Најмалку 1.146 лица загинаа обидувајќи се по морски пат да стигнат во Европа во првите шест месеци од 2021 година, и тој број е повеќе од двојно зголемен во споредба со истиот период минатата година, објави денеска Меѓународната организација за миграција (ИОМ), пренесува „Ал Џазира Балканс“.
Според податоците на организацијата, во првата половина на 2020 година, најмалку 513 лица се удавиле обидувајќи се да стигнат до европското копно.
„ИОМ го повторува својот повик до државите да преземат итни и проактивни чекори за да се намалат загубите на животи на поморските миграциски патишта кон Европа и да се придржуваат до обврските според меѓународното право“, рече генералниот директор на организацијата, Антонио Виторино.
Бројот на луѓе кои се обиделе да преминат во Европа преку Медитеранот се зголеми за 58 отсто во периодот од јануари до јуни годинава, во споредба со истиот период во 2020 година.
Во првата половина на годинава, мнозинството мажи, жени и деца кои се удавиле обидувајќи се да дојдат во Европа, односно 896 лица загинале во Средоземното Море.
Според последниот извештај, зголемениот број на смртни случаи е поврзан со недоволниот број на операции за пребарување и спасување на Медитеранот и на атлантската рута до Канарските острови.