„Во делот на зелено и социјално претприемништво, работиме и со школи. Многу сакаме младите наместо да учат од примери како „Мекдоналдс“ и „Старбакс“ – да работат на зелени и социјални претпријатија. Друго, има еден воз во Франција, кој сега ќе се води како кооператива, а го покренуваат граѓани: од Бордо до Лион. Тој е владеен од граѓаните и ќе биде со фер наплатна карта. Пример е како транспортот, или мобилноста на луѓето, е социјално прашање и може да биде основата за покренување на социјално претпријатие. Зошто децата да не учат за возот што го менаџираат самите граѓани, туку да учат за некоја голема корпорација која ја загадува природата?“, вели Ирина Јаневска од Здружението за социјални иновации АРНО во интервју со Радио МОФ.
Jаневска често, како од пушка зборува за социјалното и зелено претриемништво. Може да говори со часови. Нон-стоп. Тоа и е „слабост“. Ама тоа и го живее, работи, лобира, пренесува и до младите генерации. За бизниси поврзани со филантропија, со човекољубие, или бизниси кои имаат повисока цел од остварување профит.
Затоа, често ќе ја најдете на саем за социјално претприемништво. Ќе ја најдете и како ги презентира „Зелените идеи“ што станаа претпознатлив белег на АРНО. Исто така, како го промовира проектот „Coolinari“, инициран во 2013 година, добитник на награди и признанија за неговото влијание врз стручното образование и социјалната економија.
Јаневска пред Нова година беше говорник и на еден јубилеен настан: 10-годишнината на АРНО, организација каде нејзиното име е врежано како основач и претседател.
„Десет години АРНО за мене значи.. многу нешта! АРНО ми даде шанса да правам директни интервенции во општеството, онака како ќе ги замислам, во оригинален формат. Цел живот сум во граѓански сектор, уште од 16 години по мали и големи фондации, а на 21 година работев и во UN. Но, кога требаше да се направи АРНО, тогаш беше момент ‘да се биде или не’. Бидејќи знаев дека ќе треба влог без резерви“, раскажува Јаневска.
Таквото вложување, секако зема и жртва. Најчесто тоа е приватниот живот, слободното време, па затоа претседателката на АРНО вели дека самата организација ја користи како контрааргумент во муабети од типот „Еј, вие невладините уживате, само си шетате“.
„Напротив, воопшто не е ‘шетање’. Кога патуваме, дома се насобира работата. Нема две лица да ја работат, треба истиот човек да се клонира. АРНО значи многу работа. Некогаш тоа значи поддршка од фамилијата, или конфликт, кој не секогаш е лош. Кога им докажуваш на твоите родители зошто го правиш тоа што го правиш, така си потврдуваш и себеси. Потврда за работата се и многуте приказни, микро приказни, особено со младите од школите. Исто и со малите бизниси и еволуцијата на зелената мисла“, потенцира таа.
„Млади креатори на столетието“
АРНО неодамна беше добитник на наградата „Млади креатори на столетието“ на Третиот светски конгрес на претприемачи во Дубровник. Наградата била изненадување и за самото Здружение. Првин им стигнале неколку мејлови кои ги окарактеризирале како „спам“, пишувани на хрватски јазик, па ги игнорирале. После ја „гуглале“ и сфатиле дека се работи за сериозна награда.
„Призниeто дојде од регионот, а никогаш не сме добиле таква награда во Македонија, што значи – некому сме видливи. Уште не знаеме кој не’ номинирал. Убаво беше искуството и за вмрежување, да излеземе од ‘меурот’, затоа што имаше фирми што не дошле само за да се сликаат на црвен тепих. Имаше и прогресивни идеи. Пример, човек од Словенија кој направил фабрика за микрочипови, а сега е милионски бизнис. Некој почнал од гаража, во Словенија, па направил добробит преку претприемништво… Имаше и девојка што изгубила мајка, доживеала тешка животна приказна, но со волја и работа потоа на 22 години станала директорка на фармацевтска куќа“, раскажува таа.
Искуствата се секогаш добредојдени, носат свежина и нова перспектива, но, како АРНО како „млади креатори на столетието“ се снаоѓаат во Македонија, особено во полето на социјалното и зеленото претприемништво? Тоа, вели Јаневска, се менувало низ годините. Постои еволуција на свеста.
„Во 2015 кога прв пат го организиравме ‘Зелени идеи’, без разлика што опишавме што се’ спаѓа во зелени бизнис идеи, сепак луѓето си буџетираа бензин, пластеници, пластични чашки… Постоеше многу малку свест. Оттогаш свеста и знаењето пораснаа. Тоа е едниот аспект. Другиот, она што се’ уште е предизвик, е да се реши формулата на претприемништво, односно дали има пазарна логика. Многу наши креативни сограѓани сакаат да направат нешто, често се заљубуваат во своите идеи, но не гледаат дали тоа може да опстои на домашен пазар, па и регионален“, потенцира Јаневска.
Тоа значи уште работа, работа и работа. Едукација, што е она добро за природата? Што се обновливи, а што се необновливи ресурси? Пример, лани имало интересен настан за почва кој направил „бум“ бидејќи сфатиле дека многу малку се зборува за почва, иако Македонија се дефинира како аграрна земја.
„Почвата е еден од најтешко обновливите ресурси и со неа треба да се однесуваме многу внимателно“, потенцира таа.
За социјалното претприемништво, смета Јаневска, не се единствените играчи за да си ги препишат заслугите, ама се важна алка од тој процес, за да им се доближи концептот до граѓаните, да им се даде шанса за интеграција.
„Не го милувам премногу тој НГО термин ‘интеграција’. Има луѓе што флертуваат со концептот, затоа што, едноставно, сакаат да си направат бизнис и да излезат на пазар, па во последен момент во описот на бизнисот ќе си додадат: ‘вработуваме стечаец или самохрана мајка’. Ние се бориме против тоа. Сакаме бизнис моделите да доаѓаат изворно, органски, не само поради флерт со концептот. Од друга страна, постојат и граѓани што го препознаваат социјалното претприемништво како шанса за некаква работна интеграција, да направат нешто корисно и да извадат парче леб. Во меѓувреме работиме и со школите, гледаме на младите да им го доловиме социјалното претприемништво, да не помагаат само ‘некаде далеку’, туку пред се’, да помагаат на своите заедници“, нагласува Јаневска.
Излез од комфор зоната
Вечното прашање во невладиниот сектор е како да се биде самоодржлив. Притоа, да се излезе од маѓепсаниот круг на донатори и проекти, кога организациите во страв да не стават клуч на врата се шалтаат од една до друга тема – од демократија, женски права, преку екологија до медиумска писменост – но притоа го губат контактот со реалноста, активистичкиот дух и потребите на локалната заедница. Со тоа, општеството се врти во круг, заглавено во сопствената неумешност да си помогне себеси.
За Јаневска нема сомнеж дека е потребно вртење кон претприемачкиот модел отколку кон НГО-пристапот со донаторски повици. Но, за тоа треба храброст и излегување од комфор зоната. Постојана едукација и борба.
„Кога излегуваш на пазарот, гледаш цени, гледаш се појавила конкуренција… Тоа Е излез од кругот, ама не е лесниот излез. Воопшто не е пократкиот пат. Треба да се смени ‘мајндсетот’. Сега многу ми се допаѓа што се појавуваат хабови, од напуштени простори се прават младински центри… Тоа функционира во странство, а е некаков приход. Пример, во Литванија поранешен затвор беше претворен во место за креативни индустрии, пред се’, но внатре има и невладини, кои можеби се занимаваат и со човекови права, со луѓе лишени од затвор и сл. Свиреа и метал бендови, имаше тура низ затворот која се наплаќа и веројатно е економска активност од која некој живее“, потенцира Јаневска.
Така да, социјалното претприемништво може да е излез, опција за многу невладини, но, нагласува таа, комплетно треба да се напуштат навиките дека „доаѓам од 9 до 5 на работа, отворам компјутер и пишувам извештајче“.
„Значи, социјалното претприемништво е бизнис-ориентирано. Треба да се впуштиме во свет каде, едноставно, купувачот ги дава главните информации за тоа каков треба да биде твојот производ и услуга. Во Литванија видов и сувенири, културни хабови… се’ што ги интересира младите. Секоја младинска организација може да најде барем еден свој производ или услуга што ќе го наплаќа. И, така младите повеќе ќе го ценат својот труд. Плус, треба да се развива свест за помош кон другите, филантропија, тоа чувство некогаш се заборава“, забележува претставничката на АРНО.
Што е со Законот за социјално претприемништво?
Долги години се зборува за Законот за социјално претприемништво. На прашањето колку тој може да помогне во целава оваа проблематика, Јаневска вели дека досега беше статус кво, немавме закон, па се’ од тука натаму е нешто ново, вреди да се проба дали нешто ќе промени. Но, нема на сите да им одговараат условите, бидејќи во самиот закон е предвидено сертифицирање.
„За да се сертифицираш, пример, ќе треба да докажеш колку имаш вработено лица од ранливи категории. Значи, ќе треба некаква документација, не е така либерален процес каде секој би се сертифицирал. Претпоставувам, повторно ќе постојат предизвици. Таа сертификација нема да значи ништо ако немаш квалитетен производ и услуга за пазарот. Но, ако имаат, тогаш општините и фирмите преку листа на социјални претпријатија ќе можат да купат новогодишни подароци, или пример ќе дознаат дека ‘Далјан’ е хотел управуван од Национален сојуз на глуви и наглуви лица. Така ќе добијат видливост“, посочува Јаневска.
Тоа за неа, е мала промена од овој статус кво, бидејќи, вели таа, без законот работите си течат нерегулирано, па гледаме до каде сме…
„Не сум оптимист дека преку ноќ ќе сменат работите, ама Законот би дал дефиниција, ќе искристализира некои работи, ќе им објасни на луѓето и на невладините дека, пример, не може да бидат социјално претпријатие ако имаат буџет од 300.000, а продале три парчиња обетки. Не е здраво така да мислиме. Не е претприемнички, така самите се лажеме. Така да, би се отворил простор да се појават поискрени луѓе што навистина имаат проблем со работна интеграција“, нагласува таа.
Како младите да помагаат и станат поодговорни кон колективот?
Каде се младите во приказната? Како младите да станат поактивни, посолидарни, поодговорни и да се грижат за колективот, а не само за „индивидуално право“ кое не решава заеднички проблеми?
„Треба да видиме како стигнавме до тука, за да знаеме како од тука понатаму. Младите се само продукт во времето во кое живеат. Не се тие виновни, но треба да се работи со нив на индивидуално ниво. Како? Не знам. Еве и Светски економски форум се труди да даде некои насоки. Ама, нема формула како да ги вратиме луѓето во колектив. Се’ е толку индивидуално, што тоа се чувствува и во граѓанскиот сектор. Никогаш не било вака и тој индивидуализам да биде толку застапен, да се сака да се работи сам, од дома… Поентата на работа во здружение е работа на терен, директно да се видиш со луѓе, да помагаш, мобилизираш заедници. Од дома, тешко оди тој ‘активизам на клик’. Нема поента, бидејќи така не се гради колектив. И самата онлајн заедница е дискутабилно колку има кохезија“, забележува Јанева.
Можеби, вели таа, потребно е да се пробува нешто интергенерациско. Се присетува на проект каде млади луѓе учат возрасни лица како да користат социјални мрежи за да се гледаат со своите ќерки и внуци што живеат во дијаспората. На сметка на тоа, старите лица ги учат како да сошијат копче, или како да зготват храна.
„Навистина треба да се работи на тој интергенерациски јаз. Ама, многу пооргански, не со проповедање. Бидејќи, колку сме повокални, толку повеќе младите се повлекуваат. Ова е светски феномен. И, треба да им се даде шанса да имаат повеќе одговорност. Да сносат одговорност за своите дела, бидејќи никогаш нема да биде како што е во моментов, ќе мора да дојде смена на генерации и тие да понесат одговорност, инаку нема да постојат некои работи. Ќе ги снема. Јас на работа им велам дека ако сега не се изградите за некој од вас за 10 години да ја води АРНО – нема да постои АРНО – нема да постои вашето работно место. Толку е едноставно“, децидна е Јаневска.
***
Мотото на сајтот на организацијата на Јаневска е „Ние сме АРНО, правме добро“. Тоа дава надеж дека преку преку АРНО, и преку слични организации, активисти, креативци, ентузијасти, претприемачи, правачи на добро – би се градел колектив. Заеднички.
„АРНО го претставуваат сите добри луѓе, а низ овие 10 години можат да се издвојат оние што биле во самата ДНК на организацијата. АРНО е и Вјоса, АРНО е и Кате, Маријан, Александар, Симона, Данче, другата Симона, Антонио… сигурно некој заборавам… Тука се и сите консултатни што ни помагаат да ги подобриме зелените идеи. Сите ментори. АРНО се и сите професори и ученици кои учат за социјално претпримеништво и сите што имаат придонесено да се прави добро. Значи, АРНО се сите добри граѓани кои помогнале низ годините да се реализираат и малите, и големите работи. Тоа е одговорност, на сите нас“, констатира Јаневска.
Бојан Шашевски