, гледајте секаков театар.

Софија Павловска и Александра Филипова