Иранските власти поставуваат камери на јавни места и патишта за да ги идентификуваат и казнат жените кои не се придржуваат до кодексот на облекување, соопшти денеска тамошната полиција, пренесува Радио Слободна Европа.
Откако ќе бидат идентификувани, тие ќе добијат „СМС пораки со предупредување за последиците“, се наведува во полициското соопштение.
Целта на овој потег е „спречување на отпорот кон Законот за хиџаб“, се наведува во соопштението, во кое се додава дека таквиот отпор го нарушува духовниот имиџ на земјата и шири несигурност.
Сè поголем број Иранки престанаа да носат хиџаб по смртта на 22-годишната Махша Амини, која почина во притвор на полицијата за морал во септември минатата година.
Амини беше приведена поради наводно кршење на правилата за хиџаб. Безбедносните сили насилно ги задушија протестите по нејзината смрт.
Жени без хиџаб сè уште можат да се видат во трговски центри, ресторани, продавници и на улиците низ земјата. Видеа на жени без хиџаб кои се спротивставуваат на полицијата за морал ги преплавија социјалните мрежи.
Во полициското соопштение, бизнисмените се повикуваат „сериозно да го следат почитувањето на општествените норми со примена на нивна инспекција“.
Според иранскиот исламски шеријатски закон, кој беше наметнат по револуцијата во 1979 година, жените се обврзани да ја покриваат косата и да носат долга, широка облека за да ја покријат својата фигура. Оние кои го прекршуваат законот се соочуваат со јавна опомена, парична казна или апсење.
Опишувајќи го хиџабот како „еден од цивилизациските основи на иранската нација“ и „еден од практичните принципи на Исламската Република“, во соопштението на Министерството за внатрешни работи од 30 март се вели дека нема да има повлекување по ова прашање.
Во соопштението се повикуваат граѓаните да го изразат своето незадоволство и да се соочат со жените без хиџаб на јавните места.