„ЗРНО потекна од неколку вљубеници во старите и благородни фотографски процеси. Имаме и некои пријатели од регионов кои делат слични страсти, па некако, сакаме да направиме една просторно-временска капсула, каде што ќе се радуваме заедно, ќе учиме едни од други и ќе понудиме и на сите креативци кои сакаат да ни се придружат. Ваквите нешта традиционално се пренесуваат неформално, се учат кај некој мајстор. Најчесто тоа се процеси на фотографирање кои бараат многу вештина, трпение, импровизации, обиди и грешки, бавно темпо на напредок и работа. Сосема спротивно од современта парадигма на живеење. Кај многумина првата ментална слика за зборот фотографија е дигитална фотка, фотка во телефон, профилна на фејсбук итн. Не, ова е нешто друго. Овде зборуваме за фотографијата како процес на кој му се восхитуваме“.
Вака тимот на „ЗРНО“ во интервју за Радио МОФ ја објаснува потребата за организирање на интернационален фестивал на алтернативна фотографија, кој ќе одржи во Скопје. Планот на дечките за првото издание е да понудат неколку изложби и работилници за некои од алтернативните фотографски процеси, по многу пристапни цени.
„Сакаме да понудиме што повеќе луѓе да можат да си дозволат да научат нешто ново“, велат од иницијативата за „ЗРНО“.
Според тимот, клучниот збор за фестивалот за алтернативна фотографија е „страст“, со верување дека можат да го засадат „зрното“, со отворен пристап за соработка. Веќе имаат и интернет кампања за собирање средства за „ЗРНО“. Иницијатива досега наиде на голем одзив во фото-заедниците и академиите кои предаваат фотографија во регионот. Многу студенти се исто така заинтересирани. Ги поканиле и некои од најдобрите експерти во регионот да предаваат на работилниците.
„Нудиме уникатни, рачни изработки на фестивалот. Ќе ја донесеме целата наша креативност, страсна љубов, опсесии и хумор. Ќе експериментираме и ќе се забавуваме додека го правиме тоа, за да ви испратиме добри вибрации“, најавуваат тие.
Во тимот на „ЗРНО“ се Сашо Алушевски, првиот македонски алтернативен фотограф. Потоа фотографката и видеографка Кети Талевска-Бакревска, археологот и фото-ентузијастка Викторија Мачковска, како ПР и „нинџа“ за социјални медиуми – Мартина Павловска, тука е диџејката и фотографка Мартина Пенева, но и Јелена Белиќ – архитектка што работи на дизајн и 3Д визуелизации, дел од „Партизанска штампа“. Исто така, во иницијативата е Владо Димовски, за кој тимот пишува дека е „најдобрата поддршка на македонските уметници со децении“.
Што се подразбира под алтернативна фотографија? Дали се тоа начини и пристапи кои веќе се применуваат или применувале во фотографирањето, па сакате да понудите простор за размена и искуства кон алтернативната фотографија?
Тоа се стари процеси на фотографирање кои во новото време се заборавени. Не само што се применувале туку во нивното време прествавувале единстен или најдобар начин да се стигне до фотографија. Мал е бројот на фотографи кои се бават со алтернативна фотографија, но можеме да кажеме – да, таа сé уште живее. Сакаме да ја разменеме, да ја споделиме и прославиме алтернативната фотографија. Особено во нашава средина, на фотографијата и треба реанимација. Таа како медиум е закочена некаде назад во времето.
Има ли Македонија досегашно искуство со алтернативна фотографија, со луѓе кои се впуштени да работат, но и да го живеат ваквиот пристап?
Како што кажавме, мал е бројот на фотографи кои се бават со стари фотографски процеси, кај нас прв кој активно си игра на ова поле со години е Сашо Алушевски, кој на некој начин и не’ спои во ЗРНО, по разни основи. Во Македонија веќе има неколку особи кои веќе се длабоко навлезени во некои од овие стари процеси. Она што навистина нé радува и уште повеќе би не радувало во идина е интересот за алтернативната фотографија, не само од фотографи туку и од луѓе кои никогаш не се бавеле со фотографија.
Зошто се важни алтернативните фотографии, носат ли различни погледи, перспективи и можности за заедницата, за вклучување на културната, но и академска заедница?
Сметаме дека бавењето со некои од овие благородни процеси отвoра една убава можност за учење, суштинско и различно поимање на фотографијата. Особено во денешно време, преку овие благородни процеси се менува и самото поимање на фотографијата, се проширува „свеста“ за самиот медиум но, според нас и не се менува само свеста за фотографијата, туку самата посветеност и бавно темпо, веруваме дека има влијание и на сите останати сфери од животот. Но еве, поедноставен одговор би бил дека преку алтернативните процеси може да се согледа патот на фотографијата и како сигнала до тука денес, па преку тоа би ја сфатиле и нејзината вредност.
Според најавата, тимот на иницијативата за ЗРНО сочинува разни профили луѓе, фотографи, но и од различни професии. Од каде оваа група на луѓе, можеби вљубеници во алтернативната фотографија, кои идејно ја прифатија вашата идеија?
Како што кажавме веќе, имавме можност да се запознаеме едни покрај други и да сфатиме дека на страна од професијата и искуството во фотографирање, имаме слична љубов кон фотографијата како процес, имаме што да учиме заедно и да споделиме со други кои го имаат тоа во себе. Исто така, низ разни животни искуства, свесни сме дека за нешто вакво е поважно да имаме добра меѓусебна енергија, многу поважно од строго дефинирани биографии и експертизи. Засега, многу добро се надополнуваме, баш заради тоа што сме шарен тим.
Пишавте дека сте добиле средства од Министерството за култура, но не се доволни за организирање на ваков поголем евент. Кажете ни за идејата за собирање средства и до кога би траел ваквиот процес?
Да, средствата кои ги добивме од Министерство за култура не се доволни за да го организираме фестивалот онака како што го замисливме, па одлучиме да направиме интернет кампања преку која би добиле средства, за да успееме да реализираме една најскромна верзија од замислениот фестивал. Капањата е активна на платформата Indiegogo за која направивме кратко видео од фотографските процеси и се обидовме да ја пренесеме замислата за фестивалот. Ги повикуваме вашите читатели, да одвојат 5 минутки и сума за едно кафе, и да поддржат една свежа идеја, која, веруваме ќе придонесе многу во нашата културна понуда а понатаму да се гордеат дека поддржале нешто по кое би биле препознатливи и пошироко. Секоја донација, споделување, верувајте – значи многу и тоа е еден начин на кој се придонесува во заедницата.
Би сакале ли ваквиот фестивал, иницијатива, да продолжи и понатаму да се развива, па можеби Македонија на годишно ниво да се организира ЗРНО?
Секако, замислата ни е „ЗРНО“ да расте секоја година, свесни за тоа дека првата година ќе биде најтешка. Што повеќе години се одржува фествалот „ЗРНО“, повеќе дрвја ќе растат на нашите планини (замислата ни е секоја година да засадуваме дрвја, со цел да ѝ вратиме на природата за хратијата која ја користиме при работњето). Пред да ја почнеме кампањата, веќе засадивме едно дрвце и секако, сами си се обврзавме, дека ќе засадиме барем 5 оваа година, едноставно, за да покажеме на сите колку е тоа едноставно, а ретко кој го прави.
Бојан Шашевски