Иницијативата на граѓаните исклучени од парно, принудени да плаќаат паушал за греење, најавуваат дека од Порта „Македонија“ каде што досега одржуваа протести, утре напладне ќе се преселат пред Основното јавно обвинителство (ОЈО).
„Eдинствената институција која можеше да му застане на патот на корупмираното судство е ОЈО. Поднесуваме стотици пријави до нив, одржавме 150 редовни протести, дадовме стотици изјави, бевме во многу емисии и секаде тврдевме дека постои криминал. ОЈО се праваше слепо и мртво. Затоа во петок, 2 февруари во 12 часот ќе се собереме пред нивната гробница и ќе ги разбудиме од нашиот збор! УА лопови!“, стои во повикот на иницијативата објавен на Фејсбук.
Инаку, иницијативата на изминативе протести кај Порта „Македонија“ повторно реагираа дека судскиот систем ги изневерил, никој не ги почитува веќе правилата кои се однесуваат на исклучените од парно и укажуваа на бројни неправди во тужбите против нив. Потенцираа дека се немоќни против извршителите за кои рекоа дека за долг од 2.000 денари им одземаат и по 20.000 денари. Истовремено, побараа и Владата да реагира и најде решение за проблемите.