[Интервју] Владимир Поп Христов: Наместо да се втопиме во мракот на некултурата, решивме албумот да биде „Вистински“

На 24 декември во 23:07 часот на службената електронска пошта ми стигна мејл од Владимир Поп Христов – Мио од составот „Д.Н.О“. Мејлот содржеше кратко инфо за нивното ново музичко парче именувано „Вистински“. Имаше и фотки од ланскиот настап на „Д.Н.О“ во „Маракана“. Но, имаше и нешто што ретко го добиваме од музичари – сите песни од албумот во WAV квалитет.

Решив да го пуштам албумот пред спиење. Два пати, на „рипит“. Да слушнам што направиле Мио заедно со Бодин Попов, Петар Лукиќ, Филип Попов и Гордан Попо. Групата што смени повеќе постави, а функционира веќе две ипол децении, од 1999-та. Сега со свеж албум снимен во „СтудиоСпалнаСобаРекордингс“ и „Алшар“. 

Она што „на прва“ се забележува е нешто ново, но сепак познато. Различно од она што „Д.Н.О“ го остави зад себе со „Тишина“, ама сепак знаете дека е „Д.Н.О“. Белегот е таму: повеќеслојна рокенрол музика што комбинира жанрови, емоции, пораки. Мирен налет, ама и возвишеност и енергија. Љубов и леснотија, ама и бол, крв, смрт. Се’ е таму. Музика што е тешко да се стави во калап и да се изеде на еден залак.

Наредното утро решив да му свртам на Мио и да земам размислувања од „таа страна“. Преку интервјуто и публиката да дознае за авторскиот процес, па самата да влезе да го доживее „Вистински“.

Ова е целиот муабет на телефон. Без многу засладувања, како што го направивме:

Мио, ве немаше подолго време. Пред некоја година се појавивте со неколку песни, променет состав, па конечно најавивте втор албум со име „Култура“, па потоа пак некако ве снема. Веројатно требаше време за правење на целиот албум, и за рефлексија што всушност правите, и притоа сите овие работи да „легнат“? 

Работите баш требаше да „легнат“. Прво сакавме да го викаме „Култура“ и само поради таа фотографија, која ќе беше добар симбол за културата кај нас. Тоа е прилично распаднато – натписот што пишува „Култура“. Сфативме дека тоа е „даун“. И онака се’ е „даун“ околу нас, па уште и ние да почнеме да плачеме колку се’ е „даун“. Затоа решивме да биде весело. Да биде „Вистински“. Така излезе и името на албумот. Знаеш, бидејќи вака ќе се втопевме во тој мрак со таа „Култура“. Тоа секако ќе беше инверзија од култура, т.е. некултура. Но, решивме да се откачиме од тој лош муабет и да бидеме малку повесели, затоа е шарена и сликата од омотот. Албумот можеби има и чудна и мело хипи нота, но всушност во албумот секоја песна е за себе. Различна приказна, без посебен контекст, туку влегoвме во песните со отворен мозок, со отворена свест. Не се ограничуваме на никаков контекст, на никаква рамка. Како на коњите кога ќе им ги стават наочниците (што се прицврстени на уздите).

Веројатно, тоа ќе ви дадеше пат, насока што можеби не сакавте да ја терате…

Да. Работата е, дај да се отвориме! Тоа е приказната на албумот.

И, веројатно, да видите што ќе излезе од се’ тоа… 

Да. Затоа си играме со стилови. Малку пошироко гледаме на работите. Музиката се рефлектира и од самите луѓе кои учествуваат во снимањето на албумот.

Околу самата постава на „Д.Н.О“, веројатно природно се менуваше низ годините. Еден е тука, друг оди во Странција, трет прави нешто друго во животот? 

Никогаш не е истата постава на „Д.Н.О“. Не знам дали сте приметиле, „Д.Н.О“ има само еден албум, а неколку постави (хехехе). Бидејќи, пази, едно време помисливме дека снимање цел албум е минато време. Дека луѓето повеќе сега се (навлечени) на синглови. Како што се на кратки видеа на „Јутјуб“, или на скролање. Па, мислевме да ја примениме таа стратегија, но ете… така излезе. Се’ кај нас е случајно, спонтано, ништо не е планирано, верувајте.

Да, но после некое време веројатно си викавте „мора нешто да излезе“. Во смисла, ти можеби не планираш работи, но доаѓаат луѓе, другари, слушатели, фанови… ти викаат „ајде, кога нов материјал, што правите“? 

Тоа – да. Тоа дури станува и напорно, притиска. Но, тука излегуваат и други зезанции, ситуации. Особено за човек како мене што не прави ништо друго освен музика. Си го почитувам времето. Не правам компромис, не одам да си го продавам времето за плата.

Сега, веројатно албумот носи и некоја нова, друга почетна точка, за сите вас? Албумот ќе ви донесе нови настапи, свирки, идеи што да правите натаму со музиката? 

Сега се навлековме на албуми, можеби ќе почнеме да ги правиме на годишно ниво. Имено, сега си направивме наше студио. Вложивме во опрема и си направивме се’ тоа – дома. Наша „фабрика“ – дома. Да не одиме постојано по други студија, па да ни биде непријатно да кажеме „ни се допаѓа или не“. Знаеш, милион мали ситуации кои попатно те сопнуваат. Сакаме се’ тоа да го избегнеме, па затоа си направивме наша „фабрика“, да сме слободни и во изразот. Да се губи стравот од надворешната слика, од луѓето, од се’. Слобода да правиш што сакаш, на начин како сакаш.

На крај краишта, тоа луѓето го почитуваат и осеќаат, дека си го направил на тој начин…?

Да, оние љубителите, оние што слушаат музика.

Го спомeна вашиот израз. Претходно спомена и дека повеќе моменти во албумот се различни. Односно, песните имаат различни сензибилитети. Претпоставувам, се’ тоа е собрано од нешто што е доживеано?  

Се’ е доживеано. Кога ќе го слушнеш од почеток до крај, ќе ги слушнеш сите емоции. Сите размислувања на тој што ги правел. Од љубов, па при крај има и смрт.

Јас „на прва“ ги заслушав текстовите, ама и повеќеслојниот инструментариум, бас-линии, клавијатури, гитари, вокали, разбојност. После тоа, открив и други детали на второ слушање… 

Полн е албумот со скриени моменти. Допрва слушателите ќе откриваат и „фаќаат“ работи. Дури ги оставивме нашите муабети (во студиото). Бидејќи, според мене тоа предизвикува блискост со фанот. Кога фанот ќе те слушне што си зборел пред или после снимање, ќе те доживее како на предавање, кога излегуваш и прво кажуваш спонтана шала. Луѓето ќе се насмеат, ќе осетат искреност, блискост, дека не се преправаш, дека е тоа другарски, па веќе ја имаш публиката „во свои раце“. Заедно да патувате и доживувате. Затоа се оставени тие крајчиња (на песните). Имам чуено крајчиња и од „Леб и сол“ и беа многу откачени, муабетите пред и по снимањето на песните. Тоа е супер интересно. Интимно и блиско.

Колку горе-доле се правеше албумот, веројатно 3-4 години?

Правењето на песните беше година дена, а снимањето и целата продукција уште две години. Процесот траеше толку долго… бидејќи всушност јас низ албумот учев продукција. Значи, додека го правев, учев и како се продуцира, разни елементи и сл. Затоа зема толку време. Но, затоа пак следните албуми ќе земат многу помалку време, бидејќи сега се „набилдав“ со доволно знаење за да ги правиме во побрз и пократок рок.

Бојан Шашевски