„Интимно понирање“ – самостојна изложба на Трајче Чатмов во МКЦ

 

„Интимно понирање“ е насловот на најновата самостојна изложба на ликовниот уметник Трајче Чатмов, која од вечерва, 20 мај, ќе биде отворена за посетителите. Сликарските дела на Чатмов ќе бидат изложени во Галерија МКЦ со почеток од 19 и 30 часот.

За ликовните композиции на Чатмов, Анита Бошкова Доковска вели дека тоа се дела што лесно остваруваат директна комуникација со набљудувачот, карактеристични по својата едноставност и читливост на ликовниот јазик.

„Неговите слики претставуваат интимни медитации за животот и светот што нѐ опкружува, за егзистирањето во него и доживувањето/чувствувањето на истиот тој свет преку сите сетила. Фигуративните композиции на луѓе, бикови, змејови, имагинарни и митолошки суштества и нивната заемна интеракција ги носат трагите на енформелскиот израз и експресионистичката реторика, ликовен ракопис, кој на Чатмов му е елабориран и близок“, нагласува таа.

Бошкова Доковска се надоврзува дека во имагинативниот микроуниверзум на Чатмов, внатрешните борби и конфликти, напластените емоции и нагони – љубовта, страста, соништата, постои стремеж тие да се претстават што е можно поискрено и верно на доживеаното чувство, како некои симулакруми од искуствената стварност.

“Едноставниот, стилизиран цртеж на најчесто антропоморфни и зооморфни претстави како и живиот, раскошен колорит со употреба на интензивна гама на сини, цинобер, кармин, жолти, зелени и виолетови тонови, нанесени во густи, пастуозни слоеви со хроматска рамнотежа се негов најмоќен сликарски адут.  Преку неа, Чатмов создава единствена колористичка, експресионистичка сензација и драма за набљудувачот, сугерирајќи му чувство како да го гледа светот низ стаклена призма низ која се прекршуваат сите бои на виножитото“, вели Бошкова Доковска.

Трајче Чатмов е роден 1971 година во Скопје. Дипломира на Факултетот за ликовни уметности во класа на професор Рубенс Корубин. Магистрира на истиот факултет под менторство на професор Родољуб Анастасов.
По завршувањето на студиите во 1996 се вработува како наставник по лик. образование, во 1999 се вработува во Мин. за одбрана, поточно во Домот на АРМ – Скопје, најпрво како советник за културни активности, а подоцна и како раководител на тој објект. Во моментов е раководител на одд. за медија и мултимедија при Министерството за одбрана.

Своето прво самостојно излагање Трајче го има непосредно по своето дипломирање, во Домот на културата – Охрид во 1997 година во рамки на Охридско лето и со тоа започнува неговото претставување како академски сликар. Има повеќе самостојни изложби.

Покрај сликарството се занимава и со фотографија, анимиран филм и документарен филм, за што има добиено неколку награди во 1997/8 (најдобра камера и најдобра режија за кратокиот документарен филм „Времиња“).