Иранска актерка уапсена бидејќи ја симнала шамијата на видеоснимка

Иранската полиција ја уапси актерката Хенгамех Газијани затоа што јавно ја симнала муслиманската шамија во видеоснимка за поддршка на протестното движење започнато во септември по смртта на младата Махша Амини, објавија локалните медиуми.

Протестите во Иран започнаа на 16 септември, денот кога Амини почина во болница, каде што се наоѓаше откако беше уапсена на 13 септември во Техеран поради „носење несоодветна облека“ и непочитување на строгиот кодекс на облекување на жените во Иран.

Демонстрациите подоцна се претворија во движење против иранските верски власти. Според податоците на невладините организации, во задушувањето на протестите загинале неколку стотици луѓе, додека околу 15.000 биле уапсени. Некои од уапсените беа осудени на смрт.

Газијани беше уапсена поради поттикнување и поддршка на „немирите“ и комуникација со опозициските медиуми, објави државната новинска агенција ИРНА.

Актерката претходно изјави дека добила покана од судот, а на Инстаграм објави видео на кое ја симнува шамијата.

„Ова можеби ќе биде мојата последна порака. Отсега натаму, што и да ми се случи, знајте дека како и секогаш, јас сум со иранскиот народ до последниот здив“, напиша таа во саботата навечер.

Актерката последните недели силно го критикуваше задушувањето на протестното движење, обвинувајќи ги властите за убивање деца и млади луѓе за време на протестите.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Hengameh Ghaziani (@hengamehghaziani)

Иранското правосудство вчера соопшти дека ја повикало актерката, како и седум други личности од светот на филмот, политиката и спортот, поради објавување „провокативна“ содржина за поддршка на протестното движење.