Уште од објавувањето на новиот оперативен систем Виндоус 10, Мајкрософт го промовираше својот интернет прегледувач (browser) Еџ (Edge) како најдобра апликација за таа намена, која сега е подобра од конкурентите Фајрфокс (Firefox), Хром (Chrome) и Опера по брзината и потрошувачката на батерија.
Сепак, овие тврдења изгледа не ја промениле многу ситуацијата со прегледувачите на Мајкрософт. Како и стариот Интернет Експлорер, така и корисниците на Еџ главно ги користат само за да го преземат Хром, најпопуларниот прегледувач на светот.
Нешто слично, неодамна се случило за време на една презентација, на која инженер од Мајкрософт бил принуден да инсталира Хром, откако Еџ, вградениот прегледувач во Виндоус 10, се блокирал во текот на презентацијата.
Оваа непријатност се случила на конференцијата „Мајкрософт Игнајт“, кога презентерот од компанијата, Мајкл Леворти, покажувал како да се префрлат апликациите и податоците на клауд сервисот Мајкрософт Азур.
Леворти бил принуден да ја прекине својата презентација да го преземе и да го инсталира Гугл Хром, бидејќи прегледувачот на Мајкрософт во тој момент бил неупотреблив.
Иако непријатно, ситуацијата го насмеала и самиот Леворти и публиката, но, интересно е дека снимка од овој инцидент се појавила и на ЈуТјуб, поставена токму од Мајкрософт.
Додека го инсталирал Хром, Леворти рекол дека не сака да ја избере опцијата за испраќање извештаи и статистика за работата на Хром, кои служи на Гугл за подобрување на корисничкото искуство.
„Нема да го направиме Гугл уште подобар“, се пошегувал Леворти.
Долго време главната шега за Интернет Експлорер беше дека тој е најдобар прегледувач за преземање на Хром.