Пред салата за седница на Општина Центар, утре (сабота, 6 ноември) од 12 часот ќе биде отворена изложбата „Современи (не)демократии – Исчезнување на јавниот човек“, која е базирана на истражување од Јана Брсакоска, Ивана Васева, Филип Јовановски, Кристијан Караџовски и Наум Трајановски.
По изложбата, на истата локација ќе се одржи и јавната дебата АКТО Агора, со почеток 13 часот, на која гостуваат Бекир Адеми (архитект); Дивна Пенчиќ (професорка на Архитектонски факултет); Кочо Андоновски (активист, програмски директор на ЛГБТИ Центар за поддршка), Филип Стојановски (активист).
„Изложбата на постери ги прикажува некои од позначајните резимеа на истражувачките процеси, и би требало да посочи зашто и како се случи намалувањето на јавниот простор преку еден конкретен случај – скопскиот плоштад, како најизразено и највидно место за дебата, но и од друга страна да ја поттикне аргументираната дебата да се врати на правото место. Стеснувањето на јавниот простор води до стеснување или намалување на изразувањето на јавното мислење, а со тоа и намалување на демократијата. Во таа насока, скопскиот плоштад е место на кое државниот, но и приватниот апарат е здружен за поголем или личен профит и каде што правото на говор е насилно одземено во секоја смисла (културолошка, идеолошка, политичка)“, стои во најавата за иложбата.
За дискусијата, пак, стои дека светската пандемија на корона вирусот ја разниша визијата на прогресот во македонското општество.
„Сите сегменти на нашето живеење се погодени од оваа катаклизма, а тоа стана и евидентно од последните локални избори. Народот е истрауматизиран и незадоволен и тоа се манифестира од нивото на комуникација, па сѐ до начините на кои го бара и дава својот глас. Оваа пандемија го истакна и насилното деполитизирање на културата, градено со години, и го посочи коруптивниот дух кој цело време ја разнишува нејзината фрагилна природа. Пандемијата создаде и простор за рефлексија на залудните напори, пропаднатите желби и можните разочарувања на цел еден свет од културни работници. Културата е фрагментирана, девалвирана, во обид за нејзина елитизација. А таа не се произведува половично. За културата и уметноста треба егалитарен систем кој ќе дава еднакви можности за сите и компетитивниот индивидуалистички принцип кон градење на културата треба да се промени од коре“, се вели во најавата.
Овие настани се дел од 16. АКТО Фестивал за современи уметности „Современи (не)демократии“, продуциран од организацијата „Факултет за работи што не се учат – ФР~У“.
АКТО 16 е поддржан од Фондацијата „Хајнрих Бол Штифтунг“, Гете – Институт Скопје, Министерство за култура на Република Северна Македонија, Град Скопје.