Шест филма од современата иранска кинематографија, снимени од 2005 до 2014 година, ќе бидат прикажани во Кинотеката на Македонија од 22 до 27 јануари.
Филмската ревија в понеделник ќе почне со „Слаткиот вкус на имагинацијата“ во режија на Камал Табризи, а во наредните денови со почеток во 20 часот ќе бидат прикажани и: „Еднаш, љубов и предавство“ во режија на Давуд Бидел; „Базен за сликање“ на Мазиар Мири; „Сосема сам“ во режија на Ехсан Абдипур; „Коцка шеќер“ на Реза Миикарими, кој е режисер и на последниот филм од програмата – „Толку блиску, а толку далеку“ на 27 јануари.
Кинотеката соопшти дека програмата се реализира со помош на Амбасадата на Исламска Република Иран во Скопје во чија селекција се и филмовите. Влезот за проекциите е бесплатен.
„Иранската е една од најистакнатите светски кинематографии. Иранските филмови се препознатливи по својот реализам, непретенциозност и едноставност во изразот. Но, преку тие навидум мали приказни се рефлeктира не само иранското општество, туку и некои универзални човекови дилеми. Такви се и филмовите од оваа селекција. Тоа се филмски наслови од поновата иранска продукција, од признати ирански режисери, директори на фотографија и познати актерски имиња кои имаат значајно место во светската кинематографија и имаат освоено голем број фестивалски награди“, соопшти Кинотеката на Македонија.