Иран ја ослободи жената што вееше хиџаб на антивладините протести

Иранката која протестираше на антивладините протести во Техеран со хиџабот закачен на стап е ослободена, соопшти Насрин Сотуде, адвокатка  за човекови права.

Жената чие име останува непознато за светските медиуми, стана симбол на декемвриските протести во Иран, а сликите од неа почнаа да се споделуваат по социјалните медиуми. Иранските власти досега не дадоа јавен став за овој случај.

Според адвокатката која трагаше по споменатата жена, и било покажано официјалното досие според кое таа била ослободена.

„Девојката од авенијата Енгелбаб е пуштена”, објави адвокатката Сотуде на ФБ, која и самата е поранешен политички затвореник. Симнувањето на шамијата во Иран е казниво дело.

Адвокатката изјави дека ја посетила канцеларијата на обвинителот за да го следи случајот за жената, каде дознала за нејзиното ослободување.

„Се надевам дека нема да ја наместат за да наштетат на нејзините основни права”, пишува адвокатката. „Таа не направила ништо лошо за да заслужи обвинение”.

Каде е жената што вееше хиџаб на антивладините протести во Иран

Од 17 јануари, хаштагот на персиски чиј еквивалент на англиски јазик е #where_is_she и #WhereIsShe , беше искористен над 28.000 пати на Твитер, како и на други социјални мрежи што се користат во земјата каде што често има случаи на репресија. Луѓето на овој начин се обидуаваа да дознаат информации за судбината на жената која ја гледаа како симбол на протестите. Фотографијата на жената се користеше и во кампањата „Белата среда” во која жените во Иран носеа бело, за да протестираат против строгиот кодекс за облекување на земјата.

Во меѓувреме и слики на уште две жени кои во еден момент ги тргаат шамиите додека протестираат брзо се проширија по социјалните медиуми.