Режисерот Васил Христов – Вуси по 10 години од првата клапа од снимањето на „ЕЈ!“ (HEY!), конечно во недела на „Синедејс“ ќе може да присуствува на премиера на својот филм за исчезнатиот премиер. И тоа во време на вистински исчезнат (екс) премиер.
Во разговор за Радио МОФ, Христов раскажува за еден тон љубов, маки, борба, другарство, импровизации и перипетии за тајно сниманиот филм, кој заедно со режисерот минал низ политичка блокада. Филмот што го нарекува интелектуален панк, конечно, ќе излезе на виделина.
Целата работа е стартувана во 2008 година. Тогаш, по 13 години минати во Холандија, Христов на македонската театарска сцена се врати со претстава во МНТ „Мара Сад“, интригантен претставник на политичкиот театар, по текст на Питер Вајс.
Проектот беше претставен како претстава во претстава, со фокус на подвоеноста на идејата за државата и поединецот, како во колективот, така и кај секој поединечно.
„Во театарот практично внесов едно 12-13 невработени млади дечки. Тоа беше во ек на експанзија на ВМРО-ДПМНЕ. Ја направивме претставата, а ни самото реководство не знаеше што им се случува во театарот, типот на претстава, која беше директен коментар на инвазијата и идеологијата на ДПМНЕ. Од кога сфатија, од кога помина премиерата, ја прекинаа претставата. Со младите дечки, друг дел од ансамблот, вкупно 50-ина луѓе, знавме дека тоа ќе се случи. Беше неизбежно, па, едноставно, баравме начин да ја продолжиме идејата“, раскажува Христов.
Се нафатил на сценарио, во соработка со уште двајца. Го разработил, напишал текстот и потоа, практично, се втурнале во илегален процес за филм, без скршен денар.
Ја создале екипата. Волонтери, скоро сите професионални глумци, другари, поддржувачи, но без буџет. И без техника, без ништо. Со молење за опрема по пријатели и сл.
„Сепак, успеавме да набавиме техника да се сними. Започнавме на 24 декември 2008, па до февруари, шест недели интензивно снимање. Секој ден, инкогнито. Никој од надвор не смееше да знае што и како се снима. Меѓутоа, ‘протече’ информација за темата. Дури и луѓето што ми позајмија дел од техника, кога слушнаа што правиме, дека се ‘спрдачиме’ со власта, практично се повлекоа. Бараа да не кажувам дека сум имал било каква врска со нивната фирма, се уплашија за реперкусии и притисок“, потенцира Вуси.
Практично, вели тој, неговата приказна продолжува понатаму, бидејќи во тие десет години имал забрана да влезе во театар. Не официјална забрана меѓутоа, нагласува, не смеел да влезe во ниту еден театар, институција.
„Имам кратки филмови, кога бев во Холандија. Дојдов со желба да продолжам со театар и филм, но, едноставно ми беше забранет влез во институциите. И во ‘Свирипичино’ да одам да изрежирам детска престава – нема да може. ‘Кој, Вуси?! Не може!’. Филмот беше ставен на ладен мраз. Никој официјално не го забрани, но никој немаше храброст да влезе и да го истера до крај, во постпродукција. Се молев по другари, да најдеме компјутер и сл. Едноставно, не успеавме да го ‘сплескаме’ да се заврши. Луѓе се смеат и викаат: ‘Добро е што не се заврши, ќе лежеше затвор’, вели Вуси.
Повторува дека филмот е правен „no budget“ (без буџет). „EЈ!“ не претендира да биде Холивуд, туку, вели тој, е интелектуален панк.
„Иако има приказна, сепак е направен хард-кор, од аспект на изглед, како е монтиран… Значи, не претендира да биде допадлив на мејнстрим публика, но треба луѓето да го гледаат. После толку време успеавме да го завршиме!“, потенцира Христов.
Официјалниот синопсис на филмот оди вака: за време на една ноќна забава, група пријатели имаат спиритуална сеанса. На шега се обидуваат да стапат во контакт со духот на Александар Велики. Меѓутоа, наместо духот на античкиот лидер, меѓу нив се материјализира вистинскиот премиер на Македонија. Набрзо, низ целиот свет се шири веста за исчезнувањето на македонскиот шеф на владата. Светските медиуми пренесуваат дека исчезнал од спалната соба, каде што спиел до неговата сопруга. Земјата е во состојба на готовс. Преку ноќ, групата пријатели без намера стануваат грабнувачи на премиерот, а тој нивни несакан заложник.
Христов се смее на прашањето дали тој и екипата го криеле, го киднапирале екс-премиерот Никола Груевски за да се поклопи со тематиката и премиерата на „ЕЈ!“.
„Хаха… да, така испадна. Во суштина, тоа е многу слична приказна, но не сакам да ја откривам предвреме. Гледајте го. Се поклопува со ова што се случува во нашава реалност. Сите ме прашуваат ‘како си предвидел дека ќе се случи’. Не е тоа предвидување. Не е ниту коинциденција, туку беше логичен сплет и разврска на мегаломански диктаторски режими, за кои се знае како ќе завршат. Се дуе и дуе балонот, и мора да пукне. И ќе пукне на најапсурдно глуп начин. Со тоа што, тогаш имав оптимистично предвидување дека ќе се случи во рок од година-две, а не да чекаме 10 години. И генерации да пропатат, и градот да го смени личниот опис итн“, вели Христов.
„ЕЈ!“ ја критикува власта, но и антиквизацијата. Во 2008 година има крст на Водно, и почетна иницијатива за „барокизација“ на ГТЦ.
„Во тоа време, се уште немаше смислено целосен проект ‘Скопје 2014’. Не ни стануваше збор за ‘Скопје 2014’, а темата е практично антиквизација, пред да се случи антиквизација“, низ смеа кажува режисерот на „ЕЈ!“.
Планот за филмот е следен – премиера на затворање на фестивалот „Синедејс“, 18 ноември. Потоа од следниот четврток оди на репертоар на „Синеплекс“ и „Милениум“.
Бојан Шашевски