[Интервју] Виктор Стојчески: Не зборувам многу, туку музиката е мојата експресија

Во кафе-книжарницата „Буква“ утре (сабота, 4 ноември) ќе се случи слушачка промоција на првиот албум „Еј, шо прајш таму?!“ на „Кенопсија“, новиот проект на младиот музичар Виктор Стојчески.

Пред да се случи настанот во организација на „Култура Бета“, Радио МОФ поразговара со Стојчески кој за себе вели дека е уметник во повеќе полиња, не само музика. Исто така црта, работи и со видео игри, а музика свири откако памти за себе.

„Доаѓам од фамилија музичари, иако не се во жанрот што го свирам, туку во турбофолк“, низ смеа раскажува Стојчески.

Тој прво почна како тапанар, свиреше во бендот „Соrrosion“ (Короужн), заедно го извадија албумот „Pinhead“ под етикетата на култното радио „Стротројка“. Албумот одекна меѓу независната музичка сцена, притоа дечките свиреа неколку пати, но таа приказна заврши.

„Тоа беше драматична љубовна приказна, со среќно-тажен крај. Убаво беше, ама дојде крајот“, вели тој.

Воедно, дур свирел во „Corrosion“ се учел да свири и на гитара, а со тоа оди и бас. Во тие моменти се’ му се сменило во животот, преселба од Битола во Скопје, па бендот што го гледал како дете го снемало…

„Имав бааги инспирација и мотивација да пишам мои работи, кои, искрено, не мислев дека некогаш ќе излезат. Едноставно ги имав напишано, размислував пример ‘ова е добро’ или ‘ова ќе биде ко некое андерграунд проектче’, но потоа зборував со повеќе луѓе и тие ме мотивираа – оти да си чувам песните за мене, оти да не ги снимам и извадам?“, се присетува Стојчески.

Деби албумот на проектот „Кенопсија“ има седум песни. Се работи за концептуално музичко парче. Ако некој на прва го праша „за што се работи“, жанровски би го ставил во алтернативен рок „па што сакаш бирај од таму“.

„Оти искрено, не можам да одредам. Е некој вид арт-рок, експериментален, нешто измеѓу ‘диво’ и ‘мирно’, каков што е животот. Бидејќи, не е се’ така црно или бело, диво или мирно, во текот на денот имаш различни моменти, случки, осцилации. Не се само ‘тажни песни’, иако можеби звучат така, туку повеќе би рекол емоционални. Така барем ги гледам“, вели Стојчески.

Едноставно, дополнува тој, сака да си го каже тоа што му лежи, без премногу да кокетира текстуално, или да се обидува другите да го разберат, туку слушателите да имаат своја интерпретација.

„Секој да си се пронајде во песната на свој начин. Да не биде ‘еве, за ова или она е пишана’. Дека нели мора ‘сите истото да го сфатат’“.

Стојчески објаснува дека се’ почнало како соло проект, така мислел и да продолжи, ама потоа ги погодил луѓето. Кликнал со други млади музичари, заедно имаат поголема визија за работите што ги прават. Така што, вели тој, соло проектот прераснал во бенд со Мартин Џорлев (Луфтанза, Стој, После!) и Дарио Циевски (Мен ин а сут, Вагина Корпорејшн).

На прашањето каде се запознал и споил со нив, вели „наоколу“.

„Најважно во музиката е дружењето. Ако нема дружба во бендот, нема да искачаат толку добри работи. Таа дружба се пренесува од човек до човек, состав до состав. Преку колективот ‘Гола планина’ бендовите се зближија како никогаш досега. Тоа е позитивен однос во сцената“, потенцира тој.

Исто така, ја споменува и „Култура Бета“, младинско здружение за креативно и културно изразување, неформална организација за сите млади кои имаат идеи за развој на културата надвор од културните институции. Тие, вели тој, му пружија шанса да биде „лик на месец септември“ – месечна рубрика со фокус на одреден артист/бенд.

„Многу ми помогнаа да добијам поддршка за нешто што работев сам. Бидејќи, многу е поразличен процесот на работа сам и со бенд. Кога си со бенд, викаме ‘утре ќе го правиме ова’ и навистина тоа ќе биде направено. Кога си сам, газда на себе, од денес за утре си ги префрлаш работите. Оддолжуваш. Не може се’ да изведеш како што ти е во глава, оти се’ си има граници. Но, искуството што го стекнав како соло проект е ненормално добро!“, забележува Стојчески.

За него нема сомнеж дека приказната нема да заврши тука. Ќе продолжи да прави и живее музика.

„Само што снимав, пред музиката да биде смиксана и објавена, автоматски почнав да пишувам нешто друго. Ме маваат моменти на инспирација, не можам да престанам да пишувам. Не зборувам многу, ова ми е начин на експресија, преку музиката. Ова е можност да си кажам што ми е, како ми е, на глас! Лошо е ако ги чуваш работите во тебе. А, албумот е пишуван три-четири месеци, едно по друго, цела приказна е објаснета низ 30 минути. Убаво е. Можеби не она што го сакав лично, туку како што тогаш се осеќав. Сега би го направил поинаку, ама тогаш такво беше чувството. Ќе видиме како и каде ќе продолжи приказната…“, вели младиот музичар.

Бојан Шашевски