Агенцијата за миграција на Обединетите нации денеска објави дека пандемијата на коронавирусот „радикално ја променила“ мобилноста во светот и предвиде дека бројот на меѓународни мигранти веројатно ќе остане помал додека се на сила ограничувањата за патување и другите рестрикции, пренесува „Данас“.
Меѓународната организација за миграција (ИОМ) денеска го објави Извештајот за светската миграција за 2022 година, кој ги бележи сите трендови во движењето на луѓето, од оние кои бегаат од војна и конфликти до работници кои бараат работа во странство.
ИОМ укажува на „драматично зголемување“ на интерно раселените лица поради природни кататстрофи, конфликти и насилство, додека земјите воведуваа епидемиолошки ограничувања и спорадично ги затвораа границите откако се појави и прошири пандемијата овие две години.
„Сведоци сме на парадокс што никогаш досега не бил виден во човечката историја“, рече генералниот директор на ИОМ, Антонио Виторино, наведувајќи дека милијарди луѓе биле под рестрикции, а десетици милиони други раселени во нивните земји.
Во извештајот се наведува дека во светот има 281 милиони мигранти според последните податоци од 2020 година, додека во 2019 година тој број бил 272 милиони. Околу 60 отсто од тие лица минатата година биле мигранти кои бараат работа.