Во „Concept 37“ на 13 октомври (петок) од 20:30 часот ќе биде отворена изложбата на фотографии „Интровертност“ од Влатко Деков.
„Денешниот свет ги фаворизира екстровертните луѓе. Креиран е според нивни норми и воопшто не е сензитивен за луѓето кои не се гласни, кои не зборуваат со секого за своите чувства, кои не се експонираат во јавноста, за луѓето кои најпрво чувствуваат а потоа преземаат акции. Интровертните луѓе е темата на оваа серија фотографии настаната летото 2016 и 2017 во ретките моменти кога и самиот сум се идентификувал како инторвертна личност. Станува збор за мал личен придонес во претставување на светот на интровертните луѓе, фотографии снимени во неколку европски градови но претежно на португалските плажи некаде помеѓу Лисабон и Порто. Светот не е едноличен. Светот се чувствува и на друг начин“, стои во најавата за изложбата.
Инаку, изложбата е прва од серијата колаборативни настани на кои Concept 37 и Paratissima Skopje ќе презентираат дела на домашни уметници.