Инвеститорите „МГ Фешн” и Македонската православна црква поднеле барање за издавање градежна дозвола за првата зграда спроти „Холидеј ин”. Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, потврди дека во електронскиот систем на Општина Центар е поднесено барање, но вели дека тоа се’ уште не е правосилно.
„Инвеститорот си го поднесува проектот, си уплаќа комуналии и нормално дека си поднесува барање за одобрение. Моментот е што тој си аплицира во системот. Управната постапка завршува на крај со правосилност. Јас сè уште не сум дал правосилност“, изјави Богдановиќ.
Советот на општина Центар на 63-та седница не донесе одлука за суспензија на Деталниот урбанистички план (ДУП) на оваа локација. ДУП „Голем Ринг“ јужен дел-исток продолжува да важи, а Богдановиќ вели дека во моментов имаат забрана од Уставен суд да преземаат какви било дејствија и повторно укажа за штетите кои би настанале доколку Општината донесе одлука за суспензија на овој урбанистички план.
„Каква било одлука што ќе донесете мора да ги предупредите и советниците кои гласаат за таа одлука, но пред се и граѓаните дека штетата за такви одлуки може да ја плаќаат“, вели Богдановиќ.
Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски вчера рече дека донесувањето и суспензијата на деталните урбанистички планови е работа на општините, а Министерството е само контролор во целата постапка. Според Бочварски, ако Општина Центар планира да го суспендира ДУП-от, тогаш општинарите ќе треба да достават елаборат до нивното министерство, по што во рок од 15 дена тие како министерство ќе дадат свое мислење и конечната одлука за суспензија на ДУП-от ја донесува општинскиот совет.
Инаку, пред два денови „МГ Фешн” го презентираше планот за комплексот „Гранд“, за кој рекоа дека ќе има станбени згради од 20 и 22 катови со 400 станови во кои ќе живеат 1.200 луѓе, но и деловен објект од 16 катови. Исто така, тврдат дека ќе има 6.520 метри квадратни зеленило, многу повеќе од она што е предвидено со законот и во оваа површина не влегува зеленилото на терасите на зградите.
Како што пишува СДК.мк, се работи за парцелата 1.1, државно земјиште кое беше продадено во 2018 кога министер за транспорт и врски беше Горан Сугарески и земјиштето на МПЦ-ОА. Прво ќе ја гради станбената 20-катница за која е побарана градежната дозвола и се платени комуналии од 2,4 милиони евра на Град Скопје и на Општина Центар. Потоа би се градела станбената зграда од 22 ката, а на крај деловниот центар од 16 ката. За овие два објекти дополнително ќе се платат комуналии, а за секоја Градот и Општината ќе наплатат приближно колку висината на комуналиите за првата зграда. Што и дали ќе гради на останатите две градежни парцели каде се куќите на жителите на Ново Маало – инвеститорот „МГ Фешн“ не кажа.
Антикорупциска комисија деновиве предложи суспензија на спорниот ДУП.
Истовремено, група граѓански организации, универзитетски професори и архитекти упатија и јавен повик до премиерот Зоран Заев за поддршка на суспензијата од Општина Центар за ДУП-от ЦО8, како и други ДУП-ови коишто не се усогласени со Генералниот урбанистички план. Повикот беше упатен пред два денови, а списокот со поддршка на групата расте.
Во барањето го повикуваат Министерството за транспорт и врски и Градот Скопје, но и другите надлежни институции да се произнесат и да се обврзат дека нема да издадат согласности да ДУП-ови коишто не се усогласени со ГУП. Во Јавниот повик се посочуваат низа аргументи зошто е спорен ДУП-от кај „Холидеј Ин“.
Исто така, граѓани потпишуваа на петиција „против бетонски чудовишта“ на која досега се потпишаа близу 10.000 граѓани.